Писмо на Јосиф Бродски до Брежњев

04.06.2015 01:09
Писмо на Јосиф Бродски до Брежњев

Писмо до Л. И. Брежњев*

 

Почитуван Леонид Илич, напуштајќи ја Русија, не по своја волја, што можеби Ви е познато, решив да Ви се обратам со молба, на која ми дава право цврстото верување дека сето она што го создадов за петнаесет години на полето на книжевноста ќе служи и ќе послужи исклучиво во слава на руската култура. Сакам да Ве замолам да овозможите да се зачува моето учество, моето присуство во книжевниот живот. Макар и во улога на преведувач – во улога во која и досега настапував.


Си дозволувам себеси да мислам дека мојата работа беше корисна и дека би можел и понатаму да ѝ користам на својата земја. Најпосле, така се практикувало и пред стотина години. Јас ѝ припаѓам на руската култура, се чувствувам како нејзин дел и никаква промена на местото не може да повлијае на конечниот резултат. Јазикот е многу постар и понеизбежен од државата. Јас му припаѓам на рускиот јазик, а што се однесува до државата, мерата за патриотизмот на еден писател, според моето мислење, е како тој пишува на јазикот на народот меѓу кој живее, а не како се заколнува од говорниците.


Тешко ми е да си заминам од Русија. Овде се родив, израснав, овде живеев и сè што паметам и што знам ѝ должам нејзе. Сето она лошо што судбината ми го донесе се надоместуваше со добро, и никогаш не почувствував дека Татковината ме повредила. Ни денес не го чувствувам тоа. Бидејќи, иако престанувам да бидам граѓанин на СССР, не престанувам да сум руски писател. Верувам дека ќе се вратам; поетите секогаш се враќаат: лично или на хартија.
Сакам да верувам и во едното и во другото. Луѓето ја надминаа ерата во која владееше правото на посилниот. Затоа на светов има премногу слаби. Единствената правичност е добрината. Од злото, од гневот, од омразата – дури и ако ги наречеме праведни – не добива никој. Сите ние во животот сме осудени само на едно: на смртта. Ќе умрам јас, авторот на овие редови, ќе умрете и Вие, кој ги читате. Ќе останат нашите дела, но и тие ќе бидат подложни на уништување. Затоа никој не треба да му пречи на другиот да си ја врши својата работа. Условите за живот се доволно тешки за дополнително да ги отежнуваме. Се надевам дека добро ќе ме разберете, дека ќе сфатите што Ве молам.


Ве молам и понатаму да ми дадете можност и понатаму да живеам во руската книжевност, во руската земја. Мислам дека не сум виновен за ништо пред својата Татковина. Напротив, мислам дека за многу нешта сум во право. Не знам каков ќе биде Вашиот одговор на мојата молба и дали воопшто ќе има одговор. Жал ми е што не Ви пишав порано, сега веќе се нема ни време. Но Ви тврдам, дури и на мојот народ да не му е потребно моето тело, мојата душа во секој случај добро ќе му послужи.

1972

________________________________________________

*Сепак Јосиф Бродски не му го испратил писмото на Леонид Брежњев и го понел со себе кога на 4 јуни 1972 година го напуштил Советскиот Сојуз.

Извор: www.krugosvet.ru

Превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото