„За да ја сакаш својата земја, твојата земја треба да е убава“

18.05.2015 09:20
„За да ја сакаш својата земја, твојата земја треба да е убава“

Аргументот на премиерот дека нема да поднесе оставка затоа што власта ја добил на избори, е аргумент кој не само што ја навредува нашата интелигенција, туку зборува многу за неговата недемократска свест. Имено, предуслов од некого да бараш оставка е тој да е на власт, а на власт се доаѓа по пат на избори. Какви се тие во Македонија, е друга приказна.

Оставка, пак, поднесуваат политичари поради, да го употребам најблагиот термин, нивното, за едно демократско општество, „несоодветно поведение“ (inappropriate behavior). Во македонскиот случај, се работи за поведението откриено со снимките, чија автентичност досега никој не ја порекнал, иако власта вели дека работите се вадени од контекст и монтирани. Јас не знам што точно е монтирано во објавениот разговор помеѓу шефот на кабинетот на премиерот и сопственикот на Канал 5 телевизија (можеби зборот „говедо“?!), но знам дека, од тој ден пред повеќе години, остварено е барањето на власта да ме нема на програмата на оваа телевизија. Со тоа прекршено е моето уставно право на слобода на говор и ограничена е слободата на печатот на новинарите.

Мислам дека со полно право, само за овој случај, можам да барам оставка на шефот на кабинетот на премиерот, а ако бил запознаен со инкриминираното барање, и од самиот премиер. Ова е пример за „несоодветно поведение“ кое, еднаш откриено, политичарите во демократските системи ги принудува да поднесат оставка. Со овој случај, сакав да укажам на потребата да се анализира содржината на снимките. Имено, соочени со конкретните откритија за недолично или криминално поведение, политичарите не би можеле да се бранат со аргументот дека власта ја добиле на избори, па тоа им дозволува да ги ограничуваат правата и слободите на конкретни луѓе.

„Бомбите“ нудат изобилие на примери на злоупотреба на власта во сите области на нашето живеење – судство, администрација, универзитет, бизнис... Сè што е потребно е луѓето во тие институции да се одважат и да прозборат за конкретните примери. Ако карактеристика за неслободните или нелибералните демократии е што, иако има избори, граѓаните, заради недостатокот на граѓански слободи, немаат увид во активностите на оние кои ја практикуваат власта, сега знаеме! На пат сме нашата „празна демократија“ да ја исполниме со демократска содржина која во иднина ќе нè штити од „несоодветното поведение“ на политичарите.

На денешниот митинг сретнавме луѓе од нашата генерација, фини луѓе, пристојни луѓе. Што бараа таму? Како одговор, во воздухот лебдеа зборовите од некоја книга: „За да ја сакаш својата земја, твојата земја треба да е убава“ („In order to love one’s country, one’s country ought to be lovely“).

Извор: Плусинфо, 17.05.2015.
Фотографија: Ванчо Џамбаски