Поради недостиг на марихуана, студент принуден да полага испити

28.05.2015 14:51
Поради недостиг на марихуана, студент принуден да полага испити

Скопје, 28 мај 2015

Мартин Ангелов (27), студент од трета година на Географскиот факулет во Скопје, поради досада предизвикана од недостиг на марихуана е принуден да полага испити на факултет, дознаваат Пара вести.

„Откако започна недостигот на марихуана, паднав во бед, не толку затоа што немаше трева, колку заради тоа што ми беше многу досадно. Со денови размислував што сè би можел да направам, па така прво дремев со друштвото во блиското паркче, после игравме ФИФА кај мене и на крајот гледавме филмови преку торент, ама сето тоа многу брзо ми здосади. На крајот ми падна на памет дека можеби можам да се посветам на факултетот. И навистина, поради вишокот слободно време немав друг избор освен да почнам да ги подготвувам испитите. До душа, неволно“, изјави за Пара вести овој студент.

Мартин вели дека откако по третиот обид конечно положил социологија, сфатил дека до 2 октомври може да положи уште некој испит.

„Сега се спремам и за англиски јазик, а ако кризата на пазарот на марихуана потрае, можеби ќе морам и да дипломирам наредниве неколку години. Се надевам дека тоа нема да се случи и дека пазарот брзо ќе се стабилизира. Што е следно? Можеби да си најдам работа?“, се прашува Мартин.

Од факултетите ширум Македонија тврдат дека излезноста на испитите е поголема од порано, но дека степенот на положување и понатаму е недоволен. Како што неофицијално дознаваме, меѓу некои професори постои идеја да им понудат на професорите малку трева од своите црни резерви за да ги мотивираат да полагаат испити.

Недостигот од марихуана предизвика бедови на пазарот

Повеќемесечниот недостиг на марихуана го доведе македонскиот пазар на оваа билка во тотален бед, дознаваат Пара всти. Цените забележително пораснаа, но ни тоа не може да го надомести огромниот пад на прометот, велат упатените во оваа проблематика.

„Цените на марихуаната никогаш не биле поголеми, што е добро за нас дилерите, но количините кои ги продаваме се исклучително мали, па не можеме да имаме корист. Увозот од Албанија целосно запре, па користиме алтернативни извори, но тоа сепак се мали количини, недоволни за потребите на домашното население. Пазарот е во тотален бед, сите мои колеги се изморени и голем број од нив размислуваат за промена на професијата“, вели еден познат скопски трговец со опијати.

Извор: www.njuz.net