МОЛБА ЗА ОСТАВКА НА ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ

16.05.2015 16:09
МОЛБА ЗА ОСТАВКА НА ПРЕМИЕРОТ ГРУЕВСКИ

Премиеру Груевски,
Како родител и граѓанин на Македонија, ве молам да дадете оставка, за иднината на нашите деца!
Вашата оставка ќе покаже одговорност и визија, зашто таа симболично ќе претставува крај на сите поделби во земјава, на „наши“ и „комуњари“, на Македонци и Албанци...
Вашата оставка ќе покаже дека не сме си најголеми душмани едни на други.
Со вашата оставка, ќе затворите едно поглавје во кое ќе остане националистичкото минато, а ќе отворите ново со граѓанска и европска иднина на земјата.
Вашата оставка ќе значи дека ни го враќате назад правото на глас и слободата на говор, зашто верувајте, купената љубов е лажна и изнудена.
Вашата оставка ќе значи дека сте нè ослободиле од заложништвото на дневно-политичките игри.
Вашата оставка и излегување пред лицето на правдата ќе претставува историска лекција за нашите генерации, но и за сите следни генерации дека во Македонија може да има правда. Дека доаѓањето на власт и земањето од заедничкото чекмеџе не смее да помине неказнето.
Со вашата оставка ќе покажете дека не ви е само грижа за фотељата и можното одење в затвор, туку пред сè дека ви е поважна Македонија, нејзините граѓани и нејзините деца, вашите деца.
Оттаму, ве молам, покажете храброст и дадете оставка! Човечки е да се греши, но доблесно е да се признае вината и да се покаже одговорност. Ве молам, најдете го тоа што го изгубивте попат овие 9 години и покажете ни зошто тогаш гласавме за вас! Не е сè во парите и моќта премиеру Груевски, смислата на животот е во човештината и што ќе им оставиме на нашите деца, ама не само на нашите сопствени!

Анонимна граѓанка

Слични содржини

Никола Гелевски
Став

ОкоБоли главаВицФото