Фердидурке (2)

23.05.2015 14:57
Фердидурке (2)

Не само непријатна туку и опасна ситуација. Оти Зрелите од ништо не се гнасат толку колку од незрелоста и ништо не им е толку одвратно. Тие лесно поднесуваат секакво најревносно уривање, само ако одвива во рамките на зрелоста; не им е страшен револуционерот што побива еден зрел идеал со друг и, на пример, Монархијата ја урива во прилог на Републиката или, пак, обратно, Републиката ќе ја нагризе и ќе ја изгнете со Монархијата. Секако, со задоволство гледаат како се крева прашина околу некоја зрела, сублимирана работа. Ама, ако кај некого надушкаат незрелост, ако надушкаат пилиштар и мрсулко, тогаш ќе му се нафрлат, ќе го исколваат како лебед патка – со сарказам, со иронија, со потсмев ќе го утепаат, нема да дозволат гнездото да им го валка најденчето од светот од кој тие одамна се одрекле. Значи, како ќе заврши тоа? До каде ќе стигнам на тој пат? Врз каква основа (размислував) во мене настана тоа заробеништво на недоразвиеноста, тоа запаметување во зеленилото – дали затоа што потекнував од земја што особено изобилува со неоформени, шкарт, преодни суштества, каде што никому не му лежи никаква крагна, каде не толку Смутот и Судбата, колку што Трапавиот со Несмасниот сноват по полињата и јачат? А, можеби затоа што живеев во епоха што на секои пет минути се одлучуваше на нови пароли и гримаси и колку што можеше конвулзивно го искривуваше својот лик – во преодната епоха...? Бледата мугра се вовлекуваше низ тешките завеси, а мене, пак, додека така го сумирав билансот на мојот живот, руменило ме облеваше и непристојно смешкање ме тераше да потскокнувам на чаршафите – и избувнував во немоќна животинска смеа, механичка, ножна, небаре подбуцнуван во петицата, небаре не моето лице, туку мојата нога се кикотеше. Требаше што поскоро да се заврши со тоа, да се раскине со детството, да се донесе одлука и да се почне одново – требаше да се стори нешто! Најпосле, да се заборави на школарките! Да се раскине љубовта со културните тетки и со селанките, да се заборави на ситните, суровите службенички, да се заборави на ногата и на своето срамно минато, да се презрат мрсулкото и пилиштарот – цврсто да се консолидирам на почвата на возрасните, ах, најпосле да го восприемам оној крајно аристократски став, да презрам, да презрам! Не како што беше досега кога со незрелоста ја поттикнував, ја привлекував и ја примамував незрелоста на другите, туку – напротив – да ја извлечам зрелоста од себеси, со зрелоста нив да ги поттикнам на зрелост, со душа на душа да ѝ проговорам! Со душа? Ама, зарем смее да се заборави на ногата? Со душа? А ногата каде е? Зар смее да се заборави на нозете на културните тетки? А, понатаму, што ќе биде ако, и покрај сѐ, не успеам да го совладам зеленилото што цвета, што пулсира, што расте отсекаде (а, речиси сигурно нема да ми успее), што ќе биде ако јас ним им настапам зрело, а тие по старо ме сфатат незрело, ако јас кон нив со мудрост, а тие со глупост? Не, не, во тој случај преферирам прв да почнам незрело, не сакам мудроста моја да ја изложувам на нивната глупост, преферирам глупоста против нив да ја изложам! А, впрочем, не сакам, не сакам, претпочитам со нив, ги љубам, ги љубам тие пупки, тие никулци, тие грмувчиња зелени, о! – почувствував дека повторно ме фаќаат, ме грабаат во љубовни прегратки, повторно се занесов во механичка, ножна смеа и запеав непристојна песна:

Во Сколимов, во вилата Фарамушка,
Во сопчето на негувателката, госпоѓица Мита,
Во шкафчето беа скриени два бандита

...кога одеднаш во устата почувствував горчина, грлото ми се исуши – забележав дека не сум сам. Освен мене, имаше уште некого во ќошот, покрај печката, каде што светлината сè уште не беше стигнала – некој друг човек беше во собата.

Меѓутоа, вратата беше заклучена. Значи, тоа не е човек, туку привидение. Привидение? Ѓавол? Страшило? Покојник? Веднаш почувствував дека тоа не е покојник, туку жив човек, и веднаш целиот се наежив – го почувствував човекот како што пес чувствува пес. И повторно во устата суша, срцебиење, задржување на здивот – тоа јас стоев покрај печката. Овојпат тоа не беше сон – навистина покрај печката стоеше двојник. Сепак, забележав дека се плаши уште повеќе од мене; стоеше со наведната глава, со спуштен поглед, со рацете покрај телото – неговиот страв ми влеваше храброст. Крадешкум од под јорганот, како да не гледав во себе, го гледав тоа лице, кое беше мое и не беше мое. Изнурна тоа од длабокото и темно зеленило, а самото тоа посветло зелено – тоа лице што го носев на себе. Еве го мојот нос... еве ја мојата уста... еве ги моите уши, мојот дом. Здраво, познати црти! Колку ли се познати! Колку ли добро го познавав тоа накривување на усните што ја маскираа напнатоста од стравот. Еве ги ќошињата на устата – еве го подбрадокот – увото, кое оној ден ми го истегна Зѓиш – знаци и симптоми на двојни влијанија, лице што две сили, надворешна и внатрешна, го истриле меѓу себе. Сето тоа беше мое; или, пак, јас бев тоа; или, пак, тоа беше туѓо – а, сепак, јас бев тоа.

Одеднаш ми се виде неверојатно тоа да бидам јас. Како кога неочекувано ќе се видиме во огледалото накратко и не сме сигурни дали сме тоа ние, така ме зачуди и ме навреди изненадувачката конкретност на тој облик. Со забавно потстрижана и зачешлава коса, со очни капаци, во панталони, со органи за слушање, гледање и дишење – тоа беше мојот прибор, зарем тоа бев јас? Прецизиран – јасна контура и подробно одреден, детален... премногу впечатлив. Мора да забележа дека ги гледам неговите подробности, зашто уште повеќе се засрами, бледо се насмевна и со раката направи несигурно движење и се повлече во мракот.

Ама, светлината се засилуваше од прозорецот и обликот сѐ појасно изнурнуваше – веќе му се гледаа прстите на рацете и ноктите – и видов... а, духот гледајќи дека гледам, малку се стутули и, не гледајќи, со раката ми даваше знаци да не гледам. Не можев да не гледам. А, значи таков бев. Чуден, навистина, како Мадам де Помпадур. И случаен. Зошто таков, а не поинаков? Ефемерид. Маните и недостатоците му излегуваа на дневна светлина, а тој стоеше стутулен, сличен на ноќните створови, кои светлината ги остава на цедило – како стаорец фатен на сред соба. И деталите сѐ подобро, сѐ пострашно се оцртуваа, отсекаде му излегуваа делови од телото, поединечни делови, а тие делови беа точно одредени, конкретизирани... до граници на срамна изразитост... до границите на срамот... Видов прст, нокти, нос, око, бут и стапало, а сето тоа извадено на површина – како хипнотизиран од деталите, станав и направив чекор кон него. Затрепери и мавна со раката – како да ми се извинуваше за себе и како да говореше дека тоа не е тоа и, сеедно – дозволи, прости, остави... но, гестот, на почетокот предупредувачки, заврши некако неславно – тргнав кон него – и веќе не можејќи да ја задржам подадената рака, го плеснав по лицето со полн замав. Надвор! Надвор! Не, воопшто не сум јас! Тоа е нешто случајно, нешто туѓо, наметнато, некаков компромис меѓу надворешниот и внатрешниот свет, тоа воопшто не е моето тело! Јачна и исчезна – кидна. А, јас останав сам, а, всушност, несам – бидејќи мене ме немаше, не чувствував дека ме имаше, и секоја мисла, секој рефлекс, чин, збор, сѐ се чинеше дека не е мое, туку небаре некаде одредено надвор од мене, направено за мене – а јас, всушност, сум друг! И тогаш ме обзеде страшна возбуда. Ах, да створам сопствена форма! Да се префрлам надвор! Да се изразам! Мојот облик нека се раѓа од мене, да не ми биде направен мене! Возбудата ме тера кон хартијата. Вадам хартија од фиоката и, ете, утрото се буди, сонцето ја облева собата, слугинката го носи утринското кафе и земичките, а јас, меѓу блескавите и изгравирани форми, започнувам да ги пишувам првите страници од моето лично дело, такво како мене, идентично со мене, кое произлегува директно од мене, дело што суверено го изложува мојот личен аргумент против секого и против сѐ, кога одеднаш се разгласува ѕвончето, слугинката отвора, на вратата се покажува Т. Пимко, докторот и професор, а, всушност, учител, културниот филолог од Краков, ситен, мал, слабичок, ќелав и со бинокли, со пругасти панталони, со жакет, со големи и жолти нокти, со жолти антилопни чевличиња.

Го познавате ли професорот?
Познат ли ви е професорот?
Професорот?

Еј, еј, еј, еј, еј! Кога ја здогледав таа Форма, толку ужасно обична и тотално избанализирана, се фрлив на моите текстови затскривајќи ги со целото тело, но тој седна, па морав и јас да седнам, а, откако седна, ми изрази сочувство поради смртта на некоја тетка, која умрела многу одамна и за која сосема заборавив.

„Споменот на покојните“, рече Пимко, „е ковчег на заветот меѓу новата и старата доба, слично како и народната химна (Мицкјевич). Ние го преживуваме животот на покојните (О. Конт). Вашата тетка почина и тоа е причината поради што може, па дури и треба, да ѝ се посвети прилог на културната мисла. Покојницата имаше свои маани (ги наброја), ама имаше и доблести (ги наброја), кои му носеа корист на колективот, сѐ на сѐ книгата не беше лоша, односно, сакав да кажам, три плус – па, најпосле, кратко речено, покојницата беше позитивен фактор, сумарната оценка испадна позитивна и си земав за пријатна обврска да ви го кажам тоа вам, јас, Пимко, застанат во одбрана на културните вредности, на кои несомнено им припаѓа и тетка ви, особено што починала. А ,впрочем“, додаде благо, „de mortuis nihil nisi bene, па макар што би можело уште да се додаде ова-она, зошто да се обесхрабрува младиот автор – се извинувам, сестричникот... Ама, што е ова?“, извикна кога на масата го виде започнатиот ракопис. „Па, не само сестричник, туку и автор! Гледам дека си ги пробуваме силите на нивата? Пи-ли, пи-ли, писател! Веднаш ќе прегледам и ќе ве окуржам...“

И, седејќи, преку масата посегна по хартиите, притоа си ги стави биноклите, и така седеше.

„Тоа не... тоа само онака...“, испелтечив седејќи. Одеднаш светот се урна. Тетката и писателот ме шокираа.

„Де, де, де“, рече, „пили-пили, коковче.“

Говорејќи го тоа си го триеше окото, а потоа извади цигара и, држејќи ја со два прста во левата рака, со двата прста од десната рака ја гмечеше; истовремено кивна, зашто тутунот го заскокотка во носот, и седејќи фати да чита. И седеше мудро, читајќи. А, мене, кога видов дека чита, ме обзеде мачнина. Мојот свет се урна и одеднаш се изорганира по принципот на класичниот даскал. Не можев да му се нафрлам, зашто седев, а седев затоа што тој седеше. Од чиста мира, седењето изби во прв план и стана најголема пречка. Па, се врткав на седиштето не знаејќи што да правам и како да се однесувам, почнав да мрдам со ногата, да гледам по ѕидовите и да грицкам нокти, а за тоа време тој доследно и логично седеше, а седењето му беше организирано и исполнето од даскалот што читаше. Тоа траеше ужасно долго. Минутите течеа како часови, а секундите се одолговлекуваа и се чувствував непријатно како море што некој би сакал да го испие со сламка. Залелекав:

„Аман, само не даскал! Не даскалски!“

Аглестиот, крут даскал ме убиваше. Ама, тој и понатаму читаше даскалски и моите стихијни текстови ги асимилираше типично даскалски, држејќи го табакот блиску пред очите, а надвор зградата стоеше, дванаесет прозорци вдолж и вшир! Сон?! Јаве? Зошто дојде овде? Зошто седеше, зошто јас седев? Со какво чудо сето она што беше претходно: сништата, спомените, тетките, маките, духовите, започнатото дело – се сведе на седење на баналниов даскал? Светот се згрчи во даскалот. Тоа стануваше невозможно. Тој седеше со смисла (зашто читаше), а јас седев без смисла. Вложив трескавичен напор за да станам, но токму во тој миг ме погледна од зад биноклите, благо и ненадејно – се смалив, ногата стана ноже, раката – раче, персоната – персоничка, битието – битииче, делото – делце, телото – телце, а, пак, тој растеше и седеше погледнувајќи и читајќи го мојот ракопис, на век и векови, амин – седеше.

Дали ви е позната таа сензација кога се смалувате во некого? Ах, да се смалуваш во тетка е нешто чудесно непристојно, ама да се смалуваш во велик банален даскал е врв на непристојната малост. И забележав дека даскалот пасе како крава од моето зеленило. Необично чувство – кога даскал зеленилото твое го скубе на ледина, а, сепак, во стан, седејќи на столче и читајќи – сепак, скубе и пасе. Нешто ужасно се случуваше со мене, а надвор од мене – нешто глупаво, нешто безобразно иреално. „Дух!“, вреснав. „Јас! Дух! Не писателче! Дух! Јас лично, жив! Јас!“ Ама, тој седеше, а седејќи седеше, и седеше некако така седејќи, толку се заседна во своето седење, толку беше апсолутен во тоа седење, што седењето, бидејќи крајно глупаво, сепак, во исто време, беше решавачко. И откако ги симна биноклите од носот, ги избриша со марамче, потоа ги стави на носот, а носот беше нешто несовладливо. Тоа беше носен нос, обичен и банален, даскаловиден, мошне долг, составен од две паралелни, конечни цевчиња. И рече:

„Каков дух, бе?“
Крикнав:
„Мојот!“
Тој тогаш запраша:
„Родниот? Татковинскиот?“
„Не родниот, туку својот!“
„Својот?“, добродушно ми се обрати. „Зборуваме ли за својот дух? А, дали ни е познат барем духот на кралот Владислав?“ И седеше.

Каков крал Владислав? Бев како воз неочекувано префрлен на страничниот колосек на кралот Владислав. Закочив и ја отворив устата, откако се свестив дека не го знам духот на кралот Владислав.

„А, духот на историјата го знаеме ли? А, духот на хеленската цивилизација? А, галскиот дух, духот на умереноста и на добриот вкус? А, духот на никому познатиот, освен мене, писател на идили од XVI век, кој прв го употребил зборот »папок«? А духот на јазикот? Како се вика: »извршува« или »извршава«?“

Прашањето ме изненади. Сто илјади духови одеднаш го пригушија мојот дух, пропелтечив дека не знам, а, пак, тој праша што ми е познато за духот на Каспрович и каков бил односот на поетот кон селаните, потоа уште праша за првата љубов на Лелевел. Се накашлав и кришум ѕирнав во ноктите, ноктите беа чисти, немаше ливче за препишување. Тогаш се обѕрнав – како да очекував дека некој ќе ми дошепне. Ама, впрочем, одзади немаше никого. Пуста желба! Што се случува? Боже! Што побргу ја вратив главата во вообичаената позиција и го погледнав, ама тоа не беше мој поглед, тоа беше поглед под око, детски и наситен со ученичка омраза. Ме зграпчи неумесен и анахроничен ќеф – да го трефнам учителот право во носот со хартиено топче. Гледајќи дека со мене не е на арно, направив грчевит напор за да го прашам Пимко со друштвен тон што има ново во градот, ама наместо нормален глас, од себе истргнав писклив, зарипнат глас, како повторно да мутирав, и замолкнав; а, Пимко праша што знам за прилозите, ми рече да ги деклинирам mensa, mensae, mensae, да го конјугирам amo, amas, amat, направи гримаса и рече: „Е, да, ќе треба малку да се поработи“, извади нотес и ми даде лоша оценка, притоа седеше, а седењето му беше конечно, апсолутно.

Што? Што? Сакав да вреснам дека не сум ученик, дека се работи за некоја грешка, се вдадов во бегство, ама нешто одзади ме зграпчи како со клешти и ме прикова на место – ме зграпчи детско, инфантилно газе. Со газето не можев да мрднам, а, пак, даскалот и понатаму седеше и седејќи изразуваше толку совршена даскалост, што наместо да викам, кренав два прста, како што прават учениците во школо кога сакаат да кажат нешто. Пимко направи гримаса и рече:

„Седи, Ковалски. Пак ли во клозет?“

И седев во нереалниот нонсенс како во сон, замолкнат, здаскален и издаскален, седев на детското газе – тој, пак, седеше на Акрополот и запишуваше нешто во нотесот. Најпосле рече:

„Епа, Јузефчо, ајде, ќе одиме во школо.“
„Во какво школо?“
„Во школото на директорот Перодршковски. Првокласна научна установа. Има уште слободни места во шестиот клас. Твојата едукација е – занемарена и, пред сѐ, треба да се пополнат празнините“.

„Ама во какво школо?!“
„Во школото на директорот Перодршковски. Не плаши се, ние, учителите, многу ги сакаме малечките, пили-пили, пили-пили, не бранете им на малечките да дојдат кај мене“.
„Ама, во какво школо?!“

„Во школото на директорот Перодршковски. Штотуку директорот Перодршковски ме замоли да му ги пополнам сите слободни места. Школото мора да функционира. Без ученици не би имало школо, а без школо не би имало учители. Во школо! Во школо! Таму во школото од тебе ќе направат ученик.“

„Ама во какво школо?!!!“

„Е, молам само без пeрчење! Во школо! Во школо!“ Ја повика слугинката, ѝ нареди да ми го донесе палтото, девојката, не разбирајќи зошто туѓ господин ме изнесува, удри на лелек, но Пимко ја штипна, штипнатата слугинка не можеше повеќе да лелека, па се озаби, откако прсна во смеа на штипната слугинка – ме зеде тој под рака и ме изнесе од дома, а на улицата – куќи стоеја и луѓе одеа!

Полиција! Премногу глупаво! Премногу глупаво за да може да биде вистина! Невозможно, зашто е премногу глупаво! Ама, премногу глупаво за да можам да се противам... Не можев поради обичниот даскал, кој беше банален даскал. Исто како кога некој премногу банално и обично ќе ве замуабети, не можете, токму така и јас не можев. Идиотското, инфантилно газе ме парализираше, одземајќи ми ја секоја можност за отпор; итајќи во кас покрај колосалниот даскал, кој грабеше напред со големи чекори, не можев ни да мрднам со газето. Збогум, Духу, збогум – мое започнато дело, збогум сопствена и вистинска формо, здраво, здраво формо страшна, инфантилна, зелена и голобрада! Банално издаскален ситно чекорев покрај џиновскиот даскал, кој само мрмори: „Пили-пили, коковче... Рашмркано носе... Љубам, е, е... Човечулец, малечко, малечко, е, е, е, пили-пили, пиличуле, Јузефчо, Јузефчо, Јузефчуле, Јузефчуленце, мало, мало, пили-пили, газе, газе, зе...“ Пред нас елегантна госпоѓа водеше на синџир малечок пинчер, кучето за’ржа, му се нафрли на Пимко, му ја раскина ногавицата, Пимко крикна, негативно ги оцени кучето и газдарицата, ногавицата ја прикачи со безопасна и тргнавме понатаму.

(продолжува)

Кон првиот дел

Превод од полски: Филип Димевски
Извор: Фердидурке, Бегемот, Скопје, 2015.
Слики: Kasia Derwinska

ОкоБоли главаВицФото