Мое обраќање до Зоран

21.05.2015 15:07
Мое обраќање до Зоран

На почетокот, те замолувам да му пренесеш на Игор Ивановски (кој пред два дена настапи на дебатна емисија на ТВ Телма), но и на останатите твои сегашни и бивши партиски членови, да не се перчат пред медиумите со изјави дека собирот од 17 мај бил митинг на СДСМ. Тоа ме навредува мене, но и илјадници други граѓани, кои ниту сме членови на твојата партија, ниту пак, дојдовме да ти изразиме лојалност, како што тоа го направија оние другите еден ден подоцна. Без оглед што неделниот протест беше организиран од СДСМ, тој не беше партиски, туку граѓански, а според адресата на живеење на присутните, тој беше еден од најскопските митинзи на граѓаните одржан кога било во мојата мала држава. Ова ми е посебно битно за потенцирање, бидејќи во овој факт се крие суштинската разлика меѓу протестот од 17 и контра-протестот од 18 мај. На првиот, во најголем број дојдоа слободни граѓани по свое уверување, поттикнати од желбата за смена на една корумпирана и недемократска власт, а на вториот доминираа партиски контингенти на уценет народ, кои во името на култот на Лешперот, беа дојдени да ја бранат земјата (читај, голата кожа на власта) од мрачните странски служби, соросоидите, платениците, продадените души, шиптарските терористи, американските фашисти, наркоманите и хомосексуалците. Со други зборови, од нас.

Со тоа е ставена конечната дебела црта на поделбата на луѓето, на која груевизмот педантно и минуциозно работи цели девет години. Од една страна си ги прибра своите, со партиски книшки вработувани, со партиска подобност унапредувани и со партиско-медиумска пропаганда затруени, а со тоа врбувани, уценети и условени да бидат 24 часа на располагање. Од другата страна останавме ние. Сами, со својата слобода, со своите соништа и надежи за подобра иднина на нашата држава, но и со меѓусебната солидарност. Кога студентите се кренаа, зад нив застанаа професорите, кога новинарите се кренаа, зад нив застана студентите, кога хонораците се кренаа, зад нив застанаа новинарите, кога средношколците се кренаа, зад нив застанаа наставниците, за на крајот сите да се кренеме и низ улиците да го стркаламе новиот бран на граѓанскиот активизам.

Како дребен дел од тој голем демократски бран, Зоране, јас ја почитувам твојата храброст да се фатиш в костец со еден забеган режим. Ја поддржувам твојата битка за уривањето на Лешперот и неговата шутрачка клика, со надеж дека работите ќе бидат сменети на подобро. И ти благодарам, што со твоите „бомби“ ни го потврди она што сите години наназад го чувствувавме и претпоставувавме – дека имаме работа со еден мал фрустриран диктатор, неповратно заглавен во својата наполеонска суета, донкорлеоновски модус операнди и гебелсовска пропаганда. И да знаеш, со респект го доживувам твоето откажување од политичките амбиции, со цел да предизвикаш реципрочна реакција од Лешперот. Затоа, заедно со целото мое семејство дојдовме на 17 мај пред Владата.

Но, тоа не е она што сакам да ти го порачам, Зоране.

Прво, мора да сметаш на тоа дека имаме работа со еден непресметлив противник, кој нè доживува како непријатели. Прашање на денот е кога ќе почне така и да нè третира. Всушност, можеби и најмал проблем е дали, кога и како ќе ја започне физичката (читај, институционалната) пресметка со нас и дали ќе ни з’гне тепачи, полициски алфи, провокатори или налози за апсење. Впрочем, медиумските кучиња веќе ги одврза од ланецот. Поголемиот проблем, за кој мораш да бидеш свесен, е фактот дека во моментов и ти си дел од проблемот и дека под итно треба да бидеш негово решение. Имаш обврска пред сите граѓани кои ти даваат поддршка, но и пред сопствената држава, реално и објективно да ѝ пристапиш на разврската на македонската политичка криза. Таа не смее да биде вонинституционална, улична и насилна, бидејќи Лешперот најдобро функционира кога јава на конфликтот. Знам дека имаш сизифовска работа да преговараш со луѓе чиј збор не вреди ни колку коњски прдеж, со багра која има усовршена техника на лажење, мамење и манипулирање, со битанги кои ќе те намамат во лавиринтите на институционалниот процедурализам за да потпишеш документ кој веднаш ќе го прогласат за тоалетна хартија. Но, тоа е дел од играта. Играта, која мора бргу, ефикасно и ефективно да ја приведеш до крај со единствениот можен епилог – екстра шут во пакет аранжман на Лешперот и неговата шутрачка дружина.

Притоа, мора да имаш предвид дека времето не работи за тебе, затоа што Македонија од час во час тоне во економска, социјална, но и безбедносна неизвесност. Македонија од ден во ден станува тема на неартикулирани изјави, на уцени и закани на високи функционери од соседните земји, со сè поголеми шанси повторно да биде монета за поткусурување на големите играчи. Македонија е во опасност, можеби најголема во својата историја, Зоране.

Второ, сега е моментот кога треба да понудиш алтернатива на системот. Сега е часот кога треба да исчекориш и да кажеш дека твојата/нашата битка не е само за смена на власта, туку за смена на системот. Токму сега ја имаш историската шанса да бидеш визионер и државник и јавно да соопштиш дека имаш мисија да го искорениш груевизмот во сите негови идни појави и пројавни облици. Дека не си Мурто од Муртино, туку Зоран од Македонија кој на своите сограѓани ќе им понуди нов политички модел, кој ќе го елиминира двопартизмот како автентично извориште на македонскиот тоталитаризам и кој двете доминантни султан-партии (било македонски, било албански) ќе ги испрати во историјата.

Рецептот е едноставен, Зоране: Македонија една изборна единица, отворени изборни листи без долен изборен праг, концентрациона влада составена од партиите кои освоиле најмногу пратеници и серија интервенции во законите кои ќе ја засилат независноста на судската власт и слободата на администрацијата.

Знам дека ова не е лесно, знам дека околностите се сложени, како што знам дека притисоците од сите страни се огромни. Но, исто така, знам дека никогаш повеќе нема да ја имаме оваа шанса, оваа поддршка и овие предуслови.

Нека те следи среќа, Зоране.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото