Никола Груевски - лав од хартија

28.05.2015 02:48
Никола Груевски - лав од хартија

Овој блог е инспириран од брилијантниот филм Rosewater кој е режисерско деби на еден од највлијателните политички сатиричари во Америка, Jon Stewart, водител на култната емисија The Daily Show. Филмот ја раскажува вистинската приказа за Мазијар Бахари, иранско-канадски новинар роден во Техеран и образован во Канада, каде се стекнал со канадско државјанство. Тој е затворен во Техеран во 2009 година веднаш по претседателските избори помеѓу ултра конзервативниот претседател Махмуд Ахмадинеџад и неговиот опонент, либералниот реформатор Мир-Хусеин Мусави.

Имено, Мазијар Бахари – кореспондент на британскиот Newsweek за Иран – дава интервју во Техеран за американската сатирична емисија The Daily Show (налик нашата Коза Ностра). Во интервјуто, американскиот водител хумористично се претставува како американски шпион. Неколку денови по интервјуто, иранската тајна полиција го затвара новинарот Мазијар Бехари и како крунски доказ го користи интервјуто, нарекувајќи го шпион кој работи за западни интереси (BBC, Newsweek, CIA, Американците). После огромен меѓународен притисок и 118 дена испрашување и мачење, новинарот сепак го пуштаат од затвор.

Зошто давам олкав вовед? Гледајќи го филмот, паралелите и сличностите помеѓу Иран и Македонија се несомнени. Иран го има својот Врховен водач (Supreme Leader) кој според уставот ги назначува водачите на судството, државната радио и ТВ мрежа, водачите на полицијата и војската. После Врховниот водач, според уставната хиерархија доаѓа Претседателот на Иран кој ја води извршната власт, во која сепак Врховниот водач секогаш го има последниот збор. Во филмот се говори за фалсификување на избори, кршење на основни човекови права и слободи (говор, медиуми), измачување и прогон на новинари, сатанизирање на опозицијата, параноја околу странски шпиони кои се обидуваат да ја уништат земјата, култ кон Врховниот водач, угнетувањето и затворањето на младата и продемократска интелигенција - теми кои се за жал многу добро познати во Македонија.

Во една од сцените во филмот, новинарот Мазијар Бахари го прашува својот млад пријател зошто протестира против автократскиот режим на Иран кога знае дека може да биде затворен или убиен. Неговиот пријател одговара дека режимот ги смета граѓаните за прашина со тоа што ги фалсификува изборните гласови. Со други зборови, режимот не го вреднува интегритетот и достоинството на граѓаните и преку крадење на изборите, режимот го краде гласот на граѓанинот. Тоа е неговиот мотив за протест. Исто така, во една сцена новинарот е во самица во затвор и се присеќава на својот татко кој во мислите му вели да не се плаши бидејќи режимот е „тигар од хартија“ (paper tiger) и дека режимот повеќе се плаши од народот отколку обратно. Два примери и паралели кои за жал многу потсетуваат на Македонија.

Низ импресиите од филмот Rosewater и низ призмата на документот кој ја етаблира демократијата и човековите права, Декларацијата на независност на САД, дозволете ми да дадам критички осврт на деветгодишниот режим во Македонија.

Декларацијата на независност како државотворен документ на САД (усвоен на 4 јули 1776 година) е светилник за демократските вредности. Основните начела во слободен превод се: „…сите луѓе се создадени еднакви од Создателот со неотуѓиви Права меѓу кои правото на Живот, Слобода и потрага по Среќа. За да ги остварат овие права, луѓето формираат Влади кои ја црпат моќта од согласноста на луѓето. Ако која било форма на Влада стане деструктивна кон овие цели, народот има право да ја смени или укине и да воведе нова влада…“ Декларацијата понатаму вели дека доколку некоја влада прерасне во деспотизам, луѓето имаат должност и право да ја укинаат таа влада и да постават нови чувари на нивната безбедност.

Сметам дека во моментов имаме узурпатори и киднапери на суверенитетот во македонската влада. Сметам дека преку нелегитимни и нелегални избори оваа влада се самообновуваше користејќи Штази техники на прислушкување и репресија врз главните опоненти и врз критичката јавност. Член 2 од Уставот на РМ јасно дефинира дека „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.“ Сметам дека волјата на граѓаните не е ефектуирана. Овој режим не ја рефлектира волјата на граѓаните, носителите на суверенитетот според Уставот на РМ. Оттука, македонските граѓани имаат демократско и цивилизациско право да ја сменат или укинат/аболираат оваа штази влада бидејќи е истовремено нелегитимна и нелегална.

Низ призмата на Декларацијата на независност, оваа нелегитимна/нелегална влада работи деструктивно кон универзалните демократски права на граѓаните за живот, слобода и потрага по среќа. Да ги разгледаме едно по едно.

Живот

Низ денешна, современа перспектива, начелото живот во Декларацијата на независност подразбира право на живот без страв од повреда или убиство од страна на други. Владата има примарна обврска да ја штити безбедноста и животот на своите граѓани. Во Македонија имаме грозни прекршувања на ова начело преку скорешната смрт на малата Тамара од Велес, потоа свирепото убиство на младиот Мартин Нешкоски. Понатаму, ја имаме неразјаснетата и прерана смрт на бардот на истражувачкото новинарство во Македонија, Никола Младенов. Десетиците политичари, новинари, сопственици на медиуми, активисти кои гнијат во ужасните македонски затвори се исто така пример на прекршување на правото на живот без страв од повреда. Режимот не го почитува правото на живот на своите граѓани и ги третира како обично парче месо кое може да го фрли на ѓубриште.

Слобода

Од денешна перспектива, начелото слобода се дефинира како право да се мисли и делува без никакво мешање од страна на владата. Сметам дека наутро во Македонија не се раѓа ново сонце на слободата, туку стар мрак на режимот. Цивилизациските придобивки како слобода на печат и слобода на говор се угушени во Македонија. Слободата на информации, говорот и медиумите се крвоток на демократијата. Во Македонија овој крвоток е блокиран од режимот кој како инфаркт го прекина работењето на демократското македонско срце.

Потрага по среќа

Потрагата по среќа во суштина е право да се бара среќата без да се прекршуваат правата на останатите. Македонија денес е една од најсиромашните и најнесреќните земји во Европа со рекордна невработеност и примања (околу 50% невработеност кај младите и минимална плата од околу 40 денари по саат), со масовна емиграција и тотално крахиран образовен и здравствен систем. Стравот за својата егзистенција кај Македонците е најверојатниот мотив за премолчување, т.е. тивко аминување на режимот и живот без потрага по среќа, т.е. живот во (не)удобна отрпнатост, како во легендарната Comfortably Numb на Pink Floyd.

Режимот во Македонија активно води анти-ЕУ пропаганда налик на меккартизмот во Америка во педесеттите години од минатиот век. Без никаков доказ обвинува и затвора граѓани за да го задуши незадоволството и политичкиот критицизам во јавноста. Ако во Америка имало red scare во периодот после втората светска војна т.е. политичка репресија и кампања на сеење на страв против политичките опоненти обвинувајќи ги дека се комунисти, во Mакедонија се води слична кампања против поборниците за членство на Македонија во ЕУ (blue scare).

На крај, сакам да го охрабрам македонскиот народ да се осмели и да ја земе судбината во свои раце. Нашите дедовци и прадедовци ги дадоа своите животи од Илинден преку НОБ за ние да живееме како слободни луѓе. Им должиме на нашите предци и на нашите потомци да ги скршиме прангите на режимот. Никола Груевски е лав од хартија. Ние не сме прашина. Да го оддуваме од македонската сцена и да го испратиме во историјата.

Извор: bizgovsoc.wordpress.com
Слики: Александар Ковачевски