Шарена лага!

03.06.2015 01:15
Шарена лага!

1.

Во многу, речиси во сите („историски“) реплики на нашиов главен архитект на актуелниве македонски јад и беда, е содржана суштината на општонародното секојдневие последниве девет години, но и самата срцевина на идејата, мислата, начинот на практикување на власта во дадениот период. Што и да издвоиме, не само од фамозните „бомби“ што речиси целосно ја разоткриваат интелектуалната и моралната беда на овие, можеби нема да биде доволно добар пример. Ама последново – е! Последново е шампион, бисер, златна палма или златен лав (како сакате), оскар… Целата идејна беда, целата неспособност, безидејност, дилетантизам, бездушност, но и измамништво, покондиреност и лажен сјај, е содржана во фамозната реченица: „како да е мермер, а не е мермер“!!!

Таа е најдобриот надгробен споменик на „големите луѓе“ од актуелнава власт, на сите нејзини „политики“, на вкупниот нивен придонес во разнебитувањето на земјата, но придонес и на сите нивни ешалони во демолирањето на сè што допреа во државава. Таа е, впрочем, и основната идеја-водилка на таквиот тип луѓе – пробисвети, трчи-лажи, неуки и необразовани ама самобендисани сезнајковци, умислени архитекти и планери без елементарни познавања од што и да е, луѓе без основна култура и воспитување! Опозицијата треба да направи беџови со „историската“ сентенца и да ги дели по улици, почнувајќи прво, се разбира, од Владата, преку Собранието, другите јавни институции! За пример за другите, но и за себе.

2.

Зашто, всушност, кога „малите човечиња“ ќе погледнат наназад низ годиниве, баш сè беше „како да е мермер, а не е мермер“. Од горе до долу, од лево кон десно, од напред кон назад. Сè што измислија се покажа како жива превара, што и да кажеа баздеше на лага и измама, сè што направија излезе фалшиво како фалшив мермер. Можете да правите какви сакате ретроспекции, да се мислите ден и ноќ барајќи нешто што ќе заличи на пристојно завршена работа, на заокружена активност, на сериозно обмислен проект, а повторно и повторно ќе налетувате на шарената лага, на лажното злато, на она „како да е мермер, а не е мермер“. Не верувам дека кој и да е друг период во македонската историја ќе може да се овековечи на тој начин, со само една реченица којашто ја отсликува суштината на идиотизмот на овој период. Сите оние глупости што ги тресеше безгласнион глумец во вилана на Водно од типот на „космодиск“ и „разумен компромис“ се нула, ништо, детски работи во однос на мермеров.

Напросто: ги ококорува очите, го разбиструва умот и кај оние кои тоа никако не го сакаат, а морат да го слушнат. И сите нешта стануваат дефинитивно јасни, ако веќе некому му биле нејасни. Сите овие поарчени години, сите толкави буџети, целата оваа „преродба“, „надградба“ и „доградба“ да ти биле токму за приватни шарени целофанчиња, за фалшиви мермери, за нивни интерни и екстерни неморални заебанции. И за сметки, во странство, се разбира! Не само што не постоеле стандарди и критериуми, морал и образ, вредност и квалитет – за знаење е илузорно и да се помисли – туку сиве овие илјадници денови им биле само „за да ние си правиме што сакаме“. И правеле, што е уште пострашно. И немало кој да ги сопре, што е најстрашно. А сите, или повеќето, гледале дека мермерот не е мермер, дека системот не е систем туку хотел промаја, дека законите се холандски „ементалер“, дека буџетот е само фина форма за џепарлак на неколкумина… Гледале и оние т.н. бизнисмени кои сега ги кријат валканите раце, и оние ситни политичарчиња кои им седеа в скут, и онаа булумента судии, професори и остала гребаторска багра… гледале сите како се калеше челикот што не е челик, туку обична тоалет хартија, како се гради со нешто „како да е мермер, а не е мермер“, гледале и слушале како се брише и допишува културно наследство, како стиропорот се прогласува за градежен материјал број еден, гледале и слушале како неколкумина полудени му ебаваат мајката на цел еден град, па и на држава, и – молчеле!?

Затоа констатацијата на Тричковски дека во „… Македонија може да се смени власта, но не може да се смени Македонија“ е шокантно вистинита. Дека „… Македонија си ја носи својата смрт со себе, дека и кога ќе умре ќе продолжи да се труди да се убие!“.

3.

Дали барем сега, денес, после сè што слушнавме и за мермерот и за сè друго, ќе стане некој од македонскава „културна“ заедница да каже или да праша: кој, како и зошто го бришеше и допишуваше културното наследство? Ќе излезе ли барем еден од онаа фамозна калакурница наречена Управа за културно наследство, или скопскиот им пандан, да каже – „да, јели смо говна“ и се срамиме од тоа? Останала ли барем ронка професионална етика кај некого, или уште како глувци ќе се кријат и ќе ги слушаат налудничавиот главен архитект и неговата полуписмена лева рака која глуми г-ѓа министерка ? Или ќе чекаме „чудо“ како она (сè уште нерасветлено!) во „Св. Димитрија“, па мермеров што не е мермер да се престори во аслимермер, онаа (и формално и фактички) „качак Влада“ да се ре-трансформира во тоа што беше, а скопските фасади магично да се вратат во првобитната состојба? Онака, сами од себе!?

Ќе проговори ли некој, сега или некогаш, и за сите други „мермерни проекти“, од културната, образовната, научната, здравствената сфера, за сите оние фрлени низ ветер пари без резултат? За сите оние томови и томови (квази)книги, за сите оние испрдок изложби и театарски претстави, за сета оваа „како да е култура, а не е култура“, за сето ова „како да е образование, а не е образование“, за сета онаа „наука“ што откриваше зети-македонии и гробови на Ацета велики, што „толкуваше“ одамна толкувани текстови и допишуваше „херојски“ страници во македонската историографија?

4.

Нема да ни биде којзнае каква сатисфакција што, велат, „големиве“ се на заминување, им се гледал крајот. Зарем може да има сатисфакција после една ваква катаклизма, после едно вакво општо лудило со учество на сите државни институции, на МАНУ, на Универзитетот и оние други универзитетчиња, на (речиси) целата македонска интелектуално гребаторска елита која буљеше во мермерот што не е мермер, ама како да е мермер, и – ракоплескаше? Која што гледаше како се упропастува еден град и цела држава, како се уништува едно културно наследство за да се озваничи стиропор и не-мермер, која што се редеше на бацирака за еден мочан потпис и 500 евра, која што „мудро“ климаше со глава на сите еркери што ни ги забиваа в глава?

Единствената сатисфакција може да ни биде конечното раскрстување и со ваквите подмочани и гологузи персони, нивното дефинитивно бришење од македонската интелектуална сцена. Како што живееле, така и нека си одат, сосе „мермерот“ в џеб!

П.С.

Многумина ќе речат дека паралелно со мермерот што не е мермер, ама изгледа како мермер, подеднакво идиотски таинствено е и прашањето на телевизорите во автобусите на ЈСП. Но тоа е полесно решливо, односно можеме да поставиме наградно прашање: што ќе се прикажувало на телевизорите во автобусите на ЈСП, оние новине, кинески, двокатни, односно зошто главниот архитект на македонскиов јад и беда прашувал дали воопшто ќе има телевизори во автобусите?

Не знам дали некој ќе погоди, не знам дали и мојот одговор е точен, ама мислам дека таму ќе се вртеа две нешта – она смешноно „видео“ за „Скопје 2014“, како вовед (или журнал, ако сакате), потоа ќе течеа сите говори на главниот архитект, обоени портокалово. Симбол на времето, негово и за жал – и наше. И така, кој како ќе седне(л) во автобусот, со тригерче под седиштето ќе се вклучела „програмата“. Главниот штос ќе бил во тоа што не можеш да ја исклучиш. Никако. Единствен спас би бил да си излезеш порано од автобусот, без оглед до каде си сакал да одиш. Ама планерот мислел и на тоа и му дал задача на Милета да испита дали е изводливо никој да не може да го напушта автобусот кога ќе започнела „програмата“. Не знаеме дали нашле решение, Миле си поднесе оставка, нели.

Ама во таквите автобуси – кога би ги имале – би ги седнал оние МАНУ-ковцине, па професорине, па судиине… и да вртат по цел ден низ градов. Онака, на тенане. Нека се возат, нека гледаат и нека слушаат. И така за ништо друго не ги бидува!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Фотографии: Ingrid Berthon Moine (тестиси на скулптури од Стара Грција)

Слични содржини

Јавни простори / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото