Тотално упросечување

21.05.2015 14:25
Тотално упросечување

1.

Никој не може подобро да сведочи за некого од неговиот промотор, од неговиот ментор, од оној кој некогаш – заради разни причини – го поддржувал, го охрабрувал, дури му помагал. Затоа и го наведов (сегашниот) став на проф. Шкариќ, менторот и предлагачот на нашиот возљубен „претседател“, наспроти карактеристиките што му ги припишуваше (со уште еден маалски „филозоф“) за време на кандидатурата.

По истиот шаблон, еве што (сега) вели Сем Вакнин, некогашен промотор на нашево подеднакво возљубено „премиерче“: „Беше отсутен и не многу бистар. Беше воздржан и несигурен. Еден вид менаџер од средно ниво“! Не дека и сега е нешто многу побистар и поприсутен, ама затоа – гледајте го, му пркоси на цел свет! Баш ко малине деца кога ќе се налутат и не сакаат повеќе да си играат со другарчињата. Дури ни со најблиските. Овој, на пример, ги избрка и од Владата и им ги зема играчките. Сега ќе си игра сам. Сам против сите! Некои велат дека големината на човекот се гледа во поразот. Каква црна големина, каква човечност?! Видете на што спадна. Не верувам дека ни родената мајка може да го препознае. Или – може, таа најдобро знае што ни сместила?

Но не е овде проблемот само во него. Замислете што сè би имале да кажат пријатели, познаници, учители и учителки, професори и професорки и за сите други бараби кои девет години ни се качуваа на глава? Што сè би можеле да чуеме за карактерите и интелигенцијата, воспитувањето и културата на сите оние (квази)министерчиња, (квази)директорчиња, (квази)пратеничиња и (квази)советничиња кои продефилираа сосе нивната глупост изминативе години? Или – доволно ни беа и „бомбите“? Веројатно!

 

2.

Не сакам да кажам дека во минатите влади и владеења гледавме и слушавме само Ајнштајни и Тесли. Напротив! И тогаш, и таму, ни се креваше коса на глава од разноразни недоквакани типчиња заседнати во фотелји врз основа на некакви неразјаснети „квалитети“. А факт е дека и во сите европски влади од сите провениенции седи по некој тупак кој служи како забава за народот. Ама, некако, мнозинството го „покрива(ше)“ малцинството.

Сега разликата е во тоа што глупоста ни стана правило, принцип, систем – заседна во Влада, Собрание, локална самоуправа – (пот)просечноста се претвори во квалитет и суштински предуслов за место на општествената сцена. Се разбира, тука, пресоблекувајќи се во од, веднаш се вклучија и сите палјачовци од минатото и искривената слика си го доби финалниот изглед. И да, во прво време сето тоа изгледаше смешно, ама некако и наивно забавно – ви текнува, на пример, на оние еден по друг министри за култура Илиријан и Џемаили, како извонреден пандан на некогашниот незаборавен комичен пар Димитров и Чоревски? – се гледаше од авион дека луѓето се втурнати во некаква авантура од којашто не знаат како да се извадат. И не знаат што да прават со себе. Беше забавно сè додека не почна да станува трагично, за да на крајот добие монструозни размери, денес разоткриени низ т.н. „бомби“ на опозицијата. Зашто, ако првите беа дури симпатични во незнаењето и неснаоѓањето, овие се развија во приглупи ешалони што следат една и само една наредба – онаа на „лидеро“.

Од друга страна, не смее да се заборави дека, ако „лидеро“ беше болниот ум на, на пример, „Скопје 2014“, едно чудо потпросечни Канчески профилчиња беа (и се) послушните рачиња што плескаа(т) и „остваруваа(т)“! Ако оној „прилепскио сељак“ командаше со сите изборни далавери и растрчани провизии, имаше уште стотици извршители кои слепо се покоруваа на секоја наредба.

И целото началство уживаше полтроните да ги викаат „министре“, „министерке“, „претседателе“ … ќе си речеш дека се, во најмала рака, функционеришта на германската влада а не обични уличари и криминалци! А впрочем, така се создаваше и задржуваше власта: со тотално упросечување, дури потпросечување на сè што мрдаше во нивна близина, така што тие можеа да делат ум и по некоја шега на рајата. Сето друго околу нив требаше да биде мало. Психологија на оние мали мажиња кои се пентарат на штикли за да изгледаат повисоки! Затоа и во нивната околина немаше сериозен, култивиран квалитет што ќе можеше да соопшти различен став, евентуално да направи некаков пресврт, што ќе можеше барем за педа да отскокне од околината и да посочи дека царот и неговата свита се дибидус голи, и боси. Затоа, впрочем, им требаше и таков „претседател“ – ќутолог, такви полуписмени обвинители, судии, „аналитичари“ кои не умеат да изанализираат ни сопствен испрдок! Затоа, впрочем, во државава секна секаква дебата – особено полтичка, онаа „очи в очи“ со другиот – а особено демократска, од јавноста најперфидно беа исклучени сите кои мислеа поинаку, особено ако тоа мислење беше/е стручно и аргументирано!

3.

На сопствена „мерка“, односно по правило и под неа, сведоа сè живо што требаше нешто да значи во државава. Ги сведоа, ги упросечија, и мртвите. Мостон на „уметноста“ е типичен пример за таквиот начин на „размислување“, при што и мртвите треба да се сведат на една мерка, по можност на оваа на живите. Па така испадна дека Личеноски и Мартиноски да ти биле некако исти по раст, блиску им е и Мазев, па Кондовски… и останатите некогашни бардови на македонската култура и уметност, сега сведени на дпмнеовска квази-мерка на денешнината. И никој ни „а“, ни „б“! Сигурен сум дека овие ни знаат ниту пак чуле за тие имиња, уште помалку ги интересира нивното дело, сè додека се „остварува“ и „надградува“ и течат договорените провизии.

Впрочем, културата и уметноста се можеби и најдобриот пример за овој целосен распад на македонските вредности – политиката и онака никогаш не ни била силна страна – на настојчивото и планско упросечување на потенцијалните вредносни репери кај нас. Како инаку, и зошто, сето она ѓубре замислено како уметност во центарот на градот ќе го правеа анонимуси и дилетанти без едно сериозно верификувано дело во нивните „биографии“? Се разбира, и во тој потег имале пред сè скриени лукративни цели (инаку, зарем ќе можеа така да командуват со сериозни уметници и да им бараат поврат на средства и/или подоцнежни донации?), но и идеја на „народот“ да му се покаже дека тие можат преку ноќ да урнат секаква вредност кај нас и да воспостават нова. Нивна! Ќопава, саката, ќорава, слепа … ама нивна!

Не сакам овде и сега да го коментирам нивното образование и до сега покажано знаење коешто всушност е основниот репер и за нивните дневни општествени „активности“ и потребата од целосно упросечување на државата. Но, тоа е (нај)битен индикатор и „аргумент“ за сите случувања во државава последниве девет години. Или, потсетете се на „компетентнион“ за сè „министер“ Тодоров! Но, настојчивото верглање во празно, убедливото (за многумина) тртљање за некакви (најчесто петпарачки) проекти и (квази)остварувања, создаде фама за некаква стручност и компетентност, за некаква работливост кај најголемиот дел од полуписмените фанови. Кога кон тоа ќе се додаде умешното купување на луѓето преку бенефиции, работни места (за мизерни плати), субвенции и слични во основа коруптивни марифетлуци, се комплетира македонската жална слика.

4.

Оттука, јасно е како може(ла) да функционира една така упросечена според незнајковци држава. И таа и таква упросеченост беше консеквентно спроведувана од врвот до дното, со инсталирани чувари на просечниот дух во сите институции и сегменти на власта. Секое извишување беше казниво! Така впрочем функционираат и сите други авторитарни режими. Затоа и се создаде атмосфера дека секој, ама баш секој е стручен за сè – само ако посака (и има партиска книшка, се разбира), дека секој разбира сè и може да „аргументирано“ да коментира од геополитика до уметност итн. И добиваше аплаузи!

Затоа и оној убоги Дојчин може да тртља за некаква библиска земја и луѓето кои ја водат (?), онаа распојасана „глумица“ која глуми верничка да вреска и игра пред Собрание, типови од форматот на еден Двоцевски да продаваат ветер и магла за новите македонски вредности итн. Затоа и примитивци ни пишуваат учебници каде „Татковина е наследство, а истовремено и состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ. Република Македонија е нашата татковина“, каде Грција излегува и на Јадранско море, итн. Затоа, впрочем, и овој и ваков центар на некогаш модерно Скопје, затоа впрочем и „културна“ манифестација „Денови на Крали Марко“ во Прилеп, затоа впрочем и сите оние ракијади и пастрмајлијади, за да го држат народот во солиден приземен дух!

Оние пак неколкумина вечни клиенти кои веќе свикнаа да служат секогаш и секому се подеднакво упросечени во мислењето коешто мора да одговара на званичната линија. Како инкау оној кутар екс-амбасадор би смислил дека „Од првиот момент, Вашингтон не го прифати Груевски бидејќи не беше спремен за прекрстување на земјата и разнебитување на македонскиот народ“, а овој увелико не само што ја прекрстува туку и ја изнесува на Белизе? Или уште помалоумната изјава дека „Ако опозицијата, со нелегални средства, добие техничка влада и, сепак, дојде на власт, нема да профитира – ќе ја рушат на ист начин, со сила. Во меѓувреме, државата ќе пропаѓа“. Мислам, колку човек треба да се успросечи, колку треба да се клиентизира, колку да се понижи себеси за да се спушти на рамништето на оваа и ваква македонска „идеологија“ и „политика“?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Ребека Грин

ОкоБоли главаВицФото