Државната администрација се жали: не можеме да носиме толку граѓани на грб!

26.05.2015 10:36
Државната администрација се жали: не можеме да носиме толку граѓани на грб!

Скопје, 26 мај 2015

Државната администрација се наоѓа под голем притисок на граѓаните и економијата, и ѝ се заканува целосен колапс ако наскоро нешто не се промени, предупредуваат вработените во државната управа.

Административните работници секојдневно се среќаваат со голем број барања, молби, издавање разни дозволи и решенија, што максимално ја отежнува нивната положба.

„Граѓаните просто немаат чувство за нашите обврски и големиот товар кој го носиме на наш грб“, вели Ненад Петров, помлад референт во една скопска општина.

„Најтежок дел од нашата работа е, секако, работата со приватните претприемачи на кои треба да им се издадат голем број различни дозволи, решенија, потоа да се пресметаат сите такси кои мораат да ги платат. Сето тоа максимално ја оптоварува нашата работа и делува исцрпувачки врз вработените. Среќна околност е тоа што за градежните дозволи е одговорен лично премиерот, па не трошиме премногу време на издавање градежни дозволи. Доколку сакаме да избегнеме колапс, мораме итно да преземеме нешто. Најдобро би било да се рационализира економијата на некоја оптимална мера или барем да се намали бројот на граѓани кои бараат нешто од државните органи“, рече Петров и потоа побрза на работа, бидејќи му заврши паузата меѓу појадокот и ручекот.

Слична е ситуацијата секаде во Македонија. Вработените во различните државни служби и тела се жалат од граѓаните и нивната неажурност и ги предупредуваат дека таквата состојба е неодржлива.

„Можеме да се преправаме дека проблемите не постојат, но порано или подоцна ќе мораме да се соочиме со нив. Државната администрација пишти под товарот кој секојдневно ѝ го наметнуваат граѓаните и тоа нема да може долго да трае. Ги повикувам сите кои ѝ посакуваат добро на нашата земја на време да ги подготват сите неопходни документи, да ги платат сите такси и веднаш да одат на вистинскиот шалтер за да ни ја олеснат работата“, изјави Петар Христовски, вработен во Агенцијата за лајкување и шерување владини соопштенија.

Надлежните во Владата на Македонија кратко рекоа дека се свесни за проблемот, потсетија дека претходните години вработиле илјадници луѓе во државната управа и ветија дека доколку е неопходно, наскоро ќе го зголемат нивниот број.

Извор: www.njuz.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото