(ВИДЕО) Паковиќ: Ваквите режими никогаш не ја напуштаат власта без крвопролевање и борба

22.05.2015 01:59
(ВИДЕО) Паковиќ: Ваквите режими никогаш не ја напуштаат власта без крвопролевање и борба

Кога се борите за вистината и слободата морате да бидете спремни на пресметка. Авторитарните режими никогаш не ја напуштаат власта без крвопролевање и борба. Овие режими се користат со лукавство, рече српскиот режисер Златко Паковиќ кој денеска гостуваше во антивладиниот камп на „Граѓаните за Македонија“.

Паковиќ е првиот гостин од странство кој им се обрати на камперите пред Влада. Во разговор со Владимир Милчин и Никола Гелевски, тој ја спореди ситуацијата во Македонија со онаа од времето на Милошевиќ во Србија. Појавата на национализмот тој ја издвои како сличност помеѓу српското општество тогаш и македонското денес.

– Национализмот е ништавило во движење кое уништува се пред себе. Најлоша и најзастрашувачка општествена болест. Парадокс е тоа што национализмот во себе нема никакви националистички својства. Секој националист го мрази сопствениот народ, од таа омраза се храни и мрази други народи. Национализмот е одговор на сите фрустрации – подвлече тој.

Како што рече Паковиќ, за време на поранешна Југославија овие народи за прв пат во својата вековна историја живееле во светски дух.

– Тогаш ги достигнавме највисоките облици на мислењето и на уметноста. Ова овде е едно измислување на минатото, не е страшно кога некој ве лаже, па и кога вложува во лагата толку многу имагинација. Ужасно и страшно е кога така глупаво ве лажат – додаде тој.

Извршниот директор на ФООМ, Владимир Милчин, пак, зборуваше за неокласичниот проект на власта, „Скопје 2014“, потенцирајќи дека кичот не е безопасен.

– Културата им беше препуштена премногу долго на оние што ја изградија оваа шампита зад нас. Премногу долго не ја сфаќаа важноста на културата и на уметноста, дозволија да се шири отровот на омразата. Културата беше финансирана за да создава кич кој ќе им го олесни владеењето. Во заблуда се оние што мислат дека кичот е безопасен, напротив тој го убива критичкиот и креативниот дух кај човекот – порача Милчин.

До ова дереџе стигнавме, рече тој, затоа што молчевме предолго.

– Главите ги стававме во песок како ноевите. Но дојдовме до тоа дека градењето не е градење туку крадење, дека кичот не е уметност, дека стиропорот не е мермер, дека патриотизмот не е омраза кон другите. Овој театар на скопските улици е оперета од најниско дереџе – посочи Милчин.

Извор: А1он, 21.05.2015.

ОкоБоли главаВицФото