Тераса

01.06.2015 11:07
Тераса

Терасите се фантазија. Така некако екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска ги коментираше предностите на нејзините два нови стана во телефонскиот разговор со сопругата на вице-премиерот Зоран Ставревски, кој, ете, купил стан во истата зграда со својата колешка. Терасите на Јанкуловска сигурно не се ни најатрактивниот, ни најбитниот дел од аудио-снимките што СДСМ ги емитуваше во последната „бомба“, но сепак покажуваат одредена карактерна особина на главните протагонисти. Не е, значи, само квадратурата битна, односно да не стојат парите „онака безвезе, без ништо“, што би рекол Ставревски, туку е важна местоположбата, деталите, мебелот, а, се разбира, и – терасите.

По принципот на славната и не многу успешна акција, токму на Ставревски, наречена „Купи куќа, купи стан“, ете министерката се реши да купи два стана, со вкупна површина од околу 170 квадратни метри. Нејзиното интересирање (и инсистирање) на квалитетот и естетиката можеби би можело да се разбере низ призмата на филозофијата: „не купува човек стан секој ден“, а особено не купува два стана. Меѓутоа, во купувањето на стан многу попримарни се некои други фактори: ургентноста на добивањето покрив над глава, должината на џебот, односно можноста за добивање кредит, па дури потоа се внимава на деталите, ако воопшто и се внимава (ова е, јасно, сублимирано искуство на низа луѓе што купувале или морале да купат стан, вклучувајќи го и авторот на овие редови). Секако, доскорешната министерка не спаѓа во оваа група купувачи. Не само што во нејзиното семејство нема принови, па не е ни неопходно да се проширува станбениот простор, туку со самиот факт дека истовремено купува дури два комфорни стана. Од друга страна, таа не е ни во групата на оние што становите и други видови недвижности ги купуваат како инвестиција, односно за изнајмување или препродавање, бидејќи овој вид купувачи баш и не е многу загрижен за изгледот на терасата, на пример. Јанкуловска, значи, токму како и Ставревски, е купувач на станови само за да се врзат слободните финансиски средства што ѝ се на располагање. Или, што би рекол некогашниот нејзин шеф, Љупчо Георгиевски, таа е само „еден средно богат македонски бизнисмен“. Со тоа што е – јавен функционер. И, ако сакаме до крај да бидеме искрени, без некој особен стаж за да може одеднаш да купи дури два стана, односно да има заработено толку „слободни финансиски средства“.

Терасата можеби не е најбитниот елемент од станот, ама секако не е ни најнебитен. Убавиот поглед и комфорната тераса вообичаено ја креваат цената на станот и често се пресудни во изборот меѓу два стана. За политичарите убавиот поглед од терасата не секогаш го подразбира она што за обичните смртници овој термин значи. Терасата е важен елемент во популистичката политика и таа служи како медиум за пренесување важни објави и важни обраќања. Во поново време, познато е обраќањето на тогашниот министер за надворешни работи на СР Германија Ханс Дитрих Геншер од терасата на германската амбасада во Прага пред бегалците од Источна Германија. Всушност, станува збор за најпознатата недовршена политичка реченица во поновата европска историја: „Драги сонародници, дојдовме тука за да ви соопштиме дека вашето излегување од земјата...“ И крајот на реченицата се губи во прегласното воодушевување на присутните. Ова се случува на 29 септември 1989 година, точно во 18.58 часот, а Берлинскиот ѕид паѓа на 9 ноември истата година.

Од тераса се објавуваат пучови, воени удари, декларации за независност, раѓања на престолонаследници, почнувања револуции, ослободувања (или окупации) на територии... Затоа, терасата треба да биде комфорна, да има поглед кон ширина што може да собере голем број луѓе (најдобро плоштад) и да биде доволно високo за да се види важноста на говорникот, но и доволно ниско за да допре пораката до насобраните.

Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, терасата добива и своевидно симболичко значење преку онаа инфантилна навивачка песна „Излези момче на тераса да ја видиш Гоцевата раса...“. Се разбира, терасата е тука само поради рима, па на творците не им пречела неверојатната ступидност на оваа конструкција. Вистинска фантазија, што би рекла Јанкуловска.

Според дефинициите, тераса е (1) рамен покрив или отворена непокриена рамна површина како дел од градба, вид простран балкон и (2) хоризонтална или благо навалена рамнина, настаната со (а) делување на водите; се протега крај морски или речен брег или (б) на падините, обично во карстните предели, создадена од човечка рака (со отстранување на камењата и создавање плодно тло). И, да, терасата може да биде и кафеанска или хотелска, што всушност е надворешниот дел пред (или зад) кафеаната каде што се наместени маси и се врши угостителска дејност.

Зборот „тераса“ во македонскиот јазик е влезен преку германскиот „terrasse“, односно францускиот „terace“, што пак потекнува од латинскиот „terra“ (земја). Слични поими или синоними се италијанизмот „балкон“, турцизмот „чардак“, како и италијанскиот, односно германскиот „веранда“.

ОкоБоли главаВицФото