1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 05:59
„Слоганот ’Elections are a con‘ – ’Изборите се измама‘ се појави во мај 1968 година, во Париз. Изгледа дека повторно доби посебна важност во овие времиња на постојана економска криза, во која системот на претставничката демократија е сè помалку чувствителен за интересите на избирачкото тело. Првенствено е насочен кон интересите на банките, корпорациите и богатите.
Валден Бело вели дека западната демократија е идеална ситуација во која се обезбедува континуитет на растот на моќта на елитите, бидејќи им овозможува меѓусебен натпревар, а истовремено ги осуетува развластените, осиромашените и работниците, додека, парадоксално, им нуди илузија за учество во политичкиот процес. Во истиот систем изборите станаа бесмислен ритуал, бидејќи самопрогласените политички и економски елити донесуваат реални одлуки далеку од јавните расправи.“ – Ова е објаснувањето на Оливер Реслер со кое го најавува делото за Медиумската фасада (МСУ) која ќе се проектира во текот на април. По повод проекцијата на неговите филмови во Салата Горгона и медиумскиот проект, разговаравме со меѓународно признатиот филмаџија и активист.
Сцена од краткиот филм „Leave It in the Ground“ (18 мин, 2013)
Во своите сеќавања насловени „Зборови“ објавени 1964 година, истата година кога одби да ја прими Нобеловата награда, Сартр забележал дека долго време размислувал за перото како сопствен меч и дека најпосле сфатил колку сме беспомошни, при што ја нагласил идејата дека политички ангажираната литература не ја менува ништо. Што мислите вие за политички, односно социјално ангажираната уметност? На пример, Жан-Лук Годар балансирал помеѓу ефикасноста на сликите, односно зборовите при праќањето политички пораки. Така е создадена неговата форма која е противречна со сартровиот раскол помеѓу две, за него, непомирливи активности. Годар така ги обединил своите две улоги: онаа на филмски уметник и ангажиран автор. Дали можете да ја коментирате таквата поделба?
Од сопственото искуство, врз основа на разговорите со публиката која ја следи мојата работа во уметничките институции, можам да кажам дека ми изгледа можно да се освестат луѓето, да се посочи кон политичките аргументи и активистичките стратегии на протагонистите на општествените движења со посредство на уметноста. Бидејќи сè почесто изложувам и на тој начин моите дела ѝ се достапни на пошироката публика, станав свесен дека тие имаат значително влијание кај луѓето, како и на начинот на кој го гледаат светот. Притоа, формите кои ги користам се многу различни од оние на кои публиката е навикната гледајќи телевизија.
Сцени од краткиот филм „The visible and the Invisible“ (20 мин., 2014)
Критичките филмаџии се борат со вечното прашање за поврзувањето на естетиката и ангажираноста на смислен начин. Попрецизно, прашањето е како да се создадат нови кинематографски форми кои на филмските творци ќе им овозможат да ги изразат идеите кои гледачите ќе ги разберат. Дали во вашето творештво постои посебен пристап во таа синтеза?
Моите дела се одговор на одредени ситуации или контекст. Понекогаш го прифаќам повикот на некои институции да направам ново дело кое често е обид за артикулација на одредени проблеми или моментални општествени движења. Немам зададен образец според кој создавам, туку реагирам на одредени ситуации кои секогаш се различни, појдовната точка секогаш ми е поинаква. Во многу филмови ми е важно да создадам активистичка платформа која ќе послужи за размена на гледишта и разговор. Заради тоа моите филмови понекогаш се низа разговори или дискусии меѓу луѓе со различни мислења. Но, исто така правам филмови во кои проучувам одредена појава или ситуација, филмови за кои пишувам текст, па дури и филмови без звук. Најважно ми е филмот да биде средство за пренесување политичка дискусија, но подеднакво ми е важно како се пренесува тоа. Освен тоа, ме интересира истражувањето на филмскиот медиум и со текот на годините развивав и менував методи на сопственото филмско творештво, а имам намера и понатаму да го правам тоа.
Сцени од краткиот филм „The Right of Passage“ (19 мин., 2013, со Зани Бег)
Зошто е важен политички ангажираниот филм? И кому е важен? Дали добивте позитивни реакции од публиката во одредени геополитички контексти? На пример, снимивте филм за јазот помеѓу развиениот глобален Север и осиромашениот глобален Југ, „Leave it in the Ground“. Во филмот, гласот на раскажувачот зборува „Не ја купувајте историјата – создавајте ја!“ Дали мислите дека фундаменталистите со фосилно гориво, како што ги нарековте заговарачите на постојаниот економски раст, можат да ги слушнат и да реагираат на вашите пораки? Да се вратиме повторно на Сартр кој рече дека Герника на Пикасо нема да придобие ниту еден глас за борбата на Шпанците.
Не верувам дека конзервативците и реакционерите ќе го променат мислењето само затоа што ќе добијат валидни информации. Тоа едноставно не функционира. Постојат луѓе кои, покрај здравите очи и уши, не ги гледаат и слушаат очигледните факти. Верувам дека мојата публика е составена од политички освестени поединци кои се критични кон капиталистичките односи на моќта, љубопитни луѓе кои сакаат нови политички идеи и алтернативни визии за подобра иднина. Во време на постојана економска криза има сè повеќе поединци, дури и во богатите, развиени земји, кои сметаат дека капитализмот не е најдобар систем на владеење. Воедно, еколошките ограничувања на планетата Земја ја потврдуваат тезата дека системот кој се темели на постојан раст мора брзо да запре. Многу луѓе ги интересира мојот начин на филмско создавање и тука не станува збор само за припадниците на уметничките заедници. Да речеме, ме интересираше боливарската револуција во Венецуела, па во соработка со Дарио Азелини, снимив три филмови кои ги следат политичките процеси во Јужна Америка од 2004 година до ден денешен. Иако, филмовите беа наменети за европската и северноамериканската публика, многупати се прикажувани во Венецуела и останатите јужноамерикански земји. Проектирани се и стотина пати од страна на политички групи, синдикати, локални самоуправи, автохтони населенија, работници во окупирани фабрики, но и на различни јавни телевизиски канали.
Сцена од краткиот филм „The Right of Passage“ (19 мин., 2013, со Зани Бег)
Дали уметниците можат да влијаат на создавање алтернативни општествено економски модели со цел намалување на јазот помеѓу осиромашените маси и владејачките елити?
Една од можностите е да се поддржуваат општествените движења кои се залагаат за социјална еднаквост, да се употреби уметноста за ширење на идеите на тие општествени движења, на пример, меѓу публиката која посетува музеи. Исто така, можно е да се вклучиме во движењата и да создаваме посложен или попристапен визуелен јазик на бунтот (иако, понекогаш изгледа дека тука станува збор за различни пристапи).
Не верувам дека ќе развиеме вистински демократски општества само со гласање за напредни политички партии во парламентот; исто така, мора да постои силно движење одоздола кое ќе ги издржи општествените промени. Заради тоа не гледам причина зошто уметниците не би учествувале во општествениот напредок на свој начин. Најпосле, движењето Occupy зборува во прилог на таа идеја.
Краткиот филм „The Right of Passage“ можете да го погледнете тука:
Извор: pogledaj.to