Револуцијата на еден татко

18.05.2015 14:34
Револуцијата на еден татко

Додека некои доцна се будат или чекаат другите да ги ослободат, некој згасна и се ослободи и од средината на неслобода и неморал. Тивко, речиси нечујно и неприметно, мојот татко ја потврди слободата своја, а симболично, истакна колкава е цената на нашата неслобода.

Свесното положување на сопствениот живот е најголема потврда на личната слобода и независност, врвна свест дека работите не се менуваат во термините на ослободување или борба, доколку тоа не извира директно од нас самите, доколку нема свој независен живот, доколку не е сфатено како апсолут кој важи за секого и секаде, нешто што ѝ пркоси на ужасната реалност која ја создадовме.

Додека ние мислиме дека живееме и се бориме, не сфаќаме како само преживуваме и се тркаламе во сопствената мизерија, во константно перпетуирање на истите грешки, на истите компромиси, на лажната надеж дека нешто менуваме или сме промениле. Променети сме само ние, на полошо. се разбира, и си се лажеме дека нешто суштински правиме, менуваме, подобруваме.

Прифативме да живееме во таа лажна состојба, да се тешиме како морало да биде, да чекаме сила и охрабрување едни од други, додека ниту едните, ниту другите не потегнуваат.

Во таа ситуација, татко ми не е починатиот, тој е само животот кој си замина од сите нас, соголувајќи ја нашата умртвеност и заблуди. И да, кога ќе замре духот и разумот на нашите најсветли и најпаметни генерации, кога општеството ќе испушти душа, редно е да си заминат оние ретките кои тој загубен свет го инкарнирале.

Колку ли такви гласни жртви тивко си заминаа од оваа проколната земја?! Научивме ли нешто од нивните битки, од нивната болка, која воопшто не беше само болка за себе?! Некои ми велат: не ја дочека слободата! Сфаќате ли вие дека слободно живееше до самиот крај, дека него слободата го уби, не неслободата?!

Го уби емпатијата, негрижата за себе наспроти заедницата, тоталното отсуство на компромис и непомирливоста со логиките на живите, но неслободни луѓе. Да, нема практичност и прагматичност во таквата борба, можеби нема ни научени лекции или сатисфакции, но некои луѓе не живеат ни за едното, ни за другото, живеат за другите, додека умираат само за себе и за најблиските.

Сепак, има нешто универзално вредно во неговиот живот и неговата смрт. Го испоти и го претвори во месо принципот на Кант, да делува на начин каде максимата на неговите акции ќе постанат универзални. И можеби само во вакви околности човек успева да си ја објасни приказната на Сократ и да разбере зошто го испива отровот наместо да побегне.

Мојот татко можеше да побегне, можеше да се отклони, да се помири, да биде еден од неслободните кои демек живеат за моментот на слобода. Не се ни обиде во тоа, одбра да биде слободен и на овој, и на кој било друг свет.

Ете, треба да е евидентно дека таа желба да се остане слободен, да се избегне бегството, да се абортира излезот, е многу повеќе од една достојна смрт за еден достоинствен живот, туку дека е одбрана на слободата на сите.

Кога еден ден, од тие бројни слободни луѓе ќе научиме дека нивните лични борби, нивната лична посветеност, нивниот дух и знаење, треба да ги преточиме во колективна свест, во вистински институции кои се грижат за човекот и граѓанинот, во праведна правда на која човек ќе може да се повика, можеби ќе почнеме и ние да живееме како слободни луѓе. Не е доволно сите да станеме моралисти, индивидуални демократи во последната минута, зашто така е полесно да го занемариме колективното пропаѓање.

Мојот татко беше праведен и чесен, работлив и посветен, не сакаше ништо повеќе, од праведен систем, каде секоја индвидуа ја ужива својата слобода, но и се бори за туѓата. Никогаш не одеше по краткиот пат, ниту некому порачуваше тој пат да го избере. Го живееше можеби најсилниот принцип на демократијата, а тоа е емпатијата.

Кога болката на еден човек е болка на сите, тогаш правото и борбата на еден, се претвора во право и борба на сите.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Julien Coquentin