1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
Почитувани граѓанки и граѓани,
Ние, долупотпишаните граѓански организации, политички партии, групи и заедници, во името на нашите членови, одлучивме да се здружиме во граѓанска и натпартиска коалиција со единствена цел – да им го вратиме општеството на оние на кои им припаѓа, на граѓаните на Македонија.
Согласни сме дека граѓанскиот сектор во секое демократско општество треба да биде коректив на власта и едногласни сме дека нашето општество веќе не е демократско и дека ги исцрпивме сите методи и дека ги направивме сите обиди да ја вразумиме актуелната власт во Македонија.
Оваа власт одбива да се вразуми и затоа треба да си оди и да ја ослободи државата од заложништво. Немаме веќе време, ниту трпение, ниту верба во оние што досега ја водеа државата, зашто ја водат во пропаст, го трошат богатството на нашата земја и ги бркаат нашите деца во емиграција, во неповрат.
Затоа, во име на граѓаните на Република Македонија, се здружуваме во масовен, гласен и ненасилен граѓански протест, кој ќе започне на 17 мај 2015 година, пред Владата на Република Македонија. Нашата заедничка акција ќе трае до дефинитивниот пад на власта која ни ја одзеде слободата, живејачката и иднината.
Ги повикуваме сите граѓани да се приклучат во оваа акција, бидејќи ова не е борба меѓу политички партии. Ова е борба меѓу граѓаните и врхушката на Груевски, ова е борба за враќање на општеството и државата во рацете на граѓаните на Македонија.
Нашата граѓанска коалиција е едногласна дека моќта на која било идна власт мора да се намали и дека мора да се обезбедат услови, поттик и поддршка за активни, гласни и критички граѓани.
Заедно застануваме зад принципот на еднакви можности за секоја индивидуа во нашето општество. Застануваме зад принципите на социјална правда и активна заштита и грижа за човековите права на сите индивидуи, а особено на оние кои им припаѓаат на малцинските и маргинализираните групи. Мора да бидеме солидарни, да се здружиме и да си помогнеме, заради побрзо спроведување на правдата, слобода на медиумите и победа над стравот.
Едногласни сме и дека демократијата, плурализмот и учеството на граѓаните во носењето одлуки треба да ги практикуваме секојдневно, во секој сегмент од општественото живеење, а не само на денот на избори. Ние сме за разноликост и слободно изразување, а не за едноумие. Сакаме слободно општество, а не контролиран живот и исплашени граѓани.
Се залагаме и за суштинско учество на младите и жените во клучните општествени и политички процеси, наспроти обидите на власта за нивно декоративно и манипулативно учество. Младите се и сегашност и иднина и мора да бидат признаени и третирани како партнер во општеството.
Најпосле, едногласно бараме итно да се формира преодна влада, која ќе обезбеди пречистување на избирачкиот список, ослободување на јавниот сервис МРТ од контрола на власта, избор на независен Јавен обвинител, како и организирање целосно слободни и демократски избори, кои ќе ја одразат реалната политичка волја на граѓаните на Македонија.
Во името на Уставот на Република Македонија, ги повикуваме сите граѓанки и граѓани, граѓански организации, политички партии, групи и заедници, сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и припадници на други заедници, сите заедно да ни се приклучат кон коалицијата ГРАЃАНИТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА!
Потписниците на коалицијата ГРАЃАНИТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА се здружени врз база на договорените вредносни, слободарски и демократски принципи и без никакви меѓусебни финансиски или друг тип на обврски.
Извор: gragjanite.mk