Се слушаш ли ти што зборуваш, Атанас Кировски?!

20.05.2015 09:20
Се слушаш ли ти што зборуваш, Атанас Кировски?!

Скандалозно е последното однесување на Телма. Тие се однесуваат како нормален медиум во ненормална и забегана земја! Тоа е исто како некој немо да набљудува како некој силува дете во парк! Во моментот кога принципите се прекршени, набљудувачот автоматски престанува да биде тоа и станува соучесник, прашање е само на која страна ќе биде. Aко не се активира, значи го помага чинот на силување, а ако фати да го брани немоќното лице, тој е на исправната страна!

Според логиката на Атанас Кировски, да беше Телма германска телевизија во 1943-та, таа ќе имаше дописник од Аушвиц кој би известувал колку денски се утепани, запалени, силувани, масакрирани, а навечер во Берлин би известувале од митинг на Наци партијата, би земале изјава и од Гебелс и би го прашале кои се целите на митингот, а потоа ќе го пренесат и говорот на Хитлер. И тоа е исправно однесување?

По истата логика, Телма би известувала и во САД пред граѓанската војна, во јужните сојузни држави каде имало робови, и би известувале без чувства, непристрасно, колку робови дента се продале, колку се убиени од мачење, колку се камшикувани, а навечер би биле на коктел со федералистите и би правеле интервју со гувернерот на Луизијана, во кој прашањата ќе бидат информативни без критики и осуда?

Атанас Кировски и Лупевска заговараат новинарство во кое новинарот е во публика и брои кошеви или голови, додека на теренот едните имаат бејзбол палки, а другите се со голи раце, отечени од мавање, а дел и мртви. Новинарот е секогаш на теренот, тој е учесник во натпреварот, тој секогаш е судија и суди според правилата, дели жолти и црвени картони! Разбирате ли Кировски и Лупевска? Каде ви се црвените картони?! За жолти картони веќе времето одамна измина!

Извор: Мактел
Слика: Стјуарт Блек