Денес во Кампот: „Театарот, стварноста и Брехт“

21.05.2015 11:28
Денес во Кампот: „Театарот, стварноста и Брехт“

Српскиот режисер, колумнист и антифашист Златко Паковиќ денес е гостин во протестниот камп пред владата. Тој ќе учестува во дебата, а ќе има и видео проекција на неговата претстава „Ибзеновиот непријател на народот како Брехтова поучна пиеса“.

Во 18 часот ќе се одржи разговорот на тема „Театарот, стварноста и Брехт“, каде гостин ќе биде Паковиќ, колумнист на белградски „Данас“. Домаќини се Никола Гелевски, уредник на порталот Окно, и Владимир Милчин, професор и режисер.

Во 20 часот во Кампот ќе има презентација на тема „Новите улици во Скопје и темелните права на граѓаните“. Ќе бидат претставени резултати од истражување спроведено од „Плоштад Слобода“. Преку истражување на шест улици во три општини низ главниот град истражувани се практиките при реновирање на улиците и нивните ефекти врз пешаците, велосипедистите, луѓето со пречки во движењето, повозрасните граѓани, како и последиците врз животната средина. Говорници и модератори на дискусија се Ивана Драгшиќ и Никола Наумоски.

Пред дебатите во кампот ќе има пинг-понг турнир, музика, хуманиратен базар... Од 21 часот се музичките настапи на Иван Раденов и на Кристина Арнаудова.

Планираните активности завршуваат со видеопроекција на „Ибзеновиот непријател на народот како Брехтова поучна пиеса“ - во 22 часот. Претставата премиерно беше изведена на 20 декември 2014 во „Центарот за културна деконтаминација“ во Белград.

Фотографија: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото