Оди си! (7)

19.05.2015 11:46
Оди си! (7)

ОДИ СИ, ЈА УРНИСА ЕКОНОМИЈАТА

 

Некој гадно те излажал Никола, па си поверувал дека си „економист“. Сите лекции од економијата што си ги слушнал, бидејќи ти сам, очигледно, малку си читал, ти се измешани во главата. Ниту еден од економските поими не ти е јасен. И тогаш кога нешто ти е јасно, те совладува твојот инструментален и алчен ум. Те урнисува прашањето на личната корист. Целокупното твое „економско знаење“ се сведува на палирство, и тоа лошо. Значи, Никола, на чело на нашата економија, со тебе како премиер, всушност имаме еден лош, ужасно лош, палир. А палирот е, сите знаат, раководител на една помала група градежни работници, кои изведуваат градежни работи, но со туѓи пари. Интересот на палирот е да има што повеќе градежни објекти, што побргу да ги завршува, зашто од тоа зависат неговите приходи и платите на групата работници што ги ангажирал. Во твојот случај, како главен државен палир, од бројот и вредноста на изградените објекти што ги изведуваш, зависи провизијата на твојата фамилија, бројот и атрактивноста на парцелите, становите, деловниот простор, па дури и цели фирми, како компензација, договорена на билатерална основа, покриена или непокриена со закон и процедури. Зависи и бројот на „фотките“ на кои ќе се појавиш и претставиш како голем „градител“ на Македонија. Палирот не се грижи за парите на инвеститорот. Тоа е грижа на самиот инвеститор. Не се грижи дали градбата е рационална, исплатлива, функционална, естетски соодветна, економична, профитабилна. Важно му е да има што повеќе објекти и тој да биде „исплатен“, подмирен со својот дел. Не помислува дали инвеститирот може да банкротира. Бидејќи, ти, премиер на една влада, кој својата функција во областа на економијата ја сведе на функцијата на еден палир (згора на тоа, како што реков, лош), мотивиран само од личната полза, независно во која форма се остварува - кеш на странски сметки, објекти во натура на фамилијата, или пак повеќе гласачки ливчиња во кутии или во црни вреќи - не ти е грижа дали инвеститорот, во случајот граѓаните на РМ, ќе банкротираат, ниту пак ти е грижа дали и колку изведените објекти ќе ја дехуманизираат животната средина, а на крајот на краиштата и колку ќе траат, во стилот, „држи буре воду, док мајстори оду“, макар и до Белизе.

Во својство на палир, нормално, ти немаш идеологија. Исто како што парите немаат идеологија, односно боја. Важно е да доаѓаат од некаде. Немаш de facto идеологија, но имаш план кој треба да те доведе до повеќе имот на фамилијата, а тоа се прави со што подолго останување на власт, користејќи ги сите средства, вклучително и „фрлање луѓе во ендек“, во зандани, а според последните настани, видовме, и со лесно втурнување на луѓе во смрт.

Во 2006 година твојата наводна идеологија беше да правиш „мала држава“ - мала, но ефикасна администрација, со максимална слобода на функциите на пазарот. Во 2014 администрацијата е дуплирана, со претежно најнекадарниот персонал. Или, како што вели твојата, веќе бивша, министерка за внатрешни работи, Јанкуловска: „Ние ги преполнивме институциите со луѓе што не се за таму“. И, бидејќи палирот не плаќа, туку, во нашиов случај, народот, тоа е можно. И затоа, зошто да се заморуваш со декларираната „идеологија“, ако денот и мигот ти покажал дека таа не ти носи лична материјална полза?

Од 2006 и 2007, започнавте да нè опсипувате со вашата голема приказна за дерегулација на наводно „пререгулираната“ економија. Го позајмивте тој идеолошки шаблон од неолибералите, кој беше особено во мода од доаѓањето на власт на Маргарет Тачер, во Велика Британија и Роналд Реган, во Америка, сè до средината на 2007, кога и на најголемите поддржувачи на таа идеологија, каков што беше, на пример, Ален Гринспен (долгогодишниот шеф на системот на „Федералните резерви на САД“) им стана јасно (пост фестум) дека токму таа идеологија, тој шаблон, таа алатка која најмногу ја славеа најбогатите, е една од големите причини за последната финансиска и економска криза на развиените економии на Западот. Демек, пререгулираната економија ги кочела економските активности. Создавала лоша бизнис клима. Ги тапела индивидуалните поттици и иницијативи. Тој идеолошки конструкт на светските богаташи, некритички прифатен од тебе и твоите полтрони, се сеќаваш, ти и твојот кум сакавте да го протнете и во Законот за банки. Сакавте странските банки, речиси без минимум услови да отвораат свои единици во Македонија - да прибираат депозити, да ги инвестираат каде што ќе посакаат и како сакаат, а речиси вкупните ризици од тоа да паднат на товар на нашите депоненти. Се изнамачивме разуверувајки ве дека така не може, дека не може некој да прибира депозити, да работи со нив, без да има разумно покритие за ризиците. Во тој период како да не разбиравте дека нема нерегулиран пазар, дека не е главниот проблем во квантитетот на регулативата, туку во квалитетот, во погрешно одбраните активности кои се регулираат од државата, како и во нејзината лоша примена. Но, бидејќи ти си само еден екстремен попупистички еклектичар, кај кого е константа само дневно-политичкиот популизам, прокламираната дерегулација беше изгазена од секојдневните измени на законите и носење нови, изведени по експресно брзи постапки, со единствена мотивација - на денот на изборите да донесат повеќе гласови. На тој начин во 2015, наместо до намален товар од „претерана регулатива“ стигнавте до мултиплицирање на регулативата, најчесто на погрешен начин, не ретко за подрачја кои не треба да бидат домен на државна регулација, со екстремно кратки рокови на важење на усвоените закони, зашто секое последователно утро, или месец, тебе лично нешто друго ти се сонило: решението не било доволно политички коруптивно пред изборите кои се одржуваа секоја година од твоето доаѓање на власт; не ви овозможувало слобода во палирската работа; не ви овозможувало приватизација на националните ресурси од страна на фамилијата и вашите клиенти; не ви овозможувало доволно блокирање на опозицијата и доволно простор за манипулација на јавноста; не ви овозможувало доволно одврзани раце за финансиска репресија врз компаниите во случај на нивна непослушност и недоволно издвојување за „големата идеја“ на ВМРО-то; не биле доволно инвентивни во заобиколувањето на суштината на европското законодавство; не ви овозможувале доволно простор за суспендирање на автономијата на универзитетите (само како пример, Законот за високото образование од 2008 до денес од вас е менуван 14 пати, со основната верзија 15 пати); не ви гарантирало дека тендерите за јавните набавки со сигурност ќе стигнат во рацете на „вашите луѓе“, односно, како што велите во транскриптите, до „нашиот човек“, или „ептен нашиот човек“, итн.

Но, „поправката“ и „унапредувањето“ на бизнис климата во Државата не ја оставивте само на законите и подзаконските акти. Од досега објавените транскрипти од опозицијата целата јавност го слушна твојот, и на твоите потрчковци, богат репертоар на секаков вид репресија врз економските субјекти кои не застанувале навреме во редот на послушните: не давале доволно „придонес“ за твојата злосторничка банда за да го „излива“ најновиот профил на „човек“ во Македонија - „ВМРО-ДПМНЕ-овско човече“, кое извршува сѐ што ќе му биде наредено од центарот, без да размислува; не давале доволно за личното богатење на твојата фамилија и политички ородените со тебе; сопствениците на фирмите не ги „мобилизирале“ доволно изнајмените работници да гласаат за вашата партија; сте разбрале (од новите кодоши) дека ја помагале „другата страна“; не се појавиле на вашите партиски собири, согласно приложените списоци итн. Особено по објавувањето на прислушуваните разговори од „непријателите на Македонија“ нема кому не му е јасно како сте го правеле тоа, по чија наредба и колку масовно. Но, ќе цитирам дел од тој ваш богат репертоар за „унапредување“ на бизнис климата во Македонија, дел од таа гнасотија во твоја изведба и изведба на некои од твоите најблиски соработници, кои не смеат да ви бидат ниту простени, ниту заборавени. И, како што дење-ноќе ги цитирате злоделата на „другите“, така и овие ваши злодела треба да бидат цитирани со години - за доброто на сите.

1. Му објаснуваш и му даваш инструкции на твојот (екс) министер за транспорт како да го изврши од тебе смисленото злосторство кон Фиат Цаноски: „Беше овој сега... Бааѓи исплашен, не сум го видел ваков досега... Ми извади разни документи дека е во право... И отприлика му кажав што се забелешките за него. Дека го нема таму жив да се појави“. (Во парламентот, разбираме од следните објаснувања)...

Откако си му рекол, Никола, дека ќе разговараш со Миле, (ти „не лажеш“, нели, „не си бил информиран“ во што е проблемот), му кажуваш на Милета како те молел: „Те молам јави ми се вечер, Рамазан ми е, мирно да спијам, те молам... Ете следните избори нема да се кандидирам, ако сакаш да ти потпишам, на друг ќе ја дадам партијата, на кого сакаш ти“, а ти на сето тоа се кикотиш, Никола. Уживаш во страдањето на човекот. И потоа продолжуваш: „Е, сега, Миле, ти треба да смислиш причина зошто си го држел... демек згрешиле службите, правеле анекс, сум го пуштил во катастар...“ и слични трици.

А, Миле, потоа објаснува како може да го изврши твоето зло. И конечно, следуваат твоите финални инструкции: дали ДУП-от да се измени, дали ГУП-от, или пак двата заедно, за да било посигурно; па парцелата да била „парк со фонтани и други чуда", па да бил објектот сведен на П+2, за да немал исплатливост итн. и, конечно, рушењето да било во понеделник, ден по изборот на твојата нова влада, а ти како голем реформатор, од минута во минута го следиш рушењето на секој столб и механизацијата што се употребува. Ќе кажев срам да ти е Никола, но ти немаш срам. Злосторниците немаат такво чувство.

2. Тука е и твојот кум, Ставревски, кој пред своето „огледало“ глуми загриженост од, како што самиот вели, твоето лудило, но јавно ревносно го брани. Му бара „стручна“ рационализација, најпосветено го реализира, а се труди и да биде креативен, не сакајќи да остане покусо од другите креативни сили на тоа лудило. Тоа, пак, навечер не му пречи, како што пишуваше во неговите колумни на почетокот на мандатот, сè додека ти не му забрани да го прави тоа, на својата ќеркичка да ѝ кажува прикаски за мирен сон. На градоначалникот на Прилеп му дава совети, да издржи во ликвидацијата на сите компании, дуќани, кафулиња кои не се „ваши“, или „доволно ваши“, кажувајќи му: „Марјане, мора да покажеме сила и дека знаеме да ја контролираме состојбата и дека одиме до крај... сега на врат треба да им се стапне и кај што има фирми (на неподобните, се разбира) ќе ми кажеш кои се... фирмите, те молам, ми требаат, кој и како играл“. А Прилепчанецот против другите Прилепчани, кој ќе продолжи да живее во Прилеп, целосно во ваша служба, без мозок, тој луксуз не му треба, јасно резимира: „Значи, стапнување на врат, најздраво што може да биде“. Ставревски: „Ете така. Ти само дај ми го мене“ (списокот на фирмите и кој како „играл“), го завршува разговорот со инструкциите твојот кум, кој сака да те тресне со мобилниот по глава, а нема доблест ниту оставка да си поднесе. Продолжува да живее со лудилото.

3. Твојата десна рака, Мартин Протуѓер, тој што, покрај другото, се заканува дека ќе фрла луѓе во ендек, му вели на министерот за транспорт, Миле Јанакиески: „Има една фирма, „Илинден“, градежна фирма од Струга, асфалтира по налог на Ацо (градоначалник на Охрид во тоа време). „Нека запре, зашто мамицата мамина...“. А, Миле, на штрек, веднаш реагира: „Ќе му се јавам на Раде (тој што се „дрзнал“ да асфалтира). „Јави му се веднаш, кажи му, лути ти се, ќе ти ја е... мајката“, дополнува твојот Суслов. Вистина, Никола, како некој се дрзнал да работи без да ве праша вас?

4. Горан Трајковски, директорот на Управата за јавни приходи, му реферира на незаобиколливот Јанакиески: „Од 24 (фирми, дуќани) на списокот што ми го дале, паднаа осум јаки казни по 4.800 евра и два затворени. Овие четири дуќани што ги спомнуваш кај Циганите во тоа турско мало, тој список никој не им го дал на нашиве. И стори ми абер, дали пак да одиме кај оној Марјан, за контрола“. Значи, Никола, Управата за јавни приходи изрекува даночни казни по список од Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, врши финансиска репресија врз економски субјекти за кои локалните гангстери ви даваат информации дека политички не се со вас. И така се шири најпозитивна бизнис - клима, а обвинувањата од демократската јавност дека ги злоупотребувате институциите за лични и партиски цели ги квалификувате како злонамерни и дело на предавници.

5. Миле Јанакиески бара од Гордана Јанкуловска: „Ангажирај се за таксиво (мисли на такси фирма), сите комуњари во центар ги носеле“ (сака, со својот богат речник, да каже, ги превезувале „туѓите“.) „Како да се ангажираме“, бара појаснување министерката на МВР. „Земи му ја лиценцата“, гангстерски бара нашиот, веќе легендарен, Миле. „Види во Централниот регистер кој е човекот таму, најди го по име, да испитаме“. И овој смртник, Никола, замисли, се дрзнал да заработува за гол живот, без да биде во трајна „координација“ со изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, без дневен извештај кого превезува со своите такси возила?

6. Зоранчо Алексов, поранешниот градоначалник на Штип, бара од твојот братучед Влатко Мијалков: „Роби (сопственикот на “Телекабел“) да го стегнеме на наша страна шефе, многу се прави независен“! Неверојатно, како смеел така да се однесува, нели Никола? Независен! Кој му дозволил да биде „независен“?

Вака, Никола, може да редиме примери - бисери за „унапредување“ на бизнис климата во Македонија до бесконечност, не само од „лепените“, „прелепуваните“ транскрипти на опозицијата, „нелегално стекнати“, туку и бесконечно други, надвор од овие снимените од „соработниците на странските служби“, зашто, сепак, „вистината е како шило“, излегува на виделина, порано или подоцна.

Откако вака, секојдневно, ја „унапредуваше“ бизнис климата во Македонија, да видиме кои се твоите основни стожери на „економската политика“, која си ја купил од некаде, или некој ти ја „утрапил“, за „џабалак“, што би рекол ти самиот.

-Ниски даноци, со еднакви стапки за сите;

-Растечки буџетски дефицити , наводно како кејнсијански одговор за поттикнување на домашната побарувачка, во услови на криза на меѓународните пазари;

-Поттикнување на влез на странски инвестиции во домашната економија - преку примена на модел на брутална дискриминација врз домашните компании;

-Државна интервенција, особено преку исплаќање поголеми износи на субвенции во одделни сектори на економијата, пред сè во секторот на земјоделието;

-Воведување бројни нови неданочни финансиски обврски, заедно со зголемување на износите на поголем дел од постојните, како и пропишување драконски казни за прекршители на прописите за правните и физичките лица чија позадина е: „прикриено“ дополнително оданочување, за да не се наруши прикаската за Македонија - „шампион“ на ниски даноци, како и дисциплинирање и моделирање на „најновиот човек“, „човечето - ВМРО-ДПМНЕ-овче“, човечето кое нема потреба да размислува, туку само да извршува налози и инструкции од „Големиот водач“.

-Зголемување на јавната администрација, наспроти вашата декларирана „партиска доктрина“, примарно мотивирано од следното: (1) да се инсталира нова партиска држава, овој пат зграпчена од ВМРО-ДПМНЕ, која ќе го контролира целокупниот живот во Државата, подобро и поефикасно отколку во комунистичкиот период; (2) да се обезбеди што поголем сигурен контингент изборни гласови за твојата партија; (3) да се создаде впечаток дека успешно ја намалувате стапката на невработеност.

Со твојата пиљарска математика ти, Никола, сметаше дека ниските даноци, влезот на странските инвестиции и зголемената јавна потрошувачка „револуционерно“ ќе го зголемат БДП и вработеноста и дека тоа ќе биде повеќе од доволно да не се креира голем буџетски дефицит, односно дека нема да се појави проблемот со долгот и дека ти слободно ќе можеш да фрлаш неброени пари за промена на идентитетот и историјата на македонскиот народ, парадигматизирано пред со проектот „Скопје 2014“.

Но, пиљарската математика ти се изјалови. За жал, не на твоја штета, туку на штета на Македонија. Зошто?

Ниските даноци, згора на тоа и со еднаква стапка за сите, не си проучил дека не секогаш и не секаде и не во сите опкружувања го даваат тој претпоставен резултат. За тоа има доволно емпириски докази. Прво, таквата даночна политика добива ефект на регресивно оданочување - долната половина од доходната пирамида на населението учествува со повисоки стапки во формирањето на јавните расходи, во споредба со горната половина, особено во споредба со најбогатите. И за тоа има доволно емпириски докази. Дополнителниот профит на најбогатите не оди по автоматизам во инвестиции. Дискриминациите што цело време ги правиш кон компаниите, безбедносните ризици кои ти постојано ги подгреваш, политичките репресии кон непослушните, финансиската репресија која што ти ја применуваш над економските субјекти не плаќајќи ги навреме обврските на државата, како и општо познатото рекетирање на компаниите - за партијата, за џебовите на фамилијата, за религијата, заедно со дневното менување на прописите, го јадат и истиснуваат од домашниот пазар не само дополнителниот, туку и остатокот од профитот. На крајот, таквата даночна политика, заедно со останатото, завршува со зголемување на економската и социјалната нееднаквост во земјата, за што исто така има доволно примери, а сега на тој список се впиша како нов школски пример и Македонија. Зголемувањето пак на економската нееднаквост, возвратно го погодува економскиот раст, зашто влијае на формирање на побарувачка под потенцијално можната, за што исто така има и теоретски и практични примери, повеќе од доволно. Најновата книга, бестселер, на Томас Пикети, покрај другото, зборува и за тоа, а за предупредувањата од тој вид кои безброј пати ги упатуваат Штиглиц, Џефри Сакс и многу други со слично реноме, да не зборуваме.

Идејата дека странските инвеститори ќе ги решат нашите проблеми, особено со твојот пристап, претрпе исто така целосно фијаско. Сонцето не нè огреа ниту од тој столб на твојата економска политика. Договорите што ги склучи со секој од досегашните инвеститори ги прогласи за класифицирана информација. Раздаваш јавни ресурси, а криеш од јавноста која што е нивен сопственик, титулар, под кави услови ги крчмиш нејзините ресурси. Од тие причини не е можно да се пресметаат сите фискални и други трошоци за отворање на едно работно место, но не е тешко сепак да се оцени нивната неприфатлива општествена цена. И оние што се најблаги во оценките на твоите економски политики, од не баш нејасни причини, Светската банка, е констатирано дека тоа се фискално многу скапи работни места. Потроши многу пари и енергија на патувања за да довлечкаш некој од белосветските хохштаплери во земјата: за да се фотографираш и пофалиш дека водиш успешна економска политика. Бездушно се вклучи да им помогнеш на богатите да станат уште побогати, а на нашите сиромашни да им ја заковаш судбината под нивото на потребите за преживување и под нивото на секое човечко достоинство - обезбедувајќи им на првите целосни фискални ослободувања, субвенции од нашите јавни пари, гарантирајќи им дека во Македонија ќе исплаќаат најниски плати во споредба со која било земја во светот. Тој концепт, Никола, е концепт на претворање на Македонија во измеќарска земја, во земја поседувана од други - и, тоа од тебе, „Големиот патриот“ и од твојата партија која што повеќе од дваесет години „бамбори“ за нашите национални интереси, бамбореше за наша национална економија, труби за некаков патриотизам, за на крајот сите да нè заковате во статус на невработени, или наемени работници најниско платени во Европа, а ти се фалиш - пониско и од Кинезите. Кон крајот на минатата година бевте подготвени да им дадете на странците да го откупат и земјиштето по почетна цена од едно евро (а знаеме како ги средувате работите и поради што крајната цена да не биде далеку од почетната), со можност за откуп и на цели ТИРЗ; на Емирот од Катар му доделивте државно одликување, „Орден 8-ми септември“, веројатно поради заслуги за развој на нашата економија и позитивно влијание врз демократските процеси во Македонија; а на семејството на Субрата Рој, му дадовте државјанство, во знак на восхит за измамите во неговата и нашата земја, а можеби и за неговиот поширок придонес во светот. И покрај сите огромни подароци за „странците“, тие не нагрнаа да доаѓаат во Македонија. Напротив, останавме на опашката во најскапаниот регион во Европа и по ова прашање, на коешто ти му посвети голем дел од твојот мандат, а „заработи“ и научна титула - магистер.

Според податоците на „Светска банка“, во регионов во кој живеат 18 милиони жители, а го сочинуваат: Албанија, БИХ, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, во кој од 2009 -2013 година се вложени 21.8 милијарди евра СДИ, Македонија, во вкупното население учествува со околу 11%, а во наведениот износ на странските директни инвестиции само со 6.6%. Според истиот извор, во истиот период, логично со претходното, во Македонија се вложени инвестиции на еден жител од само 700 евра и тој износ е поголем само од износот на еден жител во БИХ. Сликата е следна: Албанија, 1750 евра (околу 2.5 пати повеќе); Црна Гора, 6111 евра (околу 8.5 пати повеќе); Косово, сѐ уште држава во формирање, 1165 евра (над 50% од вложените кај нас); Србија, 1117 евра (исто така околу 50% над вложените во Македонија). Состојбата не се менува ако се дополнат бројките и со податоците за 2014 година. Но, овие разлики се драматично поголеми ако се има предвид колку даночни пари и физички ресурси им подари ти, Никола, односно твојата влада, на оние што „долетаа“ во Македонија, а колку споредбените држави.

Директните државни финансиски интервенции преку буџетот, најмногу сведени на исплати за субвенции на земјоделските производители, не овозможија соодветен поттик на оваа гранка, и покрај позамашната сума, за која велиш дека изнесува над 600 милиони евра во време на твојот мандат. И твојот ДСЗ, со „ептен вашите“ директори, не можеше да го сокрие отсуството на зголемено производство и зголемен број добиток и друга живина и покрај толку големите износи на субвенции. Причините се јасни: субвенциите во најголем дел ги претворивте во зголемена лична потрошувачка на семејствата кои треба да се оддолжат со гласање за твојата партија. Тие станаа претежно субвенции за политичка корупција. Проблемот на инфраструктурна инсуфициентност во земјоделието, од кое зависи потрајното зголемување на производството, не го ни начнавте, а парите отидоа, долгот остана. Доволни се само сликите од овогодишните поплави на илјадници хектари обработливо земјиште само поради затрупаните со смет канали, направени во социјализмот и затрупаните корита на реките и дождовниците, за да разбереме каква е вашата деветгодишна земјоделска политика. Но, евентуалното издвојување пари за наводнување, одводнување и спречување на последици од елементарни непогоди не е поврзано со правење партиски списоци и давање субвенции според такви списоци, па затоа нема приоритет ниту во основната, ниту во надградената програма за преродба.

И, бидејки, во основа, изостана очекуваното позитивно влијание врз економскиот раст од: политиката на ниски даноци, со номинални стапки еднакви за сите, а де факто повисоки за сиромашните; субвенциите во земјоделието; како и од директните странски инвестиции, наспроти очекувањата според твојата пиљарска математика, „наш“ премиеру, изостана и (од твоја страна) очекуваното полнење на државниот буџет. Но, поради твојата патолошка тврдоглавост, несвесност и негрижа за последиците по Државата, алчноста за власт и алчноста за богатење на твојата фамилија, ти реши да ги изградиш сите симболи на твоето безумно владеење, а кусокот пари во буџетот, наместо да го намалуваш со рационализирање на јавните расходи, „храбро“ и „гордо“ секоја година да го пополнуваш со нови и нови задолжувања на граѓаните. Затоа, од година во година ги ѕидаше буџетските дефицити, секогаш поголеми од оние што ги соопштувавте, за на крајот да го дуплираш јавниот долг до точка на перманентна напнатост на ликвидноста на буџетот и сè поголеми неисплатени обврски кон домашниот приватен сектор, поништувајќи ги самите поттици од зголемената јавна потрошувачка. Бидејќи лавовскиот дел од јавните расходи го голташе: безумниот проект „Скопје 2014“; промашениот проект „земјоделски субвенции“; дуплираниот број вработени во јавниот сектор, со тоа и расходите за него; ширењето на правата и опфатот на социјалните корисници пред секои избори; како и посредничките провизии на фамилијата и клиентите за „поддршка“ на власта, не ви остануваа пари за вистински капитални инвестиции, од што зависи стварното влијание на една влада врз зголемување на потенцијалниот раст на една економијата. Ни ја сервиравте само прикаската дека вие усвојувате „развоен“ буџет, каков што дотогаш никој не усвојувал и реализирал. Трици. Од прикаски не се зголемува растот. Со други зборови, зголемените дефицити и оттука зголемениот вкупен јавен долг отидоа во ветер: не само што не го зголемија потенцијалниот раст на македонската економија, туку ѝ натоварија непотребни трошоци, како нов камен на вратот, кои допрва ќе резултираат со зголемени даноци.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото