Авторитетот и слободата

27.05.2015 10:13
Авторитетот и слободата

За да биде слободен во време како денешното, човекот мора да се најде на позицијата авторитет. Самото по себе тоа би било доволно да ме направи амбициозна.

Хана Арент

Идејата што го одбележа почетокот на модерната доба и со нив влезе во фокусот на проучувањето на филозофијата, политиката и општествените науки, е идејата за слободата. Иако може да ни изгледа дека таа самата по себе е пририодно прашање, кое отсекогаш било предмет на човечкото размислување и дејствување, вистина е дека слободата е идеја која се појавила со придобивките на револуциите од 18 и 19 век, дека таа како посебен феномен не живеела во класичната доба и дека грчката филозофска и политичка мисла речиси воопшто не се занимавала со слободата. Слободата била претпоставка за општественоста и човечкото дејствување во рамки на заедницата и како таква им била инхерентна, речиси се подразбирала.

Ова е точката од која Хана Арент во својата книга „помеѓу минатото и иднината“ во освртите „За авторитетот и слободата“ почнува со разгледување на споменатите феномени, нивното создавање и развој, обидувајќи се да ја расветли состојбата во која денес се наоѓаат авторитетот и слободата.

Иако кратки, овие осврти содржат некои од клучните ставови на филозофските и политичките мисли на Хана Арент. Исто така, во нив се изнесени и гледишта кои предизвикаа најголем број критички осврти на нејзината политичка мисла, првенствено во разбирањето на улогата на авторитетот.

Овде ќе се оградиме од каква било критика и ќе ги изнесеме само најважните заклучоци дадени во текстот за авторитетот и слободата, кој ќе ни послужи да поставиме неколку прашања за кои мислиме дека и понатаму се без одговор.

Авторитетот, според Арент е претпоставка за заедницата, односно ниту една заедница не е можна без авторитет. Значајно е да се нагласи дека позицијата од која таа го разгледува авторитетот е критичка во однос на две доминантни струи мислења – конзервативната и либералната, кои за овој феномен имаат исклучив и дефинитивен став – првата позитивен, втората негативен. За Арент, авторитетот е нешто што го гарантира поредокот, но тој никако не се темели на принуда ниту на убедување, како што по правило се сфаќа авторитетот кај неговите споменати бранители, односно противници. Авторитетот е втемелен во вредноста, а таа вредност ја трансцендира самата моќ како и оние што ја поседуваат. Оваа идеја јасно се надоврзува на платоновата мисла за државата, со што се приближува кон идеалот. Меѓутоа, Арент не се занимава со прашањето на овие вредности. И додека дефиницијата за авторитетот како вредност која ја трансцендира моќта ни е сосема прифатлива, ние не знаеме што е таа вредност. Со самото тоа, не е јасно кој и на кој начин може да суди дали авторитетот во доволна мера е достоен да ја застапува таа вредност?

Тоа прашање е во врска со границата која го раздвојува авторитетот од тиранијата и тоталитаризмот, односно нашето прашање – каде денес престанува авторитетот и почнува тиранијата? Арент инсистира на тоа дека во модерната политичка мисла границата меѓу овие феномени не се поставува јасно и дека авторитетот, освен што нужно се чита како негативен, речиси секогаш се поистоветува со диктатура и тиранија. Нејзиниот начин разликата да се направи јасна е претпоставката дека авторитетот е ограничена моќ со закон, додека тиранијата не признава и не почитува ниеден закон освен сопствената волја. Она што може да биде проблем во практиката со ова разграничување е фактот на кој сме биле сведоци повеќепати, а тоа е дека законот е флексибилен и променлив и дека ниедна политичка моќ нема да се двоуми да го менува тој закон во согласност со своите цели, дека политичката моќ самата по себе значи моќ и дека се конституира некаков закон. Затоа, ние мораме да се запрашаме дали формалното постоење закон е доволно да ни гарантира контрола на авторитетот?

Уште една забелешка која е во врска со многу живото искуство кое го имаме во политичкиот живот и кое го споделуваме со политичките системи денес, а тоа е дека партискиот систем го сруши авторитетот на власта, што тоталитаризмот знаеше да го искористи. Арент не се занимава со подетално објаснување на тоа што точно го предизвикало падот на партискиот систем, но се наметнува заклучокот дека токму лошото репрезентирање на вредностите од страна на авторитетот било причина за тоа. Тоталитаризмот е тој кој затоа лажно ќе се претстави како заштитник на уништените вредности, оние кои партискиот систем не успеал да го сочува (можеби затоа што не знаел кои се?).

Хана Арент ја гледа пропаста или кризата на западниот свет во раскинувањето на тројството религија-традиција-авторитет, односно во непостоењето заеднички темел кој на вредностите би им ја обединил политичката и духовната сфера на дејствување. Револуциите, кои се обидуваат да го надоместат темелот на општеството со нешто ново и поинакво, и кои на површината им се спротивставуваат на традицијата и авторитетот, впрочем, се исто така инспирирани од истите тие извори на традиции, вредности кои или се изгубиле или никогаш правилно не заживеале. Губењето на авторитетот, според Хана Арент, е „еднаков на губењето на темелите на светот, кои, навистина, оттогаш почнале да се поместуваат, менуваат и трансформираат, постојано и сè побрзо, од еден облик во друг, како да живееме и да се бориме со некој променлив универзум во кој сè во секој момент може да стане речиси што било друго.“

Оваа мисла многу добро го опишува модерното чувство за светот. Меѓутоа, изгледа дека ова менување и поместување и не е толку произволно, дека тоа осцилира во речиси правилни простори токму помеѓу конзерватизмот и либерализмот, кои меѓусебно се борат за приматот над слободата обидувајќи се да се наметнат како нејзин гарант. И додека конзерватизмот го прави тоа со инсистирање на авторитетот, либерализмот се обидува со ограничување на авторитетот. Она што останува нејасно е – како е можно просторот на слободата, за која начелно се борат и едното и другото, иако патот до нејзиното остварување го сфаќаат поинаку – да станува сè помал?

Според Хана Арент, политичкиот живот без слободата би бил бесмислен. Таа е „raison d`être на политиката, а нејзиното искуствено поле е дејствувањето“. Ова многу потсетува на грчкиот концепт за слободата кој поседува секого што дејствува во рамки на заедницата, бидејќи само слободното, видливо за сите дејствување на поединецот е гаранција дека неговата слобода во надворешниот свет, односно во заедницата, навистина и постои и дека не се работи само за внатрешна слобода која е ирелевантна за политичкиот живот.

Западната филозофија не придонела многу за сфаќањето на феноменот на слободата ниту имала многу да понуди за нејзиното втемелување во заедницата. Згора на тоа, таа го обременила сфаќањето за слободата со идејата за волјата, многу проблематична во политичка смисла. Бидејќи војлата, како што објаснува Арент, која би требало да е чувар на слободата, значи диктат и заповед, со што таа станува контрадикторна за слободата. На волјата ѝ е додадена и идејата на волјата за моќ чии импликации, како што се покажало, се многу опасни за општествената свест.

Тоталитарната идеологија која доживеа експанзија во 20 век ја загрози слободата не само со директна контрола, односно насилство, спречување и ограничување на дејствувањето на човекот, туку и со политичко тероризирање и наметнување на политичката волја како апсолутна. Тоталитаризмот, според мислењето на Хана Арент, го укинува правото да биде слободен од политиката. Затоа, модерното сфаќање на слободата ќе почне да се дефинира во релација со политиката од која сега се бара безбедност. Патот до слободата оди преку безбедноста која политиката мора да му ја гарантира на поединецот. За жал, изгледа дека во модерниот свет оваа „безбедност“ е речиси поистоветена со слободата, со што идејата за слободата не само што е оштетена и стеснета, туку е и фундаментално изменета. Затоа нè интересира – каква е таа политика која ќе нè заштити од политиката?

Иако ја чувствуваме таа, сè поголема, потреба да бидеме заштитени, ние не сме сосема сигурни од што, бидејќи не знаеме што ја загрозува нашата безбедност, па на тој начин ни ја негира слободата, ако не токму политичкиот авторитет кој престана да дејствува во согласност со интересите на заедницата. Тоа чувство на загрозеност сведочи за тоа дека авторитетот, кој формално и крајно воопштено се претставува како демократски, всушност сè повеќе се поместува кон тиранијата. Дали неизвесноста на поединецот во поглед на сопствената слобода и нејзините граници е причинета токму од нејасно дефинираната волја на авторитетот, кој оваа волја може без обврски и одговорности да ја менува онака како што му одговара нему? Ако е така, ако одговорот е потврден, тогаш тешко ќе најдеме објаснување за тоа на кој начин тиранијата секогаш успева, претставувајќи се за она што не е, да ни ја одземе слободата? Дали тоа не зборува дека ние самите немаме јасна идеја за личната слобода според која би можеле да го мериме степенот на загрозеност предизвикан од тиранијата?

Извор: http://akuzativ.com

Слични содржини

Општество / Теорија / Историја
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото