Оди си! (5)

16.05.2015 16:32
Оди си! (5)

„СКОПЈЕ 2014“, НЕ Е ПРОЕКТ ЗА ЗБОГАТУВАЊЕ И ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ


Проектот „Скопје 2014“, Никола, не е збогатување на нашиот идентитет, како што ти и твоите богато наградени подлизурковци тврдите. Тој проект е (1) примарно антиидентитетски, (2) драматичен пример за манифестирање на авторитарна моќ на управување со Државата, (3) планетарно корупциски, (4) траен убиец на сегашни и идни живи луѓе, (5) негација на вековната мултикултурна стварност на Македонија, (6) карикатурален израз на невкус и провинцијализам.

Зошто е антиидентитетски?

Антиидентитетски е затоа што е крадец на туѓи истории. Потиснувач на културната автентичност на македонскиот народ - запрепастувачка квази-културолошка еклектика од хеленизам, староримски фараонизам, француски царизам и неокласицизам, како што повеќе авторитети од областа на архитектурата веќе коментираа. Антиидентитетски е затоа што најуспешните архитектонски дела на нашите најдобри архитекти, изградени во модерен стил во втората половина на 20. век, сраснати со нашиот живот и животот на нашите родители, дарувани естетски и функционални вредности за нас и идните генерации, врежани сеќавања на сите повоени генерации, буквално ги уништи, ги нагрди, ги „кичероса“, ги „гипсира“ и „пластифицира“, ги опкружи со евтина ’рѓосувачка бижутерија. На ред е Градскиот трговскиот центар и ако, не дај боже, останеш на власт уште некоја година, не можеме ниту да претпоставуваме до каде може да стигне лудилото.

Зошто е пример на груба манифестација на авторитарна моќ?

Затоа што за сето тоа ти, Никола, не праша никого. Едноставно, одлучи да им ја украдеш таа идентификација на граѓаните; да им ја избришеш меморијата од детството и заедничкото стареење со сопствениот животен простор; да го елиминираш историскиот континуитет; да збришеш повеќе поврзани векови, без елементарен дијалог за тие постапки, криејќи се зад т.н. „мнозинство гласови“ што си ги добил на избори. И сето тоа, од тебе Никола и твојата партија, најголемите „чувари“ на македонскиот идентитет и култура. За што се работи Никола? Немате абер што значи зборот идентитет, не ви се допаѓа супстанцијата на нашиот вистински идентитет или сте бескрупулозни измамници?

Идентитетот, Никола, истовремено е и историски напластена меморија и тежнеење за постојано потврдување на автентичноста - самоостварување во еден перманентен дијалошки процес со „другите важни“, како на индивидуално така и на општествено ниво. Затоа во себе го вклучува чинот на меѓусебно признавање - признавање на еднакви дигнитети, еднакви права. Ако од некои причини се попречува процесот на перманентно самоостварување, ако нема еднакво признавање на сечиј дигнитет, непречено потврдување на автентичноста на индивидуално ниво и ако таа не се вградува (преку процес на непречен и постојан дијалог) во изградбата на општеството, како и во уредувањето на заедничката животна средина (преку релативно усогласен заеднички проект за подобар живот на индивидуите), конфликтите се неизбежни. Затоа, ниту индивидуалниот, ниту колективниот идентитет не можат да се „испишуваат“ на „Илинденска број 2“, и да им се сервираат на граѓаните дома, или на оние надвор, како готов оброк. Попрецизно кажано, можат, но со зголемување на конфликтноста - не ретко до експлозија во општеството.

Ти, Никола, се декларираш како антикомунист. Манифестираш огромна омраза кон „комуњарите“. Нивното општество не било демократско. Присилно, со невини жртви, го спроведувале нивниот проект. Но, кога виде дека не можеш да ги „протнуваш“ твоите проекти во едно вистински демократско општество, ти почна да нè враќаш кон одамна надживеаното хиерархиско општество. Методите за управување, применувани од владетелите до 18. век ти се сторија поприкладни и за „царистичкиот“ проект „Скопје 2014“ и за царистичкото создавање, истовремено, и нова и постара нација, и за сѐ друго што си наумил.

Да! Комунистите сакаа да ги укинат сите разлики, пред сè, преку укинувањето на приватната сопственост. Да се најде решение за процесот на „постварување“ на луѓето (на нивниот третман како ствари). Да нема класи, сталежи, богати и сиромашни. Знаеме како заврши експериментот за тоа како да се стигне до тој сон. Концентрацијата на моќта во врвот на стварните државни управители поприми митски димензии. Еднаквата партиципација во уредување на општеството, врз основа на еднаквото почитување на секоја личност, се претвори во театар за деца. De facto, сè доаѓаше во вид на директиви и инструкции од „врвот“. Се роди новата класа - бирократите, кои формално немаа големи лични имоти, но практично располагаа со судбината на мнозинството членови на општеството. Меѓу еднаквите имаше „поеднакви“ и „наједнакви“. И Скопје беше креиран од „наједнаквите“, особено во првите децении на новиот систем, кога јавните дебати беа проформа консултации со „еднаквите“. Сепак, стегите попуштаа. Сè повеќе се почитуваше стручноста. Индивидуалните творци можеа сè послободно да творат и да наметнуваат креации за почит, пред кои политиката на врвот сѐ повеќе потклекнуваше. Така се родија модерните и прекрасни архитектонски решенија: зградата на бившата „Це-Ка“, „Трговскиот центар“, „Универзитетската библиотека“...

Но ти, Никола, нели го мразиш тоа? Зошто ја грабна целата власт? И, покрај другото, лично посака да му го смениш, од темел, ликот на Скопје, кој знае по кој пат во неговата долга и драматична историја; да оставиш симболи на еден нов владетел; да нема ни трага ни глас и од предвоеното и од „комунистичкото Скопје“. Да ја избришеш целокупната лична и колективна идентификација со него на многу генерации - негови жители. Зошто си се напизмил, од чудни лични фрустрации и болни амбиции, да го суспендираш еднаквото право на неговите жители - преку здрав дијалошки процес, преку водење вистински јавна дебата за ГУП-овите и ДУП-овите (не преку директивите кои му ги даваш на јадниот, кривично заглавен од тебе, Миле) - сите негови жители да партиципираат во уредувањето на својот простор за живеење. Зошто, како вистински земјотрес, го разоруваш постојното, градејќи ново „фараонско“ Скопје, според твојот јаден вкус и матни преокупации? Токму поради постојаните тектонски промени на Скопје, Влада Урошевиќ, по катастрофалниот земјотрес од 1963 година писмено се запраша: „Дали е тоа судбина на една почва, на едно поднебје: постојано да се губи нишката на традицијата, да се нема ништо од она што можело да биде патоказ од вчера кон утре, да се почнува секогаш одново да се гради врз разурнатото?“

Прашањето е секако реторичко, зашто почитуваниот Урошевиќ знае подобро од сите нас дека тоа не е судбина ниту на почвата, ниту на поднебјето. Туку, дека тоа е дело на варвари, стари и нови, на насилници и крадци, на мафијаши и лицемери; дека тоа е дело, произведено од оние за кои големиот Б. Конески пишуваше:

„Спаси ме Боже, од болните луѓе
што се накажани,
та не се криви,
нивната злоба умерено суди ја,
самите од неа одвај се живи...“

Речиси нема релевантен автор од областа на архитектурата и уметноста кој не го констатираше избликот на авторитарност на проектот „Скопје 2014“.

Никос Чаусидис, во неговит труд „Проектот Скопје 2014 - Скица за едно наредно истражување“, покрај другото пишува:

„Скопје отсекогаш бил помалку утилитарен т.е. функционален град, а многу повеќе град - симбол, полн со претенциозност, екстремност и непостојаност. Низ историјата секој го уривал и повторно го градел и тоа не поради него самиот и поради доброто на граѓаните, туку како симбол на својата доминација врз овој град и овој дел од Балканот: Римјани, Византијци, Османлии, Срби, Бугари, комунисти, Југословени... „овие последниве“, па и „оние пред нив“... „Секогаш низ изминатите векови страдаа скопските градби, поради тоа што не беа доживувани како утилитарни објекти, туку како симболи... „Уривани биле од новите господари затоа што ги потсетувале на нивните инородни и иноверни претходници“. (Потцртаното е од мене).

Небојша Вилиќ, во својот труд „Архитектура во служба на политичарите: Скопје 2014“, анализирајќи ги стиловите на архитектурата кај секој изграден објект и констатирајќи дека се работи за мешавина на стилови, вели дека идеолошката матрица на овој „архитектонски македонизам“ (така именуван од Васил Иљов и Вангел Божиновски) „излегува од чисто уметнички или културолошки подрачја и длабоко задира во нешто друго - во заслепена авторитаривна моќ на узурпираното ’владеење’ со државата“. (подвлечено од мене).

Затоа, продолжува Вилиќ, „не е случајно што е избрана царистичка логика на уметноста и архитектурата на римската антика: скулптурата и архитектурата мораат да го прикажуваат во глорифицирачки манир Pax Romana, чија заслуга се припишува исклучиво на моќта и авторитетот на царевите. Не е случајно што е одбран токму францускиот барок, а не италијанскиот (кој е врзан за реформација и контра реформација на црквата): од целиот француски барок најдоминантен во скопскиот проект е токму оној од Chateau de Versailles, односно врвот и моќта на Луј 14, нарекуван „крал - на сонцето“. „Неокласицизмот, пак, (продолжува Вилиќ) е од своја страна оној стил кој всушност преку нарачката и подигањето на Триумфалната капија во Париз ја славеше победата на Наполеон Бонапарта: „Портата Македонија“ е пандан на Наполеоновата... бидејќи е подигната, според официјалната изјава на премиерот, по повод дваесетгодишнината од независноста на Републиката. Значи, (заклучува Вилиќ) во сите три случаи се работи за глорификација на царизмот и самиот цар како институција на централизираното општество“.

„Скопје 2014“, Никола, е најкондензираниот израз на твојата авторитарна личност. Најјасно ги отсликува твоите владетелски преокупации. Но, тие преокупации, заедно со амбицијата да бидеш и просветител, се гледаат од сите други твои постапки, така што твојот проект за Македонија, очигледно е грандиозен. Всушност, ти сакаш(е):

(1) да ни ја зголемиш националната гордост, во стилот на рекламниот спот „Верувај во себе, верувај во себе“, сметајќи дека ние Македонците немаме доволно гордост. За да можеме, покрај другото, поодлучно да те следиме;

(2) да ископаш подлабоки корени за нас етничките Македонци, демек ние сме колевката/лулката на светската цивилизација - проекти со кои се бават сите деспоти;

(3) да извршиш промена на нашиот идентитет преку „откривањето“ на нашите досега недоволно познати корени, одејќи до добата на хеленизмот и ампутирајќи ја нашата пан-словенска идентификација - веројатно сметајќи дека таа нема доволно вредност, не е основа за гордеење со нацијата;

(4) да ги зацврстиш врските со црковниот клер, ширејќи ги неговите домени во општеството, како стратегија за долговечно владеење со Македонија, не разбирајќи, пак, дека тоа не ѝ оди во прилог на твојата амбиција цела Македонија да се претвори во образовна и научна лабораторија;

(5) да направиш од Македонија економски рај по секоја цена, без елементарно да знаеш како е можно тоа.

Сите овие големи замисли, скроени по твое, си решил да ги реализираш или со арно или со лошо. Со стап или без стап. Затоа, конечно, улиците на Скопје почнаа да се полнат, а ти, дополнително ги вежбаш и опремуваш полицајците да пукаат.

Иако ги мразиш комунистите, начинот на остварување на проектот „Скопје 2014“ не се разликува од најмарксистичките конверзии на една идеја во ствар - многу дебатирано прашање во марксистичката мисла и воопшто во етичката и политичката философија. Бидејќи, без да се чита теорија, секој медиокритет знае дека идеите може да бидат заменети со други, а лесно поставените спомениците да бидат преместени, затоа пак мислиш дека оние два длабоко забетонирани споменични комплети, кои од карши-карши се довикуваат – „Воинот на коњ“, со фонтаната и придружбата, и комплексот фонтана со скулптурите на Филип и Олимпија кои, всушност, се централните во твојата идеја, како и новоизградените згради се тие што ќе останат засекогаш како „постварување“ на твојата идеја за нашиот ново „откопан“ идентитет и „оплеменета“ култура. На тој начин, всушност, идејата за обликувањето на нацијата и културата, идејата за конечно пронајдениот идентитет станува „стварна ствар“, која ќе ја „допираме“ и „гледаме“ секој ден и ние и идните генерации.

Но, маките со „Скопје 2014“ не завршуваат само со спомнатото. Со него, ти, Никола, направи и други големи штети, непоправливи. Тој стана парадигма и за нешто друго од твоето бескрупулозно владеење.

„Скопје 2014“, истовремено, е и проект за планетарна корупција, демонстрација на највисоки остварувања на урбаната мафија. Феноменот урбана мафија во Македонија, секако, не е твој изум. Нејзиното позначително „товење“ стартува веднаш по паѓањето на „социјалистичкиот систем“ и усвојувањето на првиот закон за градот Скопје и локалните единици, базиран на новиот Устав од 1991 година. Тоа не значи дека елементи на урбана мафија немало и во претходниот систем, но „маките“ на мафијата од тоа време да стекне парцела и маркица според нејзиниот изолиран интерес беа многу поголеми. Во тој период, сепак постоеше план на градот Скопје кој, повеќе или помалку, се почитуваше. Постоеше и јавна професионална установа којашто се грижеше за тоа од повеќе аспекти - Завод за урбанизам и архитектура на град Скопје. Неговата важна и корисна функција беше кастрирана со спомнатиот закон. Со тој закон важни надлежности преминаа во рацете на т.н. градски архитекти. Бидејќи изборот на градските архитекти зависеше од градоначалниците и советите на општините, а тоа значи од политичките партии што победиле на изборите и бидејќи политичките партии си сакаа(т) стопроцентно „наш човек“, а ти Никола најдобро знаеш што значи „наш“ човек, без такви ти не работиш, професионалното планирање и уредување на градовите, значи и на Скопје, одлета во рацете на дунстери (аналфабети за архитектура и урбанизам). Стана жртва на сѐ покорумпираните и сѐ помалку стручните градски архитекти, како и на сѐ покорумпираните градоначалници. Градските и општински советници не беше проблем да се „убедат“ да усвојуваат постојано нови, или постојано да вршат измени на штотуку усвоените планови. Таа работа одеше уште помазно кога ќе се освоеше власта по вертикала - и на општинско и на републичко ниво, затоа што истовремено добивавме и сѐ покорумпирани министри за урбанизам и коалициони влади кои неретко мирот во коалицијата го „држеа“ со „парцелирање“ на „Градежна Македонија“, на аликвотни делови на секоја од своите мафии. Така, чекор по чекор, стигнавме до тебе, наш, „пречесен“ Никола. Од „креираните“ разговори, „снимени и лепени“ од „државните непријатели“ на Македонија цела јавност слушна дека ти го креираш и ГУП-от и ДУП-от на Скопје. Даваш задачи до каде да се премести градежната линија на Скопје; како да се поделат и поврзат парцелите; кому да му се одземе за патот до твојата „сраснатост“ со народот; колкава висина да изнесуваат градбите; кој и чиј објект да биде срушен; каде да се направи парк и фонтана. Секому и пред објавувањето на „креираните и лепени разговори“ - водени меѓу вас, вистинските организирани злосторници против Македонија - му беше јасно дека изгледот на најновото и „најстаро“ Скопје е производ на твојата „мултидимензионална надареност“. Но, не секому му беше јасно која е „вината“ на оние што не ја сакаат Македонија како тебе. Не секому му беше јасно какви партнери се Кондоминас, Субрата Рој, Маноли, грчката фирма „Актор“, кинеската „Синохидро“ и зошто на вашите „објективни“ и компјутеризирани тендери победуваат баш такви партнери. После тие разговори, всушност, целата лаичка јавност ја дозна разликата меѓу термините „донација“, „провизија“, „мито“ и како Заев, според „Центарот за вистина“ на ВМРО-ДПМНЕ, „ги помешал“ тие термини. На сите им стана јасно и зошто носите специјални закони со кои се суспендира јавното огласување за определени зделки со огромни износи на пари, кои без проблем ги гласаат пратениците што си ги претворил во „хипотекарна ствар“, а тие јадни, од љубов кон водачот, свесни за неговата „посветеност“ на Македонија, беспоговорно се ставиле „себеси“ под хипотека. Од тие „креирани“ снимки јавноста ја слушна „клеветата“ против тебе и твоите „постварени“ луѓе и против твоите помагачи во „постврувањето“ на луѓето; разбра за причините поради кои сте прибегнале кон апсење на претседавачот на Советот на општината Центар и за колку пари може да се купи еден општински советник - што „нема“, нели, никаква врска со корупција, градежна мафија, политичка узурпација на власта, со оформувањето на твојот иден дом за живеење и слично, туку дека и тоа било направено само за отстранување на пречките на патот кон „преродбата“. Значи, Никола, ајде да не вртам од околу, да не се служам со алегории, со наводници и слично, туку да кажам директно: твојот политички создател во своите моменти на искреност вели: „Крадевме, ама имаше и за другите“! И, бидејќи никој не го потпрашува, особено од надлежните институции, „а од кого крадевте и од чиј имот и пари им остававте на другите“ ти, Никола, бидејќи се трудиш сѐ да унапредиш, ако некогаш добиеш некој напад на искреност, макар пред твоето огледало во тоалетот на Водно, во Белизе или на некое вистински заслужено место, ќе можеш само да кажеш: „Крадевме и никому ништо не оставивме“! И затоа, покрај сѐ друго, фрлените пари во „Скопје 2014“, согласно нашите габарити, се баснословни. Не се ниту 200, ниту 500 милиони евра, туку далеку, далеку над тоа.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото