Барок ќе го „нападне“ Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“?!

28.05.2015 02:06
Барок ќе го „нападне“ Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“?!

Барокната треска го зафати и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во комплексот факултети, спроти трговскиот центар „Мавровка“, ќе никнат два нови, факултет за информатички технологии и за физичко образование. Двете нови згради ќе бидат во барок. Според архитектите, ова е класичен упад во автономијата на Универзитетот, бидејќи владата му наметнува барокно идејно решение, кое, како што претпоставуваат тие, сигурно не е по негов избор.

Дополнително ќе биде уреден просторот околу објектите, односно партерното уредување, а ќе бидат изградени и подземни гаражи. Идејните решенија се на архитектот Жарко Чаушевски, кој е творец на надворешните изгледи на повеќе објекти од проектот Скопје 2014. Имено, тој беше креатор на изгледот на барокната зграда на ЈП „Водовод“, неколку фасади во центарот на Скопје, а според неговото идејно решение, треба да се менува и ликот на Градскиот трговски центар. За вложениот труд во изготвувањето на двете нови архитектонски решенија, Министерството за образование и наука се одлучи на авторот Жарко Чаушевски да му додели две награди во вкупен износ од 600.000 денари.

Новите згради ќе го зафатат зелениот простор помеѓу објектот на Ректоратот и булеварот Крсте Петков Мисирков. За изградба на барокните факултети, Министерството за образование ќе одвои повеќе од 13 милиони евра. Во моментов е објавен повик за избор на фирма што ќе ги изврши градежните работи, а кој ќе трае до 6 јули. Од МОН не успеавме да добиеме информација кога е планирано да започне изградбата на новите факултети. Портпаролот Мухамед Хоџа ни одговори дека треба да се консултира со министерот Адеми и дека ќе добиеме повратен одговор. Но, до затворање на весникот, одговор не добивме. Недостапен беше и ректорот Велимир Стојковски.

Министерството за образование лани во септември распиша конкурс за избор на идејно решение. Според објавените податоци на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, архитектите доставиле вкупно 17 идејни решенија. Од нив, за идното седиште на ФИНКИ биле доставени 7 конкурсни трудови, додека за објектот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се поднесени 10 архитектонски дела. Дел од архитектите што се пријавиле на конкурсот, коментираат дека победникот најверојатно однапред се знаел. Тие не биле информирани дека идејното решение било стилски одредено, односно дека е замислено во барок.

Архитектот Мирослав Грчев вели дека изборот на архитектонскиот стил, начинот на градба, употребата на архитектонскиот јазик и елементи во Македонија веќе не е прашање на вообичаениот традиционален еснаф и стручни уметници, не е одлука на архитектите, туку е прашање на една злоупотреба на државните ресурси, на државните органи и надлежности.

-Воопшто, тоа е една ужасна криминална злоупотреба на државата. Со години режимот на Груевски ја замајува јавноста со дискусии од типот дали барокот или тој ужасен кич е всушност нешто што архитектонската фела сама го избрала. Сите знаеме дека политичката, партиската и режимска архитектура, наметната од дилетанти, е невозможна во едно демократско општество. Универзитетот и воопшто високото образование во Македонија се понижени од страна на режимот, со цел да бидат уништени и да им се одземе автономијата и слободата. Ова не е прашање на вкус и на политика, туку на човечност и на демократичност – посочува Грчев.

Информацијата дека барокот ќе се насели и на зеленилото кај УКИМ, предизвика бурни реакции во јавноста. Дел од коментарите на социјалната мрежа Фејсбук се дека подобро би било тие пари да се потрошат за реконструкција на студентските домови кои се во катастрофална состојба отколку за барок.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото