Борбата за похумано општество

28.05.2015 02:48
Борбата за похумано општество

Нуспојавите на постмодерната ера дефинитивно се антихумани и антидуховни! Бидејќи во оваа ера човекот потполно се отуѓи и се затвори во својот виртуелен свет. Од една страна пожелно беше едно такво дистанцирање од декадентното општество и светскиот глобален систем, од друга страна, во таа бескрајна фрагментација, тој така бегајќи од стварноста и затворајќи се во еден мал круг, со ништо не придонесуваше светот да се промени кон подобро. Така прогресивните сили се закочуваа. Прогресивните сили постојано се закочуваа зашто системот голташе сè во себе, „се прилагодуваше“ на сите идеи (и прифаќаше секакви), а со тоа им ја одземаше свежината и силата.

„На крајот на историјата“ човекот нема друг избор освен да се соочи со себеси (пред сè со својата мрачна страна) и да преземе потполна одговорност за сите свои постапки. Тоа е многу болен процес. Но тој мора да помине низ тој процес, бидејќи само низ една таква болка ќе се роди во повисок статус. Секој човек денес на своја кожа чувствува секакви неправди и страдања, затоа дојде моментот кога треба да направи рез и да започне нова етапа. Човекот ќе се соочи со себеси кога како индивидуа со богат внатрешен живот ќе се обиде да ги инспирира другите со своите добри особини и убави мисли (со развивање сочувство и емпатија). Секако, прво треба да ги изгради. Ван Гог целиот живот се чувствувал недоволно корисен, постојано имал потреба да се дава себеси. Затоа е голем сликар, исто колку што е и голем хуманист. Борбата не се состои во директен конфликт со она што не ни се допаѓа, со негово ништење, туку со негова преобразба во рефлексијата во нас самите. Потоа, во соочување со тие елементи сме без негативен набој и правилно и непристрасно постапуваме.

Преобразбата е катарза, морално прочистување и произлегува од холистичкото сфаќање на светот. Оттаму преобразбата е најтешкиот пат, но истовремено и најдиректниот и најтемелниот.

Во целиот овој процес разбирањето на моќта и силите помага да се развие јасна свест. Култот кон фетишот и моќта како резултат на натрупување добра, имот, пари, сè повеќе се руши во очите на продуховениот современ човек. Расте духовната сила како моќ на „обичниот“ човек. Затоа, меѓу другото, елан-виталот треба да се обнови со максимално развивање и ширење на екологијата.

Во Македонија сме сведоци на една многу убава појава. Прогресивните сили рапидно растат, но, парадоксално, дел од општеството како сè уште да не ги препознава (инерцијата е исто така многу јака). Сè уште, ми се чини, голем дел од општеството како да е незаинтересирано за доброто на државата и нема доволно политичка совест која ќе го поттикне да ги поддржи прогресивните струи и движења, и да манифестира отворен, директен и јасно изразен отпор кон регресивните.

Културната елита или барем тие што се сметаат за тоа, така пасивни какви што се, како да се потонати во депресивно и песимистичко расположение. Што знам, изгледа им треба голем напор да се соочат со реалноста. Секако, нели, „најбезболно“ е да чекаат „странските сили и служби“ да ги ослободат. Бидејќи (тргнувајќи од себе) можеби мислат дека нема друг излез во оваа држава. (Секогаш некои сили „однадвор“ треба да ги спасуваат, не внатрешните, сопствените).

Старата приказна дека двата политички блока се закрвени и многу разединети и дека никогаш нема да склучат договор, повеќе не важи. Бидејќи денес битката не е за власт меѓу два спротивставени блока, туку битката е на сите нас против криминалот на мафијата, а за похумано и поцивилизирано општество. Нашето општество сега е ненормално, затоа се бориме да го преобразиме во нормално. Таков карактер има денешната битка, поедноствено кажано.

СДСМ и другите опозициски партии и фракции сфатија во која насока треба да се движат, постепено претопувајќи се во граѓанскиот сектор, од ден на ден растат во здружена сила. Од друга страна, граѓанството станува пообединето за подостоинствен и поправеден живот и со крајна цел да се потиснат радикалните елемети (национал-шовинизмот, верскиот фанатизам итн.) на маргините, да се стават во карантин и да се држат под контрола. Нормално е таквото здраво граѓанско ткиво за кое умереноста и респектот кон другиот и другото да биде коректив откако ќе се избориме за вистинска демократија.

Семето на похумано општество пушти никулци на местото пред Владата каде што изминатите месеци десетици илјади луѓе од сите возрасти протестираа. Од тие никулци дрвото на животот надолу накај Земјата сега формира корен, за нагоре накај Небото стебло, гранки со лисја, цветови и плодови. Таква скулптура предлагам да се изгради на тоа место, ептен современа и без постамент, како знак на почетокот на ерата на хуманизам и расцут во Македонија.

Факт е дека ние денес немаме демократија, туку режим. Значи, нема дилеми околу тоа дека задача број еден за сите нас е да придонесиме во процесот на рушење на режимот за да се создадат услови за нормализација. Паралелно со тоа оди процесот за преобразба на сегашниот систем во похуман систем. Сите граѓани мораат да учествуваат во тој процес (на свој сопствен најдобар начин). Бидејќи така ние како нација созреваме и се издигнуваме на повисоко културолошко ниво.

П.С. Јас не го разбирам господинот главен и одговорен уредник на телевизијата Телма, кога опишува некаков политички манихеизам, „вечна, епска борба меѓу доброто и злото“ во Македонија, освен ако во него самиот не се случува една таква епска борба. Затоа го прашувам овој господин и сите други непристрасни набљудувачи на случувањата во Македонија: како си замислуваат да се изведат промените кај нас? Без најголемата опозициска партија СДСМ, а од третите НОВИ СИЛИ кои сè уште не формирале партија?! Како? Бидејќи, очигледно, да бидеш НЕУТРАЛЕН значи дека не ти е толку битна ПРОМЕНАТА! Нели? Така некако. Јас не сум припадничка на ниедна партија, а најмногу ги поддржувам Зелените (но не на ДОМ). Еве, јас прва би гласала за таа трета опција - партија формирана од сите елементи кои протестираа против оваа власт. Не сме толку против партијата ВМРО, да се разбереме, туку сме против режимот на Груевски. Не гледаме зло во таа партија, туку во режимот кој го спроведува ова нивно раководство. Затоа, господин главен уредник на Телма, спуштете се на земја, помешајте се со народот и ако Вие формирате нова партија, еве, јас прва ќе гласам за Вас. А до тогаш подобро да си молчите. И не создавајте раздор како што тоа го прават и други слични интелектуалци од ваш тип, кои не сфаќаат што значи ОБЕДИНУВАЊЕ. Подобро седете си во своите удобни канцеларии и молчете си. Терајте си ги дебатите во Топ тема - и толку.

Истовремено му се обраќам на раководството на СДСМ сериозно да ги проучи ставовите на граѓанскиот активизам, па и на главниот и одговорен уредник на Телма, и да изгради стратегија која ќе води кон вистински промени за напредок во земјава, а не повторување на она што нè донесе до ова дереџе. Доказите за криминал од прислушкуваните разговори односно т.н. „Бомбите на Заев“ не се СТРАТЕГИЈА. Тие не треба да бидат ставени во фокусот на вниманието на јавноста во следниот период, туку вашата ПЛАТФОРМА за дејствување понатаму.

Цртежи: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото