Како да им избегате на 25 полицајци со лисици на рацете?

22.05.2015 11:04
Како да им избегате на 25 полицајци со лисици на рацете?

Бавната истрагата, различните бројки за бројот на убиените од вооружената група од Косово, бегството на еден од уапсените во присуство на полицијата, како и индиции за контроверзни контакти кои му претходеле на настанот, ги зголемија сомнежите за генезата на акцијата во Куманово на 9 мај, кога полицијата ја разби „најопасната терористичка група на Балканот“, како што тогаш соопшти македонското МВР.

Интересот за кумановските настани и барањата за темелна истрага не доаѓаат само од соседството, загрижено за стабилноста и безбедноста на регионот. Меѓународна истрага за случувањата во Куманово побараа дел од членовите на Европскиот Парламент на завчерашната пленарна седница побараа. Австриската пратеничка, Улрике Луначек, потенцираше дека во „случајот Куманово“ мора да се истражи улогата на премиерот Груевски и на Москва.

„Неопходна е независна истрага за тоа што таму се случи. Треба да се истражат обвиненијата дека Никола Груевски, со поддршка од Русија, ги исценирал вооружените конфликти“, рече Луначек. Дебатата почна со читање на изјава на високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, во која таа изрази длабоко жалење за конфликтот и за жртвите во Куманово, кој според неа, не треба да се гледа како етнички конфликт, туку како дело на криминални групи. И Едуард Кукан од најбројната групација на европските народни партии потенцираше дека е неопходна независна истрага за судирите во Куманово и за аферите што ги засегаат македонските политички лидери.

Дел од оружјето на вооружената група кое го заплени МВР

Филмско бегство

Во мноштвото нејснотии, многу голем сомнеж отвори и бегството на Сулејман Османи, член на косовската група, кој на 9 мај заедно со други негови соборци и се предаде на полиција за време на акцијата во Куманово. Но, два или три дена подоцна, кога полицијата го изнела на терен за да покаже каде е скриено оружјето украдено при нападот на караулата во Гошинце, напад во кој учествувал и тој, Османи на чуден начин успеа да ѝ избега на полицијата и да се врати во Косово. МВР најави дека ќе „ги испита околностите за бегството“, а Османи пред косовски медиуми самиот раскажа како го сторил тоа: избегал додека бил опкружен со 25 полицајци, изнемоштен од тепање „со клоци и боксови“, бос и врзан со лисици на рацете.

Ни по десет дена сè уште нема одговор како било можно да се случи такво неверојатно бегство.

„Уште трае истрагата за околностите во кои се случило бекството“, вели Иво Котевски, помошник министер за односи со јавноста во МВР.

Вработени во МВР, велат дека во вакви ситуации истрагата би требало да заврши многу побрзо.

„Во случајов нема 'трета страна', односно непознат помагач во бекството, па да треба дополнително време за реконструкција на настанот, за утврдување каде бил лоциран помагачот и како била дадена логистичка поддршка. Овде ситуацијата е чиста. На терен бил уапсениот и припадници на полицијата. Дури и само двајца полицајци да биле со него, а не 25 како што тој тврди, тешко е човек во инфериорна позиција, врзан со лисици, да им избега на униформирани лица опремени со оружје. Оваа ситуација реално може да се расветли за 72 часа. Освен, ако можеби имало и некои дополнителни околности, кои ја отежнуваат реконструкцијата на настанот, а од безбедносни причини не се соопштуваат“, вели нашиот соговорник.

Сериозни пропусти

Богданчо Гогов, професор на Факултетот за безбедност, вели дека настанот укажува оти постојат сериозни пропусти во полициската работа, а тоа што обвинителот досега не ѝ се обрати на јавноста, упатува на негова пасивност и непостапување според законските надлежности.

„Полицијата нема право да води службен разговор со лице лишено од слобода и за кое постојат основи на сомневања дека е сторител на кривично дело. Но, во присуство на бранител може да побара информации, со чие дознавање може да се спречи тешко кривично дело. Откако полицијата ги совлада припадниците на вооружаната група во Куманово, со тоа завршува фазата на откривање и пријавување од кривичната постапка, а започнува истрагата за која единствено е надлежен јавниот обвинител. Тоа значи дека јавниот обвинител со наредба на судијата на претходната постапка ги упатил таму полициските службеници и лицето кое се согласило да го покаже местото каде што е сокриено оружјето, за да направат увид со стандардна полициска оперативна процедура пропишана за такви случаи, што претпоставува и видео документација“, вели Гогов.

Според процедурата, како што објаснува тој, при преземање на вакви мерки лицето лишено од слобода мора да има лисици на рацете и да биде постојано придружувано од најмалку два полициски службеника, чија задача е да го чуваат. Откако лицето ќе го посочи местото каде било оружјето, повторно со најмалку два полициски службеника мора да биде затворено во полициско возило.

Уништени куќи во населбата „Диво насеље“ во Куманово

Оттаму е речиси невозможно лицето да успее да ѝ побегне на полицијата. Ако на ова го надоврземе непотврдениот податок дека во оваа задача биле ангажирани дваесетина полициски службеници, се отвораат многу прашања и сомненија. За да се одбегнат шпекулации дека заради претходен договор полицијата сама го пуштила лицето, дека се работи за корупција, дека е во прашање некаква политичка игра, МВР мора веднаш да преземе мерки преку Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и под раководство на јавниот обвинител да го расчисти случајот: да се извршат разговори со старешината на полициските службеници ангажирани во случајот, со непосредниот старешина што командувал за време на задачата и со сите ангажирани полициски службеници; да се направи увид на местото на настанот а под раководство на јавен обвинител и реконструкција на целиот настан. Со оглед на сериозноста и чуствителноста на случајот овие мерки треба итно да се преземат и да се дојде до првични резултати за 3 до 4 дена“, укажува Гогов.

Во Обвинителството се недостапни за да објаснат дали тие ја наложиле истрагата за скриеното оружје, дали е почитувана стандардната процедура за вакви постапки и дали постои видео документација од увидот, која во голема мера би помогнала да се одговори на прашањето - како избегал Сулејман Османи.

Засега единствениот „напредок“ е во тоа што од вчера почна процедурата за транспорт на деветмината убиени од косовската група. По завршената обукција, македонското МНР испратило информација до амбасадата на Косово во Скопје, која ги повикала роднините да дојдат за идентификација на телата. Вчера попладне роднините пристигнаа во Скопје и по потврдувањето на идентитетот на жртвите, ќе можат да ги преземат нивните тела.

Меѓу убиените се Мирсад Ндрецај и Бега Ризај, кои биле водачи на групата. Јавното обвинителство на 17 мај соопшти дека загинале 10 припадници на терористичката група. При увидот на местото на настанот, како што наведе Обвинителството, пронајдени биле 10 трупа. Министерството за внатрешни работи првично информираше дека биле убиени 14 терористи.

Извор: Deutsche Welle

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото