Пресвртот во Шпанија

28.05.2015 23:33
Пресвртот во Шпанија

„Sí se puede!“ - „Да, можеме“, одѕвонуваше низ центарот на Мадрид и Барселона. Илјадници ја славеа победата на граѓанските листи на Ahora Madrid (Веднаш за Мадрид) и Barcelona en Común (Заедно за Барселона). Новата градоначалничка на Мадрид е пензионирана судијка, 70-годишната Мануела Кармена. Нејзиниот избор го означи крајот на 20-годишното владеење со главниот град на Шпанија на сојузот на конзервативците од PP и социјалистите од PSOE. На изборите во Барселона 40-годишната активистка против принудно иселување од становите, Ада Колау, ги победи националистите од CiU.

За нивните поддржувачи, двата најголеми шпански градови се симбол на длабоките политички промени, започнати пред четири години кога Индигнадосите ги зазедоа централните плоштади во градовите на Шпанија и бараа повеќе демократија и крај на политиката на штедење и корупција. Во споредба со изборите од 2011, кога убедливо победија, владејачката народна партија PP и премиерот Маријано Рахој изгубија 2,5 милиони гласови. Казнети се поради политиката на штедење и стотина корупциски афери.

Покрај Барселона и Мадрид, уште во најмалку пет големи градови победа однесоа граѓанските сојузи собрани околу партијата Подемос, основана пред само една година врз основа на програма против политиката на штедење. Во бројни помали и средни општини ситуацијата е слична. PP покрај овие градови изгуби и важни региони како Валенсија, Екстремадура и Кастилја-Ла Манча.

Премиерот Рахој нема многу причини за оптимизам пред парламентарните избори на есен. Дури и социјалистичката партија PSOE изгуби 700.000 гласови, остварувајќи најлош резултат во својата историја. Двете големи партии кои пред само три години освоија 65% од гласовите, сега едвај го преминаа прагот од 50%. Во губитниците се вбројува и посткомунистичката обединета левица IU. Во местата каде не се приклучи на граѓанските листи, не го помина цензусот.

„Давид го победи Голијат“, објаснува речиси во солзи Ада Колау. Граѓанските листи и регионалните кандидати на Подемос во текот на кампањата беа сосема игнорирани во големите медиуми. Додека секоја од големите партии зеде кредити за кампањата во висина од 20 милиони евра, Подемос и локалните граѓански листи се финансираа исклучиво со миникредити кои ги подигнуваа нивните поддржувачи. Подемос на кампања потроши 1,2 милиони евра.

„Промената почнува во градовите“, изјави видно задоволен лидерот на Подемос Пабло Иглесијас пред илјадниците поддржувачи на плоштадот во Мадрид, каде оваа млада партија пред само една година го славеше неочекуваното влегување во Европскиот парламент.

Подемос на локално ниво ги поддржа граѓанските листи, а во 13 региони, во кои се бирани регионалните парламенти, настапи самостојно. Подемос влезе во сите регионални парламенти и речиси во сите сојузот на левичарски партии може да ги испрати конзервативците во опозиција, под услов да дојде до него.

Во некои региони, меѓу кои и Мадрид, PP полагаат надеж во партијата Ciudadanos (Граѓани). Со нивна поддршка PP би можел да има тенко мнозинство. Ciudadanos, партија основана пред 9 години во Каталонија како антинационалистичка сила под водство на младиот адвокат Алберто Ривера, прв пат излезе на избори во сите шпански региони. Благодарение на силната кампања во медиумите, кои ги претставија како умерена алтернатива на Подемос, Ciudadanos освои 6,6 отсто од гласовите на локалните избори, што е далеку помалку од очекуваното. Анкетите веќе со месеци тврдат дека Ciudadanos ужива поддршка од 20 отсто.

Меѓутоа, ни Подемос нема само причини за славје. Подемос во ниту еден од регионите не стана најсилна партија или барем партија лево од центарот со најголема поддршка. Во Арагон на физичарот и поранешен европски пратеник на Подемос, Пабло Еченике, му недостасуваше само малку за да извојува победа. Подемос сега има клучна улога во идните коалиции кои би требало да ја испратат PP во опозиција, но тешко е да се очекува дека некој од Подемос ќе добие функција претседател на регионот Арагон. Ова место, во случај да дојде до коалиција, ќе им припадне на социјалистите.

Сега партиите ќе ги анализираат своите резултати. Притисокот на Подемос и Ciudadanos е огромен. Најмалата грешка може да ги чини победа на претстојните парламентарни избори. Ciudadanos мора да одговори на прашањето дали ќе влезе во коалиција со PP таму каде што тоа е математички изводливо. Меѓутоа, таа одлука сигурно ќе ги чини.

За PP остануваат гласачите на десницата. Рахој и неговата партија од недела завршија со гласачите од центарот. Подемос мора да обрне внимание да не се понуди толку лесно како коалициски партнер на жестоко начнатите социјалисти. Иглесијас за време на кампањата го критикуваше PSOE поради нивната поддршка на програмата за штедење и вмешаноста во корупциските скандали. „Вистинските социјалисти бираат виолетово“, објаснува Иглесијас, алудирајќи на боите на Подемос. За Иглесијас сè зависи од тактиката која ќе ја избере во односот со PSOE.

Извор: TAZ, 25.05.2015.

ОкоБоли главаВицФото