Конзумирањето храна го продолжува животот

27.05.2015 12:15
Конзумирањето храна го продолжува животот

Скопје, 27 мај 2015

Според најновата студија спроведена на Институтот за храна во Трубарево, конзумирањето храна го продолжува животот.

Меѓународниот тим стручњаци, предводен од проф. д-р Перо Ждеровски, извршил низа експерименти кои недвосмислено укажуваат на благотворното дејство на храната на човечкиот организам. На прашањето што го поттикнало на ова истражување, доктор Ждеровски објаснува:

„Последниве неколку години во разни таблоиди можевте да најдете куп сензационалистички наслови за тоа како храната позитивно влијае на ова или она. Ние сакавме да ги подложиме тие тврдења на научен тест и конечно да дојдеме до конкретни резултати“, вели Ждеровски.

„Од етички причини, истражувањето моравме да го почнеме во лабораториски услови и врз животни. Ја споредивме контролната група сомови кои редовно ги храневме со групата на која воопшто не ѝ дававме храна. Со овој експеримент дојдовме до недвосмислен заклучок дека конзумирањето храна го продолжува животот на сомовите барем за неколку години“, заклучува Ждеровски.

На прашањето колку резултатот од ова истражување е применлив врз човечката популација, зашто сепак се знае дека луѓето не се сомови, тимот на овој реномиран научник вели:

„Работиме на тоа да добиеме одобрение од Комисијата за етика и наука да започнеме експерименти со човечки примероци. Со несебична помош на Министерството за образование и наука, кое, меѓу другото, се интересира и за наука, веќе добивме дозвола. Уште следниот месец ќе почнеме со првите експерименти на доброволци од Трубарево, а потоа и од цела Македонија.“

Со ова, Македонија ќе се придружи на малата група земји во кои се вршат експерименти со изгладнување на населението, што за две години ќе нè стави на светската мапа на важни научни центри.

Извор: www.njuz.net