Кампот на слободата

22.05.2015 01:33
Кампот на слободата

Како што веќе напишав во еден претходен текст, (текстот „Обединување“), во која било акција мотивот е најбитен. Од кои „краишта“ на нашето битие доаѓа поривот за некое наше дејствување, од тие места ќе добиеме сатисфакција за нашето дело.

Ако дејствуваме за СЛОБОДА, ќе се ослободиме.

Ако дејствуваме за МИР, ќе се смириме.

Пред некој ден видов еден фрагмент од репортажа на телевизијата Телма со прашања зашто камперите од пред Владата и пред Парламентот не се смиреле и не се здружеле. Јас не се сеќавам кој ја водеше таа репортажа, меѓутоа репортерот очигледно ја промашил поентата околу феноменот ПРОТЕСТИ што се случува во градот Скопје овој историски месец мај.

Имено, овие луѓе од двата кампа не се скарани, па сега да се смируваат. Не се разединети, па сега да се здружуваат и обединуваат. Суштинската разлика е во концептот, стилот на живеење, во ставот или анти-ставот. Знам дека во Кампот на Слободата поставен пред Владата луѓето протестираат за почитување и остварување на уставно загарантираните права и слободи, протестираат за убава Македонија во сите бои, за заштита на природата, за заштита на парковите (на пример, против оваа грдотија од катни гаражи и други објекти кои го голтаат зелениот појас и се градат само за профит и за ништо друго), протестираат за многу работи, за подостоинствен живот, да се обнови зелената боја (елан–виталот) и против сивилото. А пред сè и над сè протестираат под мотото СТОП НА РЕЖИМОТ НА ГРУЕВСКИ, режимот кој лудилото, фанатизмот, алчноста и лагата ги воспостави како нормалност во оваа наша држава.

Значи, драги репортери од телевизијата Телма, морам да ви забележам дека ја промашувате поентата! Едните со другите не се скарани, туку првите се свесни и совесни за тоа каква треба да биде Македонија: убава Македонија како на овие фотографии, и просперитетна, а другите се просто овци кои немаат поим зошто се таму во тој квази-камп пред Парламентот („протестирам за подршка на власта“- слоган кој постои само во една забегана „демократија“), бидејќи (во најдобар случај) баш под плаштот на патриотизмот емотивно се изманипулирани (или и уценети) од кликата мафијаши, шовинисти и клептомани.

Протестите секој ден во шест (18 часот) продолжуваат на бината поставена пред Владата, каде што паметни луѓе слободно, гласно и јасно се обраќаат пред целата македонска и светска јавност за да го опишат мотивот на своите протести. Да го искажат својот политички, животен или филозофски став и револтот поради несреќата во која сме втурнати сите ние. Тоа се луѓе кои мислат со своја глава и кои имаат визија за поубава Македонија. Веројатно во паметот е разликата меѓу двата кампа. Тоа ќе да е најголемата разлика! Инаку луѓе како луѓе, или како етнички, верски и други заедници, не се скарани.

Во паметот, умот, јасната мисла, визијата, е разликата, драги мои.
Е ова е Мојата Македонија за која јас се борам.

Убава, зелена, небесно сина, со камени патеки во заштитените стари урбани јадра кои не се заменуваат со бекатон плочи, со расцветани јорговани и божури во месец мај, Македонија во свежината на длабоките сенки на старите дрвја кои се почитуваат како што се почитува животот и затоа не се сечат, и обновена после катаклизмата на ова дпмне-овско лудило, алчност, простаклук, и некултура.

Драги репортери на Телма, изгледа дека заради вашата голема желба да бидете „непристрасни“ и „неутрални“, многу плитко ги регистрирате нештата околу случувањата ПРОТЕСТИРАМ (конкретно во спомнатата репортажа: граѓанката која им објаснува на „протестантите“ пред Собранието дека се во заблуда ја етикетиравте како провокатор од СДСМ? Каква глупост! Со тоа и вие поддржувате црно-бела идеја за поделено општество на два политички блока и фрагментација, значи без граѓански сектор и свест како обединувачки фактор!? ) и затоа сте ја промашиле главата поента!

Кампот на Слободата има позитивна енергија каква не сум доживеала во Македонија до сега. Повелете и самите уверете се.

За позитивната енергија, за будењето, за процутот, за хуманизмот, за такви нешта направете добра репортажа, ако сакате да бидете цивилизирана и културна телевизија, непристрасна и неутрална.

За да ја сакаме својата земја, таа треба да биде убава. За да се разубави нашата земја треба да им се даде шанса на уметниците, бидејќи тоа е нивна работа. Естетика и уметност, уредување на урбаниот простор, заштита на природниот амбиент не е работа на луѓе кои не се во тие области, најмалку на неписмени политичари. Тоа поле треба да се врати и да се остави на докажаните уметници и културни работници и еколози. Јас ПРОТЕСТИРАМ за тоа!

Фотографии: Павле Миљовски, од изложбата „Мојата Македонија“

ОкоБоли главаВицФото