Каде стоиш додека го создаваш своето дело?

21.05.2015 03:13
Каде стоиш додека го создаваш своето дело?

Ние со децении на часовите по книжевност во транс им повторуваме на нашите студенти една востановена мантра, дека имаме најдобра литература во светот. Па сепак, кога ќе го отворат светскиот канон, нашите студенти гледаат дека нашата литература никаде ја нема; значи, ние ги лажеме. При што светскиот канон не ни е виновен заради тоа што нас нè нема во него. Тие едвај чекаат литература што ќе биде универзално прифатена, за да може да ја продаваат и да ја проучуваат. Кога на часовите по книжевност ќе добијам прашање: „Зoшто да го читам Коле Неделковски, а не Виктор Иго“, признавам дека немам естетски, имам само национален одговор. Но, на моите студенти таков не им треба. Тие веќе доаѓаат како носители на оваа култура, не им треба некој дополнително да им го набива националното на нос. Тие само искрено прашуваат дали постои Македонец што ќе ги натера да не спијат до пет изутрина, како што не спијат заради Достоевски. Што би им одговориле вие?

Кога читам дека причината што нè нема во светскиот канон е дека не сме адекватно преведени, тоа просто не е точно. Сите позначајни поети од првите пет поетски генерации во Македонија се преведени барем на српски и на словенечки, а со одделни опуси и на англиски, германски, француски, руски. Тоа е доволно за некаков почеток, па сепак ние не комуницираме со светот. Ова важи донекаде и за прозата, со таа ограда дека прозата е „покабаста“, па технички е покомплицирана за превод. Но, многу од најзначајните македонски писатели се преведени во странство, некогаш и со повеќе изданија, а и со подновени преводи. Па, сепак тие не комуницираат со светот.

И кога велиме дека светот не нè прифаќа затоа што сме мала култура, тоа е, исто така, неточно. Барем половина од најдобрите светски опуси се родени во агоничната битка со големите јазици и сцени. Кафка е еден пример – прашки Евреин кој зборувал германски, кажете ми на која сцена по автоматизам ѝ припаѓал, на австроунгарската, на еврејската, или на германската? Со која култура можел да се идентификува за светскиот канон да го прифати? Работата е дека Кафка пишувал како раштрафувач на идеологиите, на системите, на вредностите, на големите јазици и култури, работел како куче што копа дупка, како стаорец што прави дувло. Кај нас сите сè уште пишуваат како шрафчиња од колективната машинерија, во занесот и екстазата од колективната глупост. Така навистина ќе успеете да ве бројат како шрафче, но само во вашата книжевност: за светот сепак ќе ви треба нешто повеќе. Кафка во едно писмо вели: „Само малата книжевност е способна да ја преработи постоечката граѓа“. Кафка вели дека големите автори може да дојдат само од малите книжевности. Ако речникот ви е скуден, направете го да трепери. Интензивирајте го. Џојс, Бекет и многу други ги напуштале своите матични, големи јазици и култури и се префрлувале во други, каде што биле едвај номади; свесно оделе во сферите што не ги владеат; таму имале посиромашен израз, но добивале можност да играат на „затегнатото јаже“ на немоста, за да кажат нешто важно.

Малата книжевност е предност, не е мана. Таа може да го револуционаризира изразот, да каже работи што „утабаната“ култура веќе не може да ги каже. Малата култура во старт е веќе повластена. На голем јазик, денес, може перфектно само уште да опишете неделен ручек, бебе украдено од колепка, да сместите политичка фигура во некоја трилер-заврзлама, но на малите јазици сè уште имате нечуени можности за преврат. Секој јазик произведува смисла само ако избие од самиот себеси, кога ќе се скараат јазикот со забите, кога ќе се скараат јадењето со зборувањето. Има извесна неспоивост помеѓу јадењето и пишувањето. Кај нас се пишува како кога се ждере. Ние немаме светски вредности, затоа што целата литература ни е составена од: „о мамо“, „о доме“, „о земјо“, сето е: „лалала“ или: „лелеле“. Тоа е ужас од колективното „дерење и ждерење“. Кој сака да направи разлика во светскиот канон, мора да произведе зборови што ќе може да се натпреваруваат со храната, да ве остават гладен до пет изутрина, како што мене ме остава Бекет, како што моите студенти би го трампале последниот колбас за Шекспир. Тоа е суров натпревар, но тој не е политички, тој е интимен натпревар и тој е валиден од античките времиња до денес; така се создава светскиот канон.

Нашиот проблем, проблемот кој се вика „невидливост на македонската книжевност во светот“, „македонскиот неквалитет“, „естетската минорност“ се состои од фактот дека ние и не знаеме да пишуваме освен во занаетчиски цели. Тоа и не е секогаш погрешно, но тогаш барем да не се лажеме дека сме голема книжевност. Ние во сите 45 години комунистичка Македонија не успеавме да напишеме ниедна книга што класично ќе биде цензурирана. Не е финтата да пишувате наменски дисидентска литература. Ние и тогаш не знаевме да напишеме книга што ќе „избие“ од мрежата на соседските очи, од вреднувањето што го очекувам од теткицата од самопослуга, камо ли од некрунисаниот владетел на мојата културна каса. Нема таква литература, а да биде врвна. Затоа нам ни некогаш, а ни денес, не ни требаат цензори и никогаш не сме ги имале, дури ниту во најкласичната, комунистичка смисла на зборот. Така сме воспитани, самите сме си своите најголеми цензори. Си ги сакаме паланечката удобност и писателското достоинство.

Ако секој петти жител во Македонија до крајот на 1950-тите бил неписмен, тогаш не чуди дека писателот бил нешто како месија. Дочекан со цвеќе и од партискиот врв и од соседот кој под тезга му ја чувал најдобра зелка за киселење. Во канонот се влегувало според библиската парабола: „Многумина се повикани, а малкумина избрани“, само кај нас, тоа значело, просто – според законот на писменоста. Кој бил писмен, бил писател. А, тоа не е доволно, Не велам дека дури и така не може да се создава голема книжевност – може, но само како исклучок. Истото важи и за обратните примери. Ретките примери на големите писатели со кралското опкружување од светот, се само тоа – ретки.

За политичарите во литературата, за тие што сакаат и пишување и јадење одеднаш, постои готова формула за успех, може да ја скицираме во пет потези. За да влезете во македонскиот канон, треба да припаѓате на што повеќе од следниве графи: 1. подобро е да сте Македонец, одошто од етничките групи, 2. подобро е да сте маж одошто жена, 3. подобро е да сте од Скопје, одошто од кој било друг град или село од Македонија. Добро е освен тоа, (4.) да имате тривијален детаљ во биографијата (самоубиство, несреќно загинување во земјотрес, револуционерна пресметка, и слично), (5.) да сте биле и да сте политички и морално подобен и секако да имате пријатели на важни позиции. А најдобро е самите да сте со таков статус. Ние и ден-денес најлесно ги канонизираме професорите по книжевност, издавачите, мецените со книжевни амбиции…

А најтраорно ми е кога буквално во секој публикуван разговор, македонските писатели ја повторуваат истата жалопојка, како се „разочарани од народот“. Како макроа на народот, па „сексуалните работнички“ не ги задоволиле. Што па има народот да им должи, или пак тие на народот? Нашиве писатели можеби и имаат право да се бунат, сега, од дистанца, затоа што во својата литература лажеле во името на агендите. Тоа ми е жално, но толку ми е реактивно, што ми измамува само човечка емпатија, но не и професионално разбирање. Или пишуваш затоа што сакаш да кажеш некаква вистина за светот, за себеси, или – ако си работел програмирано – немој да се жалиш.

Конечно, прашањето за книжевните вредности секогаш ја вклучува и книжевната критика. Лично не ја сакам, дури и да е потенцијално важна за една култура, особено за малите култури. Мојата нејасна интуиција е дека литературната критика е како апче што не поминало атест, може да ви донесе потенцијална штета или потенцијалната корист, првото почесто од второто. Кажете ми кој денес сè уште може, во оваа стеснета култура во која сме набиени како карпите од Матка, да напише каква било релевантна критика за чие било пишување? И да сака да напише негативна критика, таа ќе биде прочитана како дневно-политичко раскусурување. Во реално отсуство на пазар и на критична маса, кај нас критиката се сведува на позитивното мислење и читателите се однапред научени дека фразите „одлична книга“, „прав продор“ и слично, не значат апсолутно ништо. Ако лично мора да избирам, секогаш ќе гласам за слободен пазар, за саморегулација на вредностите, со некаков нужен интервенционизам, ако работите навистина паднат многу ниско. Читателите не се идиоти, барем не секогаш.

Добро е што се уништи тој тесен македонски книжевен салон, кој истовремено пишуваше, критикуваше и се читаше себеси. „Гилгамеш“ не останал затоа што бил величан од некој свештеник близок до кралот, туку затоа што зборувал за проблемот на бесмртноста, со што ги засега и кралевите и слугите. Но, токму затоа тест-публиката е добра. Каква и да е, таа го манифестира вкусот на едно време, колку годе да ни е одвратна. Гледав еден филм на доцниот Тарковски на шведски: макар Тарковски, филмот е „народњачки“ медиум, а Тарковски и да сака, не може секогаш да се изживува со медиумот и потоа да ја обвинува тест-публиката, затоа што таа пак има непогрешлив инстинкт. Филмот беше дебела, авангардно спакувана глупост. Ако е нешто генијално, ќе биде генијално и за простите народни маси и за „интелектуалата“; ако не е, ќе биде или за едните или за другите, но не за сите. А за генијално дело, треба интерес и од двете. Барем најчесто. Некој раскажа – една девојка испратила текст од Набоков на оние платени критичари за бестселери од САД, но анонимно. Ѝ советувале дека треба да ги скрати дијалозите, да ги скрати развлечените делови, итн. Значи, Набоков денес не би прошол на пазарот, а тогаш минал. Сето ова значи дека полето на книжевните вредности е нејасно, но излезот од овие дилеми е да се креираат трендовите, а не да се следат. Тоа може само ако канонот тебе, како писател, не ти е важен, ако ти не го броиш, само ако си автентичен на себеси, но не на принцип на „македонската“ автентичност. Имам видено луѓе што работат тоа што им е битно. Од секакви области. Ни тест-публиката им се важи, ни златната веце-школка, тие работат од вграден импулс, не се пазарат. Сто илјади ќе пропаднат, еден ќе помине. Светскиот канон е исто така составен од најголеми глупости. Пред некој месец во една книжарница во еден голем град, заедно со книгите добив и пластично кесе на кое пишуваше: „Најдобрите писатели на 2007“, а наведени беа имињата на К.Џ. Роулинг, Џон Гришам, Џејми Оливер и Шекспир. Тоа сè уште се продава, значи – тоа е канонот. Тоа исто така не е во ред. Па и Нобеловата награда, една пар екселанс институција на канониризањето, е проблематична – нека забележиме дека во годините на светските кризи, на пример во времето на светските војни, тие награди секогаш се доделувале зависно од политичките параметри.

Паланката буни, лесно освојува со својот одговор веднаш. Бесмртноста се додава на пишувањето како мистериозна категорија што всушност таму ја нема. Има еден генијален цртан, „Кунгфу Панда“, кога татко му на Кунгфу Панда му вели: „Цел живот имам само еден рецепт за шпагети што им го продавам на сите, сите претпоставуваат дека во него има тајна состојка. Пред смртта, тебе ќе ти ја кажам тајната на мојот успех. Таков зачин – немав. Сè што правев е дека постојано правев шпагети.“ Имав една пријателка од Москва, најбрилијантниот ум што некогаш го видов. Кога ми дојде на гости во Скопје, пред неколку години, збунета ми рече: „Овој е најдобриот режисер во Македонија, овој е најдобриот сликар, сите сте најдобри, но не ве знам. Знаеш ли колку луѓе во Москва од 10 милиони жители работат секојдневно со секакви генијални, авангардни техники и методи, размислуваат за сè, па не сметаат дека се најдобрите во Русија, едноставно затоа што такви генијални има уште десетици илјади, затоа што има премногу луѓе.“

Пишувањето е всушност макотрпна работа, а во Македонија луѓето не се навикнати да работат напорно. Па кога еден Кјеркегор вели дека по цели денови безделничи, а тоа го читаме во книга од 1.000 страници, кој со кого се шегува? Тие страници се пишуваат со некаква работа, макар и да ги лежел, тоа е сепак, работа. Нашата книжевност е килава, не само затоа што луѓето немаат идеја како да се спротивстават на доминантниот диктат на паланечката култура, туку и затоа што луѓето не работат, толку е едноставно. Има еден филм со Доналд Сатерленд „Алекс во земјата на чудата“ од 1970 година и во него главниот лик Алекс е разулавен режисер, имал инстант успех со дебитантскиот филм, но доживува креативна блокада и не може да го сними својот втор филм. Оди во Италија за да го праша Фелини што е тајната на неговата инспирација, го наоѓа Фелини, кој во филмот се игра самиот себеси, во едно сиво собиче, облечен како бирократ бирократски, покрај една баба, брзаат со монтажата, сака да му помогне на младиот режисер, ама нема поим како. По неколку обиди, искрено се извинува дека е мртов уморен, секој ден работат по 15 саати, нема он време, ни луксуз да ги мисли тие големи прашања на инспирацијата, дури и да сака. Сакам да речам, книжевноста е исто така и работа, нема тука некоја голема тајна.

И особено ми е одвратно кога некој ќе земе да ги напаѓа тие што заминале од Македонија. Кога го напаѓаат Горан Стефановски, за мене тоа е паланечка одмазда. Ако некој може да драпа за американските порно филмови од Македонија, зашто да не може тој да пишува за демонот од Дебар Маало од Кентербери? Лично немам таков однос кон книжевноста, ни општа, ни национална. Татко ми, на пример, ми остави еден јасен аманет: никогаш не се враќај во Македонија, што подалеку од оваа земја. А јас, ете, се вратив. Не заради роднокрајниот елемент, туку затоа што мислев дека тука сè уште ќе бидам корисна, затоа што имав нерасчистени сметки со оваа култура. Исто така утре може да заминам. Не гледам како да се создава, освен со таа ослободеност, и тоа точно во име на твојата култура.

Конечно, мислам дека нашиот посткомунизам покажува лошо стареење на целата генерација, не само на писателите, но тие се најизложени. Излажани дека се корифеи на една култура, со интернет се покажа дека всушност биле неважни не само за глобалната сцена, туку дури и за локалната. Но, и лошата вистина е подобра од невистината. А да не бидеме токму политички дебили, треба да речеме дека нашето минато идеолошки не беше најсреќно. Имаше политички тон што ги обликуваше сите и сите му должеа ритам на тој идеолошки над-ритам. Сега е различно, сега е време да се соочиме со нашите заблуди. Веќе ги добивме рецептите што ги имаше глобалната култура.

Извор: Блесок бр. 64, јануари-февруари, 2009
Слики: Алексеј Кондаков

ОкоБоли главаВицФото