Просторот и автономијата на универзитетот

01.06.2015 02:37
Просторот и автономијата на универзитетот

Уставот на Република Македонија ја гарантира автономијата на универзитетот. Автономијата на универзитетот, покрај академската слобода и автономијата во управувањето, ја вклучува и неповредливоста на универзитетскиот простор. Ова е запишано во Законот за високото образование и во Статутот на УКИМ. Законот утврдува дека просторот на универзитетот е неповредлив. Затоа полицијата и другите државни органи на безбедност не можат, без согласност на ректорот, да влегуваат во овој простор, освен за спречување на извршување кривично дело. Статутот на УКИМ е уште попрецизен. Неповредливиот простор на универзитетот ги опфаќа објектите и земјиштето во кое се сместени и во кое се остварува дејноста на единиците и ректоратот. Иако неповредливоста на универзитетскиот простор првенствено се сфаќа како неможност на државните органи за безбедност да влегуваат во универзитетскиот простор без посебна дозвола, изминативе месеци сме сведоци на една посебна форма на нарушување на неповредливоста на универзитетскиот простор.

Пред неколку месеци Универзитетскиот сенат на предлог на Ректорот, со мнозинство гласови одлучи од Владата да побара средства за изградба на објект за потребите на Универзитетот, без прецизна намена и програма за објектот и без потребните детали вообичаени за ваква одлука. Иако имаше барања за тоа, одлуката остана неусловена, односно не беше утврдено под кои услови би се искористиле евентуално доделените средства. Така, на крајот на оваа авантура, сепак, нема да се добијат средства за изградба на објекти, туку изградени објекти.

По неколку месеци од одлуката, предлагачот немаше одговор кој универзитетски орган одлучил во комплексот на објекти за општествени науки да се изградат токму објекти за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, иако веќе беше завршен конкурсот за избор на идејно архитектонско решение за објектите распишан од Министерството за образование и наука, а според медиумите, членови на оценувачката комисија биле и деканите на овие факултети. Вообичаено, процедурата беше нетранспарентна, без увид на јавноста во пристигнатите и наградените трудови. Во духот на „остваруваме“ пред неколку дена беше објавен јавен повик за избор на изведувач на двата објекта. По ова следи изградба на објектите.

Така се најдовме во ситуација Универзитетот да добие два нови објекта без притоа да е позната процедурата низ која Универзитетот ја реализирал својата автономија во управувањето и самостојно одлучувал за изградба на објектите. Што е овде спорно? Сè! Од почетната одлука за барање средства за изградба на објект до последниот чин на избор на изведувач. Во целиот процес не е почитувана ниту автономијата во одлучувањето, ниту универзитетскиот простор. Учесници во тој упад во неповредливоста на универзитетскиот простор, овој пат не се органите за безбедност, туку парадоксално тоа се самите органи на универзитетот и неговите единици кои си го суспендираа правото самостојно да одлучуваат.

Упадот на две згради во кампусот на Универзитетот без автономна одлука на универзитетските органи е фактичка повреда на универзитетскиот простор. Згора на тоа - две грди згради. Иако е некоректно да се суди за објектите само врз основа на два објавени приказа на фасадите, тие слики и обемната евиденција распослана низ центарот на Скопје од истиот автор и во слична процедура, ни дава за право да судиме и врз основа на толку штури информации.

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, кој по природата на академските содржини поврзани со него е свртен кон иднината, ќе биде сместен во зграда која наликува како да е правена во третата деценија на минатиот век, а не во втората деценија на 21-от век. Која е пораката што овој објект ја испраќа? Како треба да се чита ова апсурдно архитектонско здание? Иако во својот архитектонски јазик објектот пелтечи, тој прецизно ја испраќа пораката за нашата дезориентација и некритичност и за неможноста да се избориме самостојно да одлучуваме за работи кои се еклатантно универзитетски домен.

Уште поневеројатна е ситуацијата со објектот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Веројатно Факултетот се специјализира исклучиво за спортови во сала, зашто во рамките на универзитетскиот комплекс ниту има ниту може да се обезбедат спортски терени на отворено. Еден колега од овој факултет ме убедуваше дека овде ќе се одржувал само теоретскиот дел од наставата, а ни самиот не веруваше во убедливоста на објаснението. Факултет за спорт без спортски терени е како факултет за хемија без лаборатории или факултет за ликовни уметности без ателјеа.

Кога големите универзитети, оние од првите педесет на Шангајската листа што ни се, нели, репер, сакаат да изградат нов објект, го избираат јазикот на кој зборува архитектонското совремие и ангажираат несомнени авторитети во архитектурата. Така, универзитетот Колумбија од Њујорк за изградба на објектот Northwest Corner го ангажира Рафаел Монео, еден од најпрестижните архитекти на денешницата, а кога познатиот Швајцарски федерален технолошки институт (EPFL) од Лозана одлучи да го гради центарот Rolex Learning, преку меѓународен конкурс ја ангажираше фирмата САНАА од Јапонија, едно од најавангардните архитектонски бироа на денешницата. Но, очигледно во овој сегмент не се инсистира да ги препишуваме примерите од „најпрестижните универзитети“ во светот.

Неповредливоста на универзитетскиот простор е нарушена. И тоа не на начин кој го имал предвид законодавецот, туку на еден уште пострашен начин, со траен упад во неговиот простор од кој долгорочно ќе црвенееме кога ќе треба да објаснуваме како тоа новите објекти се „постари“ од самите факултети што се сместени во нив.

Објектите не се обични контејнери. Преку престојувањето во нив и нивното користење тие нè обликуваат. Една шведска поговорка вели дека детето има три учители, прво - другите деца, второ – учителот и трето – просторот. Тоа е така во сите простори на образование – и просторот подучува.

И да се разбереме: никој не е против изградба на нови универзитетски капацитети и подобрување на условите за студирање и работење. Но, не може да се биде рамнодушен пред чинот кој освен што центарот на градот ни го направи за потсмев, сега и најстариот универзитет во државата ќе го направи да биде за потсмев со изградбата на овие објекти кои се вон контекстот во кој се лоцирани, вон духот на времето и вон здравиот разум.

Има некои што тврдат дека овие објекти се всушност подарок (!?), а на подарен коњ забите не му се гледаат. Изгледа дека ова особено важи кога коњот е тројански.

ОкоБоли главаВицФото