Оди си! (8)

20.05.2015 15:20
Оди си! (8)

Од наведените причини, економско-социјалната состојба до која нè доведовте во оваа нова ужасна деценија, накусо речено е следната:

1/ ЕКОНОМСКИ РАСТ

Просечната стапка на економски раст во целиот период на економска и политичка транзиција на Македонија е исклучително ниска, со периодични осцилации. Намалувањето на БДП во првите години по падот на еднопартискиот систем беше очекувано, карактеристично речиси за сите екс-социјалистички држави. Но, како се оддалечувавме од граничната година 1990-1991, факторите кои влечеа назад главно исчезнуваа, со што бледнееја и вообичаените изговори зошто бележиме така ниски стапки на раст. Стапката на раст на БДП од 1991-2014 изнесува само 1.25%, просечно годишно. Ако растот се сведе на глава на еден жител, без оглед на малиот пораст на населението, оваа стапка би била дури и пониска и од тоа. Пресметано по одделни периоди, растот се одвивал со следните стапки:


Овој слаб раст ја закова Македонија на дното на Европа. БДП сведен на неговата куповна моќ на еден жител, во 28-те земји членки на ЕУ во 2013 изнесува 26.000 евра, а во 18-те членки на Евро-зоната 28.500 евра. Македонскиот, во споредба со првата група изнесува само 35.7%, а во споредба со втората група само 33.3%. од тоа.

Со години слушаме како Македонија е лидер во регионот, па и во Европа, според економскиот раст. Како и за секоја друга работа, и за оваа бесрамно лажете. Во периодот 2007-2014 Македонија бележи просечен раст од 2.9%. Приближно толкав рааст бележи и Црна Гора; Романија 3.5; Косово 4.3; Молдавија 3.8%. Овој мршав раст од само 2.9% во периодот 2007-2014 го браните со тоа што тој е постигнат во период на финансиска и економска криза во „западните“ економии. Ако се бараат објективни негативни фактори, тогаш такви, со уште полошо влијание, имаше и во другите периоди на „трансформација“ на Македонија, по распаѓањето на бившата СФРЈ. Почетните години беа години на распаѓање на пазарот за кој пред сè беше приспособена македонската економија - пазарот во границите на бившата СФРЈ. Тој период беше следен и од познатите ембарга од Грција кон Македонија и потоа од светот кон Србија, како и со познатите граѓански војни на просторите со кои тргувавме, со големи последици за нашата економија. Освојувањето на власта од денешната опозиција во 2002 година се случи веднаш по меѓуетничкиот судир во Македонија, со последици кои не можеа веднаш да се отстранат. И покрај тоа, ако ги гледаме само бројките, како што ти тоа го правиш, владата на денешната опозиција забележа просечен економски раст од 4.2% во периодот 2002-2006, значи, многу повеќе од твоите 2.9%, Никола, во услови на наследствo од тебе на огромни буџетски дефицити во 2001 и 2002 (-5.9 и -5.2% од БДП). Ниту една влада не беше во позиција и не се обиде да го дуплира јавниот долг како што ти го стори тоа, припишувајќи си, на товар на тоа, некакви градителски способности и умеење да управува со економијата на земјата.

2/ РАСТ БАЗИРАН НА ЗГОЛЕМЕН ДОЛГ И ПОСЕДУВАНОСТ ОД СТРАНЦИ

И овој низок раст, Никола, немаше да се оствари ако драстично не го зголемуваше јавниот долг на Државата. И студентите кои ја минуваат првата година на економските факултети знаат дека ако се зголемуваат јавните расходи, тоа ќе влијае, со некој инкремент, макар еднократно, на зголемување на Бруто домашниот производ. Но, ако зголемувањето на јавните расходи, или нивното одржување на некое ниво не е обезбедено од растот на прибраните даноци и придонеси од приватниот сектор, туку од домашно и странско задолжување, а во исто време тие расходи не придонеле за побрз раст на економијата од растот на долгот, тогаш долгот на државата расте, како процент од БДП. Во 1976 и 1977 поранешната СФРЈ го зголеми надворешниот долг за околу седум милијарди тогашни долари, покачувајки го од околу 13 на нешто над 20 милијарди долари. Доколку не се задолжеше, системот ќе колабираше уште во тоа време. Но, судниот ден сепак стигна, зашто најголемиот дел и од тие пари беа потрошени непродуктивно. „Замачкувањето“ на последиците од твојата неуспешна економска политика, Никола, се случува на сличен начин. Твојата вистинска „вештина“ во водењето на нашата економија народот ќе ја осетеше уште повеќе доколку ти не го дуплираше долгот и не купуваше социјален мир врз основа на кредитно задолжување на Државата. Последиците од тоа допрва ќе стигнат. Во овој момент, има обелоденет „државен долг“ (според вашата редуцирана дефиниција, неспоредлива во меѓународни рамки) во висина од околу 46% од БДП, кој е двојно поголем (исто така како процент од БДП) од оној во 2007 година; има обелоденет Бруто надворешен долг (јавниот, кој не е целосен, и приватниот долг заедно) во висина од 70% од БДП, за разлика од 46% пред твоето доаѓање на власт, Никола. Во овој момент исто така имаме драстично влошена „меѓународна инвестициона позиција“ на Република Македонија: странците имаат портфолио во Македонија во износ од околу 9.4 милијарди евра, а Македонија има портфолио на побарувања од странство во износ од 4.4 милијарди евра (заедно со девизните резерви на Државата, кои се чуваат надвор од земјата). Негативната разлика изнесува близу 5 милијарди евра. За споредба, негативната разлика пред да дојдеш ти, Никола, изнесуваше околу 1.9 милијарди. Особено овој податок покажува дека Македонија станува сè повеќе „поседувана земја“ од странците. И тоа покажува на што се должел и забележаниот минимален раст на економијата.

3/ ЗАОСТАНУВАЊЕ ЗАД ДРУГИТЕ

Ниските стапки на раст доведоа до убедливо назадување на Македонија на светската скала на развиеност. Еве што покажуваат податоците од годишните извештаи на UNDP (HDR), кои се објавуваат веќе четврт век.

 

Според овие податоци произлегува дека најголемото заостанување на Македонија на светската скала на развиеност се случило за време на твојот мандат Никола. Од 2001-2013 загубила 19 места, од 2005-2013 загубила 15 места, а во периодот од 2007-2013 година, 12 места. Овој тренд продолжува бидејќи нашата стапка на раст и натаму е под просечната глобална стапка на раст.

Другите земји во регионот главно го задржале истото место, некои од нив го подобриле или незначително заостанале, со исклучок на Босна и Херцеговина која загубила приближно исто толку позиции колку и Македонија, но знаеме што се случуваше со оваа држава. Ова зборува дека просечниот раст на нашата економија во твојот мандат, Никола, бил значително под просечниот раст на светската економија, што исто така го релативизира твојот аргумент дека ти си постигнувал резултати во услови на криза, бидејќи, знаеме, не беше целиот свет во криза. Значи, Никола, каде е нашето лидерство во регионот? Од која од твоите политики беше најмногу „изедено“?

 

4/ НЕЕДНАКВОСТ

Нискиот раст не е единствениот проблем. Следниот, уште поголем, е лошата дистрибуција на доходот и богатството. Како резултат на твојата „даночна реформа“, на некои политики во определени сегменти на економијата и како резултат на досега незабележаната, по димензии, корупција во државата - го видовме учеството на твојата фамилија и во последново - го живееме периодот на најголемата нееднаквост во диструбуцијата на доходот во седумте децении македонска држава.

Еве некои индикатори, кои нè прават неславни шампиони не само во регионот и Европа, туку и многу пошироко. 

а/Динамика на гини коефициентот за доходната нееднаквост 1/

1/ Што значи Гини коефициентот: ако тој изнесува 0, значи дека сите домаќинства имаат подеднаков доход. Ако изнесува 100, значи дека вкупниот доход го поседува едно домаќинство.

б/Според податоците на SWIID (Стандардизирана светска дата-база за нееднаквост на доход, верзија 4, на Фредерик Солт, само до 2010 година, последни податоци со кои оперира, и според пресметките на одличниот Бранимир Јовановиќ, во Македонија се случува следното.

*Најбогатите 1% од граѓаните во Македонија во 2010 година заработиле огромни 12% од вкупниот доход на Земјата, за разлика од 6% во 2006 година. Тој процент е највисок во регионот: во Србија, Хрватска и Словенија, за истата година, тој процент е 6%. Пошироко во Европа, само во В. Британија тој процент е малку над нашиот, околу 13%, сите други покажуваат помала концентрација во рацете на 1% најбогати. Дуплирањето на процентуалното учество на најбогатите 1% граѓани во вкупниот доход, значи дека во наведениот период две третини (2/3) од растот завршил кај најбогатите, или дека доходот кај овие 1% растел со стапка од 25%, а на останатите 99% со стапка од само 1%. Многу различно од оваа динамика, во периодот од 1996-2006 година доходот на најбогатите 1% се зголемувал со стапка од 4%, а на остатокот од 99%, со стапка од 2.5%.

Б. Јовановиќ илустративно и убедливо посочува натамошно зголемување на нееднаквоста и во периодот 2010-2014. Констатирајќи, точно, дека економскиот раст во овој период речиси целосно се должи на растот на градежништвото (проектот, „Скопје 2014“) и растот на индустријата (странски инвестиции), ги наведува податоците за распределбата на доходот меѓу капиталот и трудот, поентирајќи: вкупните средства кои завршиле во рацете на работниците во овој период пораснале за 25%, а во индустријата за 10%, додека пак вкупниот профит на сопствениците на капиталот во градежништвото се зголемил за 90%, а во индустријата за 100%.

Ако претпоставиме дека и во периодот 2010-2015 се одвива истата прогресија на толку различно зголемување на доходот на двете наведени групации (1-от процент, наспроти 99-те проценти), а трендовите ни даваат за право да веруваме во тоа, во 2015-2016 година можно е податоците да покажат дека најбогатите 1% располагаат со 20-24% од вкупниот доход во земјата. Практично, тоа би значело: 1% најбогати, или 20.660 лица од вкупниот број жители на Македонија (2.066.000 жители, последна бројка на ДСЗ), би располагале со 1.7 - 2.04 милијарди евра доход, имајќи предвид дека вкупниот БДП изнесува околу 8.5 милијарди евра. Тоа значи дека во просек секој поединец од овие 1% (или 20.066 жители) би поседувал од 81.000 до 100.000 евра годишно, а „остатокот“ поединци што ги чинат 99-те %, или 2.045.000, би имале во просек само по 3.160 до 3.370 евра годишно. Првите би располагале со 6.750 до 8.333 евра месечно, а вторите со 263 до 280 евра месечно. Но, имајте во вид дека зборуваме за просечен доход на 1-от процент богати и просечен доход на „останатите“ 99 проценти од населението. Колкави ли се другите разлики?

5/ СИРОМАШТИЈА

в/ Ниските стапки на раст, високата невработеност и драматично нееднаквата дистрибуција на доходот резултираат со висока стапка на сиромаштија. Еве како изгледа Македонија, кога е во прашање сиромаштијата, споредена со некои земји од соседството и регионот.

Сиромашно и екстремно сиромашно население*

*Според дефиниција на Светска Банка

 

Население кое живее под линијата на сиромаштија




Од податоците за растот, за дистрибуцијата на доходот и за нееднаквоста може да резимираме:


-Македонија тоне на скалата на развиеност во светски рамки. Изгубила 19 места од 2001 до 2013, а најмногу од тоа во времето на оваа влада, од 69 на 84 место, или за 15 места;
-Македонија останува меѓу трите најнеразвиени држави во Европа, заедно со Косово, како новосоздадена држава, и Албанија;
-Македонија стигнала до стапки со најголема нееднаквост во Европа и се вклучува во клубот на земји со најголема нееднаквост во светот. Најголемото продлабочување на јазот на нееднаквоста исто така се случува за време на денешнава влада - твојата, Никола;
-Македонија го зазеде првото место по стапката на сиромаштија во Европа;
-Македонија и натаму има највисока стапка на невработеност во Европа. Прикаските за тоа дека сте отвориле 120.000 работни места се бајки за деца. Процентот за невработените, добиен според анкетата на ДСЗ, кој покажува нејзино намалување од 36 на 27% е резултат на: трансферот на вработените од неформалниот во формалниот сектор, значи само на прекатегоризација на исти лица; големото иселување (и на вработени, но и на невработени (за што нема статистика) во последните десет години; на забавената стапка на прираст во работоспособното население; како и на дуплирањето на вработените во јавниот сектор. Кога вистина би се работело за толку многу нови отворени места, како што велите вие од оваа полудена влада, тогаш растот на БДП не би бил толку скромен.

Значи, Никола, основни показатели за твојот (не)успех се наведените, а не, на пример, 3.375-те, или 4.375-те реализирани проекти, меѓу кои 123 или 223 спортски игралишта, 150 или 200 километри асфалт со дебелина некаде од три сантиметри, некаде со 4 или 5, купените апарати за магнетна резонанца, поделените субвенции од над 600 милиони евра, покачените пензии и плати на јавниот сектор, 4-те или наскоро заокружените 10 економско-технолошки индустриски зони и да не набројувам, а сето тоа направено од зголемен долг на државата. Да е така како што ти велиш, егзодусот на населението би прекинал, или драстично би се намалил, а над 80% од младите не би размислувале да ја напуштат земјата. И затоа, оди си!, Никола.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел
Кон седмиот дел

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото