Доста беше клечење пред поезијата

19.05.2015 10:31
Доста беше клечење пред поезијата

Многу е корисно одвреме навреме малку да се затресат (иако со крајна почит) вредните, признати поими и почитта, светите вистини и да се види дали тие сè уште се важечки за нас. На пример, знаеме дека уметноста возвишува, оплеменува, го продуховува човекот; го знаеме тоа толку добро што дојде време да провериме дали уметноста случајно не го понижува или не го обесхрабрува човечкото битие. Кога ќе се случи да одам во музеј, многу повеќе ме интересираат лицата на посетителите отколку оние насликаните. Насликаните лица нè набљудуваат со возвишен мир, додека на живите и стварни лица се гледа нешто грчевито и десператно, лажно и извештачено, нешто што може дури и да згрози некој помалку упатен во тоа. Ах, тие погледи побожни или полни со разбирање, тој напор да се „излезе на крај со нешто“, таа псевдодлабочина поврзана со океанот на псевдовпечатоците, псевдочувствата, псевдосудовите! Џоконда е убава слика, но дали Леонардо да Винчи можел да ги насети грчевите кои ќе ги предизвика таа, во тој случај можеби ќе го уништел насликаното лице, за да го сочува реалното лице.

Истото се случува и во музиката. Добриот концерт е нешто што заслужува почит, меѓутоа често присуствуваме на концерти исполнети со психички и духовни дисонанци кои единствено можат да се поднесат по цена на огромен напор. Ах, оној претенциозен јазик на „познавачите“, ониe елегантни пофалби на елегантните дами, оној егзалтиран јазик на егзалтираните, оној искрен јазик на искрените, оној интелигентен јазик на интелигентните и сите останати јазици на сите останати лица! Зошто човекот кој пие кафе со шлаг секогаш е во својата кожа, додека во обликот на Рихард Штраус веднаш ја губи својата рамнотежа и се претвора во самобендисан и наивец? Работата е сериозна, кога се доведува во сомнеж нашиот однос кон уметноста. Кога во Буенос Аирес се најдов со еден свој земјак, познат пијанист, му реков, без никаква иронична намера, дека неговиот настап го сметам истовремено за штетен и корисен, бидејќи на својот клавир во луѓето повеќе буди дисхармонија отколку хармонија, дека во сето тоа има повеќе снобизам отколку уметност, како и повеќе падови отколку полетувања. Јасно е дека тој чесен и искрен уметник не носи ни најмала вина заради тажниот конечен исход на својата музика туку единственото што може да му се забележи е тоа што како и сите уметници премногу се ангажира во таа нездрава и понижувачка игра, наместо најкатегорично и најенергично да ѝ се спротивстави.

Ако нормалните и интелигентни луѓе за сите останати прашања жално се губат во одредени нешта, тоа значи дека постои нешто лажно и ‘рѓосано во самиот однос кон тие појави. И, навистина – на просторот на уметноста се наталожил голем број апсурди, парадокси, лаги, за тоа да може да се толкува само како некаква фундаментална грешка во нашиот пристап кон тоа нешто. Бидејќи, како, на пример, да се објасни дека пред сликата со потписот на Рафаело се онесвестуваме од воодушевување, а остануваме сосема студени пред копијата, дури и совршена, на истата слика? (Исто е и со дијамантите: имитацијата не вреди ништо, иако оптичкиот ефект е ист.) Како е можно да се воодушевуваме од симфониската поема, голтајќи го во реалноста тоа дело во многу мала мера, а диригентот шегобиец може мирно да го промени редоследот на деловите и во него да внесе туѓи елементи, а никој – освен најдобрите познавачи – да не го забележи тоа? Како да го помириме тој факт со возвишеноста на нашите чувства, огромноста на нашето задоволство и прецизноста што ја бара уметничкото дело? Зошто никој, речиси никој навистина не ги познава најголемите поети, за кои зборуваме толку и со такво воодушевување? Впрочем, зошто на уметничкиот терен на секој чекор се среќаваме со срамната спротивност на чудесните илузии и со многу помалку чудесната реалност? Зошто тонот со кој се пишува критиката и поголемиот дел од она што се пишува за уметноста е толку безнадежно извештачен? Сметам дека е во ред да споменам дека тие прашања не ги поставува некој хипохондрик, непријател на уметноста туку „модернистички“ и „авангарден“ писател, како што во најмала рака ме класифицира критиката.

Најпосле, што се случува? Во својата белешка објавена во La Nacion имав можност да ја истакнам огромната штета која, според моето мислење, на уметниците им го нанесува претераното посветување на „чистата“ естетска вредност, култот „убавото во себе“ и „уметноста самата по себе“. Од истиот извор потекнува и бранот лаги и мистификации во кои се дави потрошувачот на уметноста. Се случува да сме многу суптилни и длабоки во областа на уметноста, а многу наивни и детинести надвор од неа, односно кога станува збор за реакцијата на човекот на музиката, поезијата или сликарството. Не гледаме и упорно се трудиме да не гледаме дека во тие реакции се јавуваат различни фактори од антиестетска и аестетска природа и дека сето тоа не е едноставно, како што изгледа на прв поглед. Сметаме дека ако луѓето одат на концерт тоа го прават заради тоа што ги восхитува делото и дека ако некој поминува часови пред Џоконда тоа го прави бидејќи Џоконда е убава. Оние кои се прават воодушевени ги нарекуваме „снобови“, ги убиваме со тој суров збор, додека целото прашање добива необично едноставно решение врз основа на максимата: „со своето инспиративно пеење поетот го доведува слушателот до восхитување и восхитениот слушател слуша“. Ако дозволите... Таквите поедноставувања се анахрони, заради тоа треба да се продлабочи во состојбата на душата на слушателот на концерт во театарот Колон.

Очигледно е дека ако слушателот располага со некаква просечна музичка култура, одвреме навреме може да чувствува естетско задоволство, дури и духовни емоции, особено кога уметникот му изведува нему, на слушателот, познато дело. Меѓутоа, неговите емоции главно произлегуваат од други, помалку музички извори. Прво, не треба да се заборава дека концертот се одвива во рамки на одреден колектив и дека масата му врши притисок на поединецот. Впрочем, само малубројните луѓе во текот на концертот чувствуваат задоволство на спонтан и индивидуален начин, додека мнозинството малку се досадува. Иако, секој е убеден дека сите уживаат во музиката и дека, според тоа, и тој му се потчинува на општото уживање. На тој начин уживаат сите, иако индивидуално не ужива никој, иако салата се прекршува од аплаузи тоа не значи дека сите се воодушевени туку дека човекот аплаудира затоа што аплаудираат другите и едни со други се принудуваат на воодушевување и, принудувајќи се едни со други, почнуваат да чувствуваат воодушевување. Тоа чувство доаѓа однадвор, го наметнува колективниот механизам; според природата, тоа чувство не го чувствува никој, туку се создава помеѓу сите. Меѓутоа, таквите чувства не смееме воопшто да ги омаловажуваме; бидејќи, ако го земеме предвид фактот дека секоја уметност се остварува во колективна средина, тој факт не смее да се премолчува, со оглед на тоа дека целосно го менува нашето општење со Музите.

Вториот, многу важен фактор може да се нарече „религиски“. Учествуваме во концерт или во поетски рецитал со состојба на духот која повеќе или помалку нè следи во богослужењето. Учествуваме во божествена активност и самиот тој факт ја задоволува нашата желба за сублимација. Така да се каже, невозможно е да се сфати современиот стих кој не сме го простудирале детално, бидејќи има многу такви стихови и никој не си го поставува тоа како задача на себеси. Заради тоа, нашето восхитување е укажување многу поголема чест за неразбирливото и неприфатливото отколку знак за реално разбирање. Поетот е свештеник кој го декламира стихот, го дополнува обредот; и ние го дополнуваме обредот, клечејќи пред поезијата. Третиот фактор е од чисто индивидуална и лична природа. Сите знаат или во најмала рака чувствуваат дека уметникот во одредени нешта доминира над останатите луѓе: заради тоа што е надарен со повисока свест, сензибилност и фантазија, што подобро ги разбира и чувствува. Според тоа, кога го слушаме Шопен, слушаме нешто повеќе, иако, впрочем таа музика малку поинаку нè допира, нè привлекува и интересира како јазик на најразвиеното битие. Тоа интересирање уште повеќе се зголемува кога гледаме како другите, поразвиени луѓе од нас посветуваат внимание. Меѓутоа, ниското во вид на високо почнува да трпи; и, заради тоа е тешко да се донесуваат судови за уметничкото дело, како и дека во тоа можат веднаш да се вклучат сите наши амбиции.

Заради стеснетоста на изразот можам само површно да ги сигнализирам тие фактори, не споменувајќи многу други кои имаат малку заедничко со чистата естетика. Бидејќи, многу сме далеку од онаа непристрасна максима, во согласност со која „поетот со своето пеење го восхитува слушателот и восхитениот слушател слуша“. На тој начин уметноста која ја сметаме, така да се каже, за исклучиво естетско и духовно уживање, во реалноста станува нешто многу понејасно и посложено. Таа е борба на амбициите, речиси религиозен обред, колективна автосугестија, митологизација, спортски натпревар, повремено дури и ментална манија. И, сите тие фактори подеднакво се раководат од реакциите на широката публика и најистенчените познавачи, како и самите уметници, бидејќи никој не може потполно да ги избегне. Ни тука ништо не е чисто; сè е нечисто, сè е мешавина од најразлични елементи и токму таа сјајна нечистост на уметноста мора да ги восхитува оние кои ѝ се посветуваат. Може ли сето тоа да се сведе на „чиста“ естетика и на јалова, празна реторика на темата за „големата уметност“ итн? Како на таков начин можат да се учат децата во училиштата со книжевност или уметност, ако од мали ги навикнуваме на „чиста“ фикција? Нашиот уметнички живот се одвива во атмосфера на вечни лаги и токму заради тоа образованиот слој нема речиси никаков вистински контакт со културата, а сите наши потези во сферата на културата многу повеќе потсетуваат на некаков свечен обред отколку на автентичен духовен соживот. Додека конечно не се одлучиме за отфрлање на илузиите, додека не станеме посвесни за силите кои владејат во нас, додека насликаното лице на Џоконда не стане наше сопствено лице кое се претвора во нешто... во нешто, најпосле, помалку сомнително.

Извор: La Nación (Буенос Аирес), 13. август 1944,

ОкоБоли главаВицФото