Фердидурке (3)

25.05.2015 10:44
Фердидурке (3)

ФРАГМЕНТ ОД ГЛАВА III - ФАЌАЊЕТО И НАТАМОШНОТО ГМЕЧЕЊЕ
...

И во тој миг сите од официјалните сништа бувнаа со лицата во приватните сништа за момченцето, младичот, почнаа да вријат дискусии, а реалноста полека се преобразуваше во свет на идеалот, дај ми сега да мечтаам, дај ми! Намерно тоа го стори! Намерно ме постави за суперарбитер! За да морам да гледам, за да видам. Се заинаети – валкајќи се себеси, и мене сакаше да ме извалка, не можеше да поднесе дека го доведов до моментална слабост со слугата. Дали можев да го изложувам своето лице на таа глетка? Знаев дека, доколку го прифатам тој мајмунлак, моето лице веќе никогаш нема да се врати во нормала, неповратно ќе пропадне бегството, не, не, што сакаат нека прават, ама не пред мене, не пред мене! Нервозно тапкајќи во место го фатив за ракавот, молежливо го погледнав и му шепнав:

„Мјентус...“

Ме оттурна.

„О, не, мое момчуле! Џабе ти е! Ти си суперарбитер и точка!“

Момчуле ме нарече! Колку одвратен збор! Тоа од негова страна беше свирепост, сфатив дека сѐ е загубено и дека со полна пареа се стремиме кон тоа од што најмногу се плашев, кон целосна изопаченост, кон гротеска. А, во меѓувреме, дива, нездрава љубопитност ги завладеа оние што дотогаш рамнодушно повторуваа: „Зар Сифонус...“ Ноздрите се надуја, црвенилото на образите добро припекуваше и стана јасно дека двобојот на гримаси ќе биде двобој до коска, за живот или смрт, а не двобој на празни зборови! Ги опколија двајцата во тесен круг и викаа во тешкиот воздух.

„Почнувај! Грабни го! Држ’ го! Ајде!“

Само Копирда најспокојно се протегна, си го зема тефтерот и тргна на своите нозе...

Сифон, натажен и накострешен, седеше на своето момченце како кокошка на јајца – очигледно беше дека, сепак, малку се исплаши и повеќе би сакал да се повлече! Затоа, пак, Пизо веднаш ги процени неизмерните шанси што на Сифон му ги овозможуваа убедувањата и принципите од највисок ред. „Наш е!“, му шепотеше во уво и го загреваше. „Не се секирај! Помисли на своите принципи! Ти имаш принципи и во согласност со тие принципи ќе можеш лесно да создадеш секакви гримаси во произволен број, а, пак, тој нема принципи и ќе мора да ги создава според себе, не – според принципите“. Под влијание на тие шепоти изразот на лицето на Пилашчкјевич почна да се поправа и набргу блесна со целосно спокојство, бидејќи навистина принципите му даваа таква моќ, што секогаш можеше да направи колку што сака гримаси. Кога го видоа тоа, Миздрал и Хопек го одвлекоа Мјентус настрана и го молеа да не се изложува на сигурен пораз.

„Не уништувај се себеси и нас, подобро веднаш предај се – тој многу подобро прави гримаси од тебе; Мјентол, изглуми дека ти е лошо, онесвести се, а потоа веќе некако ќе се ублажи работава, ќе те оправдаме!“

Тој само одговори.

„Не можам, ракавицата веќе е фрлена. Марш одовде! Марш одовде! Сакате да испаднам кукавица? Исфрлете ги овие сеирџии! Тоа ме нервира! Никој отстрана да не ме гледа, освен арбитрите и суперарбитерот“. Ама гримасата му се распливна, а бесот на неа му се помеша со изразита трема, тоа беше во голем контраст во однос на спокојната сигурност на Сифон, што Миздрал шепна: „Тешко него“, а сите се почувствуваа преплашени и крадешкум излегоа, молкум, внимателно затворајќи ја вратата зад себе. Одеднаш во опустошената и затворена училница се најдовме седуммина, односно, освен Пилашчкјевич и Мјентус – Миздрал, Хопек, Пизо, некојси Гузек, вториот арбитер на Сифон и јас во центарот, како суперарбитер, занемениот суперарбитер на арбитрите. И, се зачу ироничниот глас на Пизо, макар што обременет од закана, кој, малку побледен, ги читаше од лист условите на двобојот:

„Противниците ќе застанат еден спроти друг и ќе направат серија од редоследни гримаси, притоа на секоја примерна и прекрасна гримаса на Пилашчкјевич, Мјенталски треба да одговори со разорна и грда контрагримаса. Гримасите – колку што може најлични, својски и вродени, колку што може најранувачки и уништувачки – треба да бидат применувани без придушување, сѐ дури не постигнат ефект“.

Замолкна – а, Сифон и Мјентус ги зазедоа определените позиции, Сифон си ги протри образите, Мјентус промрда со вилицата – и Миздрал се одзва ѕвечкајќи со забите.
„Можете да почнете!“

И токму кога го кажуваше тоа дека „можат да почнат“, токму кога рече дека „можат да почнат“, реалноста најпосле ги премина границите, небитноста искулминира во кошмар, а настанот, од невистинит – стана целосен сон; јас, пак, чмаев во самиот центар, фатен како мува во пајажина, не можејќи да мрднам. Изгледаше како по пат на долго вежбање најпосле да бил постигнат степенот на кој се губи лицето. Баналноста се претвори во гримаса, а гримасата – пуста, гола, празна, јалова – зграпчи и не пушташе. Ништо чудно Мјентус и Сифон да ги земат лицата во рацете и да ги џитнат еден на друг – не, веќе ништо не можеше да биде чудно. Пропелтечив: „Имајте милост спрема своите лица, имајте милост барем спрема моето, лицето не е предмет, лицето е субјект, субјект, субјект!“ Ама Сифон веќе го намести лицето и толку енергично ја тресна првата гримаса, што и моето лице се искриви како пластелин. Имено – замижурка како некој што излегува на светло од темнина, погледна лево-десно со набожна вчудовиденост, почна да ги превртува очите, прострела со нив нагоре, ги ококори, отвори уста, тивко извикна, како нешто да здогледа таму на таванот, направи воодушевен израз и го задржа во занес и вдахновение; потоа ја стави раката на срцето и воздивна.

Мјенталски се згрчи, се склопчи и му зададе удар оддолу, со следната имитирачка, разорувачка контрагримаса: исто така превртуваше очи, исто така ги крена, ги ококори, исто така зина со устата во состојба на телешки восхит и така вртеше во круг со препарираното лице, додека во муцката не му влезе мува; тогаш ја изеде.

Сифон на тоа не обрнуваше внимание, како воопшто да не постоеше пантомимата на Мјентус (ја имаше таа супериорност над него, што тоа го правеше од принцип, не за себе), но избувна во жежок, заносен плач и липташе, на тој начин постигнувајќи го врвот на покајанието, на откровението и на возбудата. Мјентус, исто така, залипа и липаше толку долго и обилно, додека од носот не му се појави мрсул – тогаш го исекна во плукалникот, на тој начин постигнувајќи го врвот на гадотијата. Тоа дрско богохулие против најсветите чувства, сепак, го извадија Сифон од рамнотежа – не издржа, не сакајќи го забележа тоа и разјарен, на граница на липтеж, со разбеснет поглед го пронижа јунакот. Невнимателен потег! Мјентус само тоа го чекаше! Кога почувствува дека успеал од височините да го симне погледот на Сифон на себе, веднаш се озаби и направи толку одвратна фаца што овој, смртно ранет, офна. Се чинеше дека Мјентус има предност! Миздрал и Хопек испуштија тивка воздишка! Прерано! Прерано воздивнаа!

Бидејќи Сифон – навремено сфаќајќи дека непотребно загалопирал по лицето на Мјентус и дека поради иритацијата сопственото лице почнува да му откажува послушност – бргу се повлече, ги доведе во ред цртите, повторно го впери погледот нагоре, а, уште повеќе, ја подаде напред едната нога, малку ја разбушави косата, пушти едно праменче малку на челото и така стоеше самодоволен, со принципите и со идеалите; потоа крена рака и неочекувано го впери нагоре показалецот! Ударот беше стравотен!

Мјентус веднаш го впери истиот прст и плукна во него, си прочепка со него во носот, се чешаше со него, клеветеше колку што можеше, се бранеше со напад, напаѓаше со одбрана, ама прстот на Сифон и понатаму непобедливо стоеше во височините. И, не помогна тоа што Мјентус го гризеше својот прст, ринеше со него во забите, си ја гребеше петицата и правеше сѐ што беше во човечката моќ за да го гадоса – за жал, за жал – неумоливиот, непобедлив прст на Пилашчкјевич стоеше вперен нагоре и не попушташе. Положбата на Мјенталски стануваше страшна, бидејќи веќе ги исцрпи сите свои гнасотии, а прстот на Сифон и понатаму и понатаму покажуваше нагоре. Ужас ги покоси арбитрите и суперарбитерот! Со крајни, грчевити напори Мјентус го топна својот прст во плукалникот и одвратен, препотен, вцрвенет, очајно мавташе со него пред Сифон, но Сифон не само што не обрна внимание на тоа, не само што дури не мрдна со прст туку, згора на тоа, и лицето му се зарумени како виножито по бура и на него се отслика седмобојно, прекрасно Орле-Сокол и чисто, невино, непросветено Момченце!

„Победа!“, извика Пизо.

Мјентус изгледаше ужасно. Се повлече дури до ѕидот и ревеше, ’ржеше, исфрлаше пена од муцката, го зграпчи прстот и го тегнеше, тегнејќи сакаше да го искорне, да го искорне од коренот, да ја отфрли, да го уништи тоа заедништво со Сифон, да си ја поврати независноста! Не можеше, иако тегнеше со сета сила, без оглед на болката! Неможноста повторно се појави! А, Сифон секогаш можеше, непрестајно можеше, спокоен како Небо, со прстот воздигнат нагоре, нормално, не поради Мјентус и не поради себе, туку од принцип! О каква чудовишност! Еве, едниот е изопачен, озабен од едната, другиот од другата страна! А, помеѓу нив јас, суперарбитерот, веројатно за веки векови заробен, роб на туѓа гримаса, на туѓ лик. Моето лице, небаре огледало на нивните лица, исто така се изопачи, ужасот, згнасеноста, згрозеноста резбаа на него неизбришлив печат. Шут меѓу двајца шутови, како можев да се осмелам на нешто што не би било гримаса? Мојот прст на ногата трагично им акомпанираше на нивните прсти, а јас се гримасев, се гримасев и знаев дека се губам себеси во таа гримаса. Веројатно веќе никогаш нема да му побегнам на Пимко. Нема да се вратам на себе. О каква ли грозотија! И каква страшна тишина! Зашто тишината повремено беше совршена, никаков ѕвекот на оружја, само гримаси и безгласни движења.

Во тој миг тишината ја раскина продорниот вресок на Мјентус:

„Држи! Зграпчи! Тепај! Убиј!“

Што е тоа? Има ли уште нешто ново? Уште нешто? Не е ли доста? Мјентус го спушти прстот, му се нафрли на Сифон и го шибна по фацата; Миздрал и Хопек им се нафрлија на Пизо, на Гузек и ги шибнаа по фацата! Се направи метеж. Вртлог од тела на подот, над кој стоев неподвижен како суперарбитер. Не мина ни минута, а Пизо и Гузек лежеа како трупци, врзани со прерамки, а, пак, Мјентус седна расчекорен на градите на Сифон и почна страшно да се фали.

„Што е, бе, црвче едно, ти Момченце невино, ти си мислеше дека ме победи? Прстето нагоре и задоволен, а? Ти ли, бонбонче малечко (и употреби најгнасни изрази), си правеше бајрам со паметот дека Мјентус нема да се снајде? Дека ќе дозволи да го замоташ на твоето прсте? А, јас ќе ти кажам, ако не може со арно, тогаш со лошо се симнува надолу прстето!“

„Пуштај...“, процеди Сифон.

„Да те пуштам! Веднаш ќе те пуштам! Веднаш ќе те пуштам, само не знам дали баш таков каков што си. Ќе си помуабетиме! Подај го увцето! За среќа, уште може да се пробие до тебе... на сила... низ уши... Сега ќе ти се пробијам јас внатре! Подај го увцето кога ти викам! Причекај, невино цуцулче, ќе ти кажам нешто...“

Се наведна над него и почна да шепоти – Сифон позелене, квична како прасе на колење и се џитна како риба извадена од вода. Мјентус го притисна! И настана потера на подот, бидејќи почна да го гони со устата ту едното, ту другото уво на Сифон, кој вртејќи ја главата, бегаше со ушите и – рикна кога виде дека не може да побегне, зарика за да ги загуши убиствените, просветителски зборови и рикаше тмурно, ужасно, се вкочани, зајде во очајничкиот и исконски вресок, дури на човек да не му се верува дека идеалите можат да испуштат таков рик, налик на див бизон во прашума. А мачителот, исто така, зарика:

„Партал! Партал! Партал во уста да му се стави! Ти, зјапач! Што зјапаш? Давај партал! Пикни му марамче за нос!“

Мене така ми врескаше. Јас требаше да му пикнам марамче! Зашто Миздрал и Хопек седеа расчекорени, секој врз својот арбитер, не можеа да мрднат. Не сакав! Не можев! Стоев неподвижно и ми се згади од помислата за движење, за зборови и, воопшто, за секаков вид израз. О суперарбитер! Триесетгодишникот, триесетгодишникот, каде е мојот триесетгодишник, каде е мојот триесетгодишник? Го нема триесетгодишникот! А тука, одеднаш, на вратата од училницата се појавува Пимко и стои – со жолти, антилопни чевличиња, со кафеав капут и со бастун во раката – стои... стои. И, така, апсолутно стои, како да седи.

* * *

Последниот пасус од романот:

А, сега доаѓајте, фаци! Не, не се збогувам со вас, туѓи и непознати сурати на туѓи, непознати типови, кои ќе ме читате, повелете, бујрум, убави китки од телесни делови, сега допрва нека започне – дојдете и пристапете ми, започнете го своето гмечење, направете ми нова фаца за повторно да морам да бегам од вас во други луѓе и да итам, да итам, да итам низ целото човештво. Зашто, нема бегање од фацата, туку само во друга фаца, а од човекот можеш да се сокриеш само во прегратките на друг човек. А, пак, од газето, нема никакво бегање. Гонете ме ако сакате. Бегам со фацата во раце.

Стигнавме до крајната станица
Кој прочитал – тој е смотаница!
В. Г.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Превод од полски: Филип Димевски
Извор: Фердидурке, Бегемот, Скопје, 2015.
Слики: Femke Hiemstra

ОкоБоли главаВицФото