Говорот на Груевски од контрапротестот помага при тврда столица?!

21.05.2015 11:09
Говорот на Груевски од контрапротестот помага при тврда столица?!

Скопје, 21 мај 2015

Златко М. (28) од Скопје, уште од мала возраст имал проблеми со тврда столица. Понекогаш поминувале и по десет дена без да оди по нужда. Дури ни препорачаните чаеви и лекови не помогнале. Се измачувал сè до понеделникот, кога случајно наишол на контрамитингот на МВРО-ДПМНЕ и го слушал говорот на Груевски. Уште при првите пет минути почувствувал силни грчеви во стомакот, по што бил принуден да се испразни во првиот слободен мобилен тоалет.

„Се измачував петнаесетина години. Пробував разни сирупи кои го поттикнуваат варењето на храната, суви сливи, пиев најразновидни кафиња, секакви пробиотски јогурти, внимателно се прехранував, и сепак немаше никакви резултати“, вели Златко за Пара вести.

„Користејќи ги сите тие препарати, се случуваше само наместо десет дена, периодот кога ќе одев по нужда да се намали на пет или на шест“ додава тој. „Но потоа се случи вистинско чудо на контрамитингот на МВРО. Мојот дигестивен систем конечно проработи и сега одново можам нормално да какам.“

Пресуден за овој битен пресврт во неговиот живот бил говорот на Груевски.

„Денот ми започна со вообичаената нервоза која ја чувствував поради тоа што не бев како сите други нормални луѓе“, вели Златко. „Вечерта излегов на прошетка за да ги оттргнам кафеавите мисли од мојата глава, и случајно наидов на контрамитингот на МВРО. Видов многу среќни луѓе како го слушаат говорот на Груевски, па си реков, ’ајде и јас да чујам што има да каже овој човек’.“

Според раскажувањата на Златко М., уште при првите пет минути почнал да чувствува силни грчеви во стомакот. Морал да отрча до првиот празен мобилен тоалет, каде што се испразнил од сето она што му се насобрало во текот на изминатите десетина дена. Потоа почувствувал лесна вртоглавица и олеснување кое не може да се опише со зборови.

„Олеснувањето што го чувствував откако се испразнив е неописливо“, вели Златко. „Сега секојпат кога имам проблеми со тврдата столица си пуштам снимка од неговиот говор, и си завршувам работа за една минута“, додава среќниот скопјанец.

Редакцијата на Пара вести се реши да ги испроба сè позачестените гласини дека говорот на Груевски навистина предизвикува „прочистување“ на организмот. Видео снимката со неговиот говор им беше пуштена на десет новинари, а деветмина од нив уште при првите три минути беа приморани да го напуштат експериментот во потрага по нужник. Кај десеттиот испитаник тие симптоми се јавија дури по десеттата минута од говорот на нашиот премиер.

Слика: Александар Ковачевски