Груевизмот метастазира во радикално зло

18.05.2015 15:22
Груевизмот метастазира во радикално зло

Можеби најстрашната метафора на злото во филмската уметност е создадена во филмот „Суштеството“ (The Thing) од Џон Карпентер. Злото во овој култен научно-фантастичен хорор е прикажано како вонземско суштество што случајно паднало од вселената на нашата Мајка Земја, суштество без своја форма и структура, кое се одржува и размножува влегувајќи во други животни, а што е најстрашно – во луѓето. Ова ужасно Суштество паразитира во своите жртви така што ги апсорбира и се претвора во нив, во потполност имитирајќи ги домаќините. Така непрепознаено несопирливо се размножува до апокалиптичниот крај, до заразувањето, метастазирањето и уништувањето на целото човештво. Не се сеќавам дека сум гледал пострашен хорор, кој поуспешно генерира чувство на безнадеж и неминовна пропаст, со заплет што води кон апсолутно неизбежен и ужасен крај, во кој актерите, борејќи се против Суштеството, развиваат френетична параноја и меѓусебна недоверба, зашто се сомневаат дека другите се веќе апсорбирани од екстратерестијалниот паразит. Оваа параноја го гони дејството според својата грозна логика, терајќи ги актерите да се убиваат меѓусебе, убивајќи го Суштеството во себе.

Хоророт „Суштеството“ ми уништи, во далечните осумдесетти, дузина ноќи во предолги, мачни кошмари, но ниту еден од тие кошмари не можеше да го навести кошмарното јаве на груевизмот што го живееме веќе предолги девет години. Токму е неверојатно колку се Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ верна политичка реализација на хоророт на Карпентер, колку се тие вистинското општествено-политичко посуштествување на злото, и отелотворување на нехуманото, неморалното, безмилосното зло, што се шири и владее со истиот паразитски принцип како и „Суштеството“ од култниот хорор. Исто како и вонземјанскиот паразит, и нашево вмровско зло се остварува со навлегување во организмот на општеството и освојување на органите и ткивата на домаќинот, со нивно внатрешно апсорбирање и уништување; значи со потполно истото окупирање на органите на државата и нејзините институции, тие потоа паразитираат со посветено и упорно имитирање на убиениот домаќин! Ужас!

Мимикричниот тоталитаризам или затскриениот фашизам, криптофашизам – како што повеќе пати го нареков, на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, е вистинската општествено-политичка реализација на метафората за радикалното, апсолутното зло, зашто тие ги содржат сите формални, структурни, па и суштински онтолошки својства на смртоносен општествен паразит кој однатре ги уништува државните, но и културните институции на домаќинот, уништувајќи ја и нивната бит, самата идеја поради која настанале, паралелно упорно вампирски имитирајќи го институционалниот поредок што го уништиле! Има ли поужасна судбина за едно општество? Нема! Драматуршки гледано, оваа смрт на општеството е пострашна од надворешната окупација, од митолошкиот потоп или од вселенскиот армагедон, зашто е ова токму она од што Даме Груев најмногу се плашел и гнасел, ова е неговиот УЖАС БЕЗ КРАЈ, бидејќи од аспект на ненадоместивите некрози на културно-идентитетското јадро на нацијата, ова е воедно и неговиот УЖАСЕН КРАЈ.

Драматуршката структура на ликовите и дејството во хоророт „Суштеството“ е идентична со нашата современа општествено-политичка драма. Таа е во својата суштина едноставна, примална, манихејска битка на светлото и темното, доброто и злото, зашто мимикрискиот тоталитаризам на Груевски – како и секој тоталитаризам, впрочем – не остава ниту простор ниту можност за постоење на нешто друго, на било што друго. Груевски, неговото семејство, неговата партија и мафија, се длабоко навлезени во органите и ткивата на државата, тие се веќе едно, па фашистичкиот општествено-политички сингуларитет на власта, тријадата водач-партија-држава, не се само политичка програма или начин на практикување власт, туку се отелотворување и онтолошка реализација на манихејскиот дуализам на Едното кое е спротивставено на сето Друго, на мафијализираната фашистичка партија-држава, од едната страна, и на сите други што ѝ се спротивставуваат, од другата.

Колку и да е параноиден овој вулгаризиран, манихејски дуализам, овој симплифициран биполаризам, ова сведување на комплексното функционирање на општеството на примална варварска или дури биолошка борба до уништување на Едните против Другите, факт е дека секој фашизам, токму заради својата исклучива тоталитарна природа, никогаш не дозволува друг избор. Фашизмот е политичкото Суштество на злото, посуштествување на радикалното зло, па борбата против него е невозможна без манихејска оптика. Кој не го разбира тоа, кој глуми неутралност, нормалност, трета страна, објективна дистанца или некоја друга колаборационистичка, ескапистичка или самозалажувачка ролја, тој е на страната на злото, увидувајќи го тоа или не.

„Суштеството“ од култниот хорор се однесува кон луѓето како кон животен ресурс, како нешто што се освојува, апсорбира и искористува, исто како што и Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат кон Македонија и нејзините граѓани. Тука нема никаква комуникација помеѓу страните: граѓаните се уценуваат и водат на избори влечени за уши и рогови, се манипулираат и експлоатираат, ограбуваат и уништуваат, како да е тоа природно право на посилниот и побезмилосниот, право на надредениот во биолошкиот синџир на исхраната.

Вонземската нехуманост еманира од секој збор и од секоја постапка на Груевски, што е особено изразено во последните крвави настани во Куманово и после нив. Повеќе од јасно е дека целата трагедија е водена од примитивна, мравја мисла, со елементарна дарвинска мотивација, со интелигенција на вирус на ебола, со единствена цел да се предупредат најавените мајски сенародни протести, да се заплаши македонската јавност, да се покаже кучешката ефикасност на режимот во обезбедувањето регионална стабилност, со единствената цел да се одржи во живот Суштеството на злото уште некој ден повеќе. И, конечно, кој ако не радикалното Зло, може по ужасната трагедија на осумте загинати и уште триесетина ранети припадници на полициските единици, по трагедијата на злосторничкото уништување толку животи, да одржи триумфалистички говор во кој се слави сопствената победа и во кој им се заканува на сите граѓани на Републиката (и на светот) дека „сите што ѝ мислат зло на (неговата) Македонија ќе ги снајде истата судбина“!?

Во филмската верзија на борбата со Суштеството, луѓето се сосем на чисто дека со вонземското радикално Зло не се комуницира, ниту се преговара, а уште помалку се повикува на одговорност, совест, милост, моралност или сочувство. Тие со Злото се борат во тегобна, немтурска борба на живот и смрт, со единственото митолошко оружје што го убива Злото – со оган. Во нашиов случај, Злото на измама го присвои монополот на употреба на сила, така што огнот и сите други оружја во земјата се во Негови раце, па Груевски се однесува како насилството да му е природно право, не дозволувајќи до свест да му допре ниту еден човечки збор кој повикува на разум, хуманост, одговорност, совест или сочувство, исто како метафоричкото радикално зло од филмскиот хорор. Затоа, на сите нас што сме решиле да излеземе на 17 мај да протестираме против нелегалниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, кој очигледно метастазира во радикално Зло, во рацете ни е само нашата решителна посветеност на Доброто, нашата упорност и истрајност да се победи Злото, нашата сплотеност и солидарност, и нашата меѓусебна сочувствителност и емпатија. Во манихејската борба помеѓу Доброто и Злото, Доброто се има само себеси. А, треба ли повеќе?

Фотографиите се од филмот The Thing (1982)
Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото