Читач на лица

22.05.2015 10:41
Читач на лица

„Никогаш веќе нема да ги набљудувате луѓето на ист начин како претходно“ – напиша Малком Гладвел, британско канадски новинар и писател, на книгата на Пол Екман „Разоткриени сеќавања“. Кога еднаш ќе почнете да се интересирате за психологијата, говорот на телото или воопшто за истражување на човечкото однесување, со секој новооткриен податок, ново знаење и вашиот поглед на човекот мора да се менува. А што ќе се случува, ако дозволите оваа тематика да ве вовлече во своето интересно поле на истражување до таа мера да почнете како Екман да ги испитувате деталите на деталите, односно оние најситните, најпроблематични за занализа, изрази на лицето – микроекспресиите?

Се случува токму тоа луѓето да ги набљудувате од друг агол – аналитички. Анализирајќи го речиси секое движење, секоја ситна мимика изразена на нечие лице, веќе не можете да водите најобичен опуштен разговор. Заради тоа, занимавањето со оваа тематика може да биде колку корисно, толку и штетно, освен ако самата професија не ви е во полето на психологијата?

Всушност, за што станува збор?

Јазикот на изразот

Без разлика дали верувате во дарвиновата теорија за еволуција, многу претпоставки кои толку природно одат со неа, одвреме навреме се покажуваат како точни. Токму оваа теорија е интересен пример за тоа дека понекогаш основната теорија не мора да биде вистинита но можат да бидат идеите и претпоставките што ја следат. И тоа е она што би требало да биде цел на секоја наука, да се осуди и да претпостави нешто ново, бидејќи дури иако на крајот тоа не се покаже како важечка теорија, многу е веројатно дека од нејзините помошни хипотези ќе се изроди нешто ново, револуционерно и правилно.

Имено, кога станува збор за чувствата, Дарвин, уште во дамнешната 1872 година, сметал дека постојат општи изрази на лицето преку кои се покажуваат чувствата.

Оваа идеја ја поддржувале многу научници, но други и ја побивале. Побивањето на таа идеја најмногу дошло до израз во толкувањето на Клајнеберг дека сите изрази на чувства на лицето на човекот се предодредени исклучиво од националната култура на личноста. До тоа мислење дошол по споредувањето книги од кинеската и Западната култура во кои се опишуваат изразите на лицата предизвикани од чувства, каде големите разлики се и повеќе од очигледни. Сепак, Клајнеберг, канадски социјален психолог, немал толку ограничено мислење и имал волја да ја дозволи идејата дека постојат некои одредени мимики кои се заеднички за сите човечки заедници, за разлика од Американскиот антрополог Ла Бара, подготвен да заклучи: „Не постои природен јазик на емоционалните изрази.“

И, што навистина е вистината – универзалноста или културалната посебност? Дали сите се свесни за важните разлики помеѓу обичните и разбирливите гестови (како поместувањето на главата во потврден и одречен манир, подигнувањето на веѓите и слично) и гестовите предизвикани со одредено чувство? Токму несвесноста на овие разлики навела разни автори на сличен заклучок со оној на Ла Бара. Но, она што е најинтересно од сè е да се најде одговор на следното прашање: Како да се дојде до вистинската причина на некоја последица?

Дека различните култури покажуваат поинакви изрази на лицето и мимики во исти или слични околности е неспорен и очигледен факт. Меѓутоа, она што им се извлекло на многу научници во истражувањето е поврзувањето повеќе идеи и поими во иста група. Да го земеме примерот и на самиот Екман за обредот на погребот. Овој обичај не се доживува на ист начин во сите заедници што го спроведуваат, со самото тоа не го следат исти чувства. Ако ист настан не се доживува на емотивно ист начин, како може да се совпаѓа изразот на лицето? Никако. Токму тука е клучната точка на психолошката анализа на Екман за микроекспресиите на нашите лица. Чувствата кои предизвикуваат одредени ситни движења во иста ситуација се поинакви, а тоа е заради културата, обичаите, наследството, а понекогаш и заради самиот човек.

Се разбира, Екман не оспорува ни одредени општествено наметнати обрасци на однесување, па дури движења, но ја застапува и докажува идејата за сеопштоста кај човекот како вид. Симболично, теоријата на Екман како да рефлектира една хумана и топла мисла за суштинската еднаквост меѓу луѓето.

Една држава, цел свет

Пол Екман е роден во Вашингтон, 1934 година. Премногу желен за нови сознанија за да ја дочека дипломата од средното училиште, на петнаесет години запишува основни тригодишни студии на Универзитетот во Чикаго. Потоа, на Универзитетот во Њујорк добива диплома за основни академски студии. Неколку години подоцна докторира клиничка психологија на Универзитетот Аделфи и почнува едногодишно стажирање на невропсихијатрискиот институт Ленгли Портер. Додека студирал во Чикаго, најмногу го интересирале областите на истражувањата од групна терапија, односно разбирање на групната динамика. Сакал да стане терапевт и она што од почетокот му било неверојатно е тоа што кај психологијата имало многу малку податоци за самите чувства, единственото со што се работело во тоа време биле зборовите.

Иако Екман денес е далеку попознат по своето истражување и системот за микроекспресиите на лицето, неговата првобитна потрага по знаење се однесувала, пред сè, на чувствата. Поаѓајќи од емоциите, природно стигнал до примарниот системски сигнал за нив – лицата. Изразот на лицето е апсолутно првиот сигнал со кој се изразува кое било чувство, додека гласот е вториот. Меѓутоа, во негово време не била развиена никаква алатка, никаков начин, постапка според која би можеле да се мерат движењата на лицето. И му требале цели осум години да го развие, оформи и да го комплетира својот систем. Годините патувања по светот, фотографирање изрази на лицата на сите луѓе, раси, возрасти, приказните со нив, испитувањата – биле само собирање материјал, а што со испитувањето на собраното?

Во своите истражувања ги обиколил САД, Јапонија, Бразил, Аргентина, Индонезија и (поранешниот) Советски сојуз. Сепак, повеќето од истражувањата ги спровел во крајно интересната држава – Папуа Нова Гвинеја која се наоѓа во Океанија, а исклучителна е по тоа што брои околу 1 000 различни културни групи, во неа се зборуваат повеќе од 700 јазици. Има и католици и муслимани и баптисти, адвентисти, Јеховини сведоци, евангелисти и многу други. Многу различни цркви и црковни здруженија. Таму луѓето се занимаваат со земјоделство и стари занаети и спорт. Обиколувајќи ја оваа земја Екман како да го обиколил целиот свет. Тоа било најприближно можно истражување и се покажало повеќе од доволно, овозможувајќи му развивање нов систем според кој ќе остане запаметен во историјата.

За петнаесетинка од секундата

Почнувајќи да ги истражува чувствата, ги набљудувал гестовите и положбата на телото, а колегата го упатил на лицето, кажувајќи му дека ја пропушта суштината. А, како ја „фатил суштината“ првиот пат? Благодарение на чудата на модерната наука, односно - со помош на камера. Околу 1966 година, додека работел во болница, Екман ги снимал своите пациенти бележејќи ги дванаесетминутните разговори. Од вработените дознал дека една пациентка во текот на целиот разговор намерно лажела дека ѝ е подобро. Неколкупати ја пуштал снимката и не видел никаква трага од лага, пациентката изгледала многу весело и задоволно.

Екман се зачудил. Се обидел повторно, овојпат пуштајќи ја снимката забавено. И, се случило – го видел знакот, видел израз на болка и мачнина на лицето на жената. За првпат во животот видел нечија микроекспресија. Потоа уште неколку. Трикот со микроекспресиите на лицето е во тоа што тие се појавуваат кога личноста се обидува да скрие нешто, и се јавуваат исклучително кратко, траејќи вкупно четвртина или дури и петнаесетинка од секундата.

Земајќи го ова предвид, не ни е толку чудно што до нивните откривања дошло дури во поново време. Микроеспресиите се неволни изрази, кои не е можно да се совладаат, како што правиме со обичните чувства и гестовите. Не само што треба да се има добро око за нив, неопходно е личноста да е запознаена со целата позадина на приказната, да знае која микроекспресија му одговара на кое чувство и, пред сè, каде точно да се бара на нечие лице. По низа години истражувања и работа, Пол Екман утврдил дека постојат седум чувства на кои им одговараат одредени општи микроекспресии на лицето, а тоа се: бес, страв, презир, гадење, тага, изненадување и среќа.

Кој тоа може

Иако тоа не му била идејата кога почнал со проучувањето на емоциите и барањето општи мимики кај луѓето, патот го одвел во насока да работи на проучување на лаги и измами. Имено, Пол Екман веќе долго им помага на луѓето кои работат со законот, сојузните служби, на сите оние на кои им е потребна помош за да откријат некоја лага, измама, на правилен начин да го испитаат осомничениот. Примерот со споменатата жена која се трудела да ја скрие својата вистинска состојба воопшто не е невообичаен. Тоа најчесто се случува со можните самоубијци, депресивните пациенти кои лажат дека се добри за да бидат пуштени и да ги остварат своите намери.

Сето ова ја дало интересната идеја за постоечката телевизиска серија со име „Лажи ме“, а чиј главен лик, всушност според докторот Екман, е докторот Кал Лајтман, но само во онаа мера во која самиот научник, за време на склучувањето на договорот со телевизиската куќа го дозволил тоа. А, дозволил да се искористи само основната идеја, она што го открил и со што се занимава – микроекспресиите и „читањето“ луѓе. Барал сè останато во создавањето на ликот Кал Лајтман да се разликува од него, секогаш држејќи го својот приватен живот надвор од очите на јавноста. Пишувањето на сценаријата се спроведувало со негови упатства, а исто така и секоја епизода детално ја испитувал објавувајќи ги своите забелешки на интернет, за да посочи кон разликата помеѓу реалноста и телевизијата. Прави сè што е во неговата моќ неговото откритие да не се протолкува погрешно и да го употреби во погрешни цели: - „Јас водам школа за детектирање лаги, а не лажливци.“

Упатствата за откривање лаги можат да се употребат во обратна насока, односно за прикривање на микроекспресиите кои ги откриваат. Меѓутоа, сè уште со сигурност не е утврдено дали е можно нешто такво, со оглед на тоа што микроекспресиите се вбројуваат во несвесни изрази со кои не можеме да управуваме.

Неверојатниот систем на Екман во кој до детали е објаснето како овие ситни мимики се појавуваат и што означуваат, поткрепен со бројни фотографии, е широко достапен, како во неколкуте книги кои ги објави, „Разоткриени чувства“, „Лажење“, „Зошто лажат децата“, и во вид на специјализирана компјутерска програма која служи за обука, а работи така што ги прикажува фотографиите на кои се гледаат одредени чувства и тоа токму во времетраење на вистинските микроекспресии. Фотографиите се менуваат многу брзо, а личноста што учи, има понудени одговори врз чија основа на крајот се гледа колку успеала да процени.

Екман вели дека микроекспресиите се како нотите во музиката, ноти за читање на лицето. И покрај стравот да не се злоупотреби неговиот систем или заради недоволно знаење и искуство да се употреби погрешно, свесен е колку е корисен и важен за лекарите, медицинските сестри, полициските инспектори, судиите... Кога ќе се опфати целокупниот систем за проценка на лицето, телото, гласот и говорот, точноста што ја дава изнесува 95 проценти. Телевизиската серија секако му донесе голема слава, како и добра продажба на книгите, но, покрај големите разлики во однос на главниот јунак, Пол Екман, благодарение на неа стана познат и како „читач на лица“ или, едноставно „човечки полиграф“.

Браќата од минатиот живот

Екман студирал психологија со желба да им помогне на другите, да ги разбере и да им помогне самите да се разберат себеси. Најважната област од неговото истражување биле чувствата. Од таа желба и долгогодишно искуство со луѓето, а во соработка со Далај Лама произлезе волшебната книга со име „Освестување на емоциите“. Не само што темите што ги обработува оваа книга се интересни и корисни, и не само што две угледни личности се здружиле во обид да најдат одговори на многу прашања кои го измачуваат човечкиот род од дамнешни времиња, туку и самиот начин на создавањето на книгата е несекојдневен.

Книгата се појавила по 40 часа разговор помеѓу Далај Лама и Пол Екман, и останала во облик на дијалог, како разговор, без никаква обработка за комерцијални цели. Напишана е едноставно и вистинито, прикажувајќи умни, хумани и инспиративни дискусии за емоциите, сочувството и простувањето, дискусии помеѓу двајца стручни и отворени луѓе, кои можат да служат за пример како науката, филозофијата и верата можат да се надополнуваат, а не да се спротивставуваат. Преку овие разговори, Пол Екман и Далај Лама многу се зближиле, а како што вели и самиот научник, за првпат нашол соодветен соговорник за темите што го интересирале целиот живот. Екман го доживеал Далај Лама како брат, а овој, во согласност со своите верувања, рекол дека веројатно биле и браќа во претходниот живот. Дијалозите се проткаени со хумор, и забележливо е духовното созревање на двајцата говорници преку книгата.

Ако сличностите во однесувањето се забележливи и кај слепите деца и кај оние кои гледаат, ако се покажало дека и чувството за кое се верувало дека е само човечко – презирот – постои и кај одредени видови мајмуни, ако сме согледале дека културните разлики се всушност разлики само во една смисла на зборот, а дека постои видлив доказ за нешто што го имаме сите – чувството – ако од сето тоа следи општата поврзаност на душите ширум планетата, тогаш зошто во светот има толку недоразбирања?

Благодарение на Пол Екман, сега имаме потврда на идејата дека учејќи од другите, всушност учиме самите за себе, дека сите сме подложни на исти чувства и дека е време да почнеме да посветуваме внимание на нив, наместо да ги потиснуваме во себе, а да ги презираме кај другите.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото