Money makes the world go round

03.06.2015 12:03
Money makes the world go round

Единственото добро нешто што денес се случи е дека оној кој сака да разбере што ни се случува, имаше можност да дознае дека ниту Груевски ниту Ахмети се имињата кои ја контролираат состојбата, па сега треба да се смируваат. Туку дека тие се само пиони, локални капо-шерифи именувани на овие позиции токму со цел и смислена намера да се спроведува она што се спроведува врз сите нас.

Денес постирав снимка од синоќешната емисија на телевизијата на Коха Диторе, во која се пренесени делови од тајниот извештај на истрагата на ЕУЛЕКС со кој се расветлуваат врските помеѓу службеници на ЕУЛЕКС со моќни косовски политичари.

Извештајот опишува намери за здобивање позиции од премиерот, местенки за добивање позиција на шеф на ЕУЛЕКС, именување министри, јавни обвинители, истражувачи и разни други локални и меѓународни функции. Извештајот се осврнува и на заплетканоста на ЕУЛЕКС во разни афери, за интервенции во истрагите на ЕУЛЕКС, за борбата за политички елиминации на политичари и како моќни политичари се обидуваат да се амнестираат себеси од Специјалниот Суд во формирање. Случајот Фатмир Лима е посебно интересен, со тоа што тој е намерно прогонуван со цел да не ја загрозува доминацијата на Хашим Тачи, и тоа со сесрдна помош на евро-дипломатите од ЕУЛЕКС.

Поентата која треба да се пренесе во врска со овие наоди и со денешните случувања кај нас е дека сосема наивно грешиме кога срамните поведенија на евро-американската дипломатија во урнисувањето на домашната демагогија велиме дека се „грешка“. Не разбирајќи дека не станува збор за никаква грешка, туку за смислена операција во корист на задржување на власт на луѓе кои се лесно контролибилни поради алчност, криминален менталитет, страв од затвор и коруптивно настроени. Затоа Македонците поради јазични пречки сè уште мислат дека состојбата во Македонија е исклучок, додека пак Албанците знаат дека е правило сеприсутно низ сиот Западен Балкан.

Можеме ние до куково лето или до 10 јуни да бараме одговорност и соземање од Никола, од Али, од Мендух - и пак и повторно ќе си останеме со прст во уста. Или конечно ќе го скратиме патот и ќе зачукаме и побараме одговорност од оние кои ги именуваа, ги хранеа, ги бранат и не допуштаат да паднат поради таму некакви незадоволни граѓани. А тоа се ЕУ Комисијата и дипломатиите на земјите членки, како и САД.

Првиот чекор во тој правец е јасно и гласно да им дадеме до знаење дека сме сити и згадени од тоа тие да ги хранат и бранат балканските криминалци, а потоа да ги обвинуваат и исмејуваат балканските народи како склони кон криминал, корумпирани, националисти, нецивилизирани итн. Не, народите од овие простори не се такви, туку очигледно евро-американската дипломатија во овдешниот општествен талог си ја препознава својата скриена природа и животна шанса за брзо богатење. ЕУ дипломатијата во новиот речник е еквивалент на балканската криминогеност. Што друго инаку би ги држело во љубовничка прегратка еден Муса Џафери и Питер Фејт?! Вербата во европски вредности? Демократија? Слобода на медиумите?

Или пак рефренот од „Кабаре“, „money makes the world go round“…

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња