Несониците на осамениот намесник

04.06.2015 10:35
Несониците на осамениот намесник

Во јуни 1939 година југословенскиот кнез намесник Павле Караѓорѓевиќ официјално го посетил Берлин. Тоа биле неизвесни и тешки времиња: Хитлер само што ја окупирал Чешка (март истата година), Италија на Мусолини навлегла во Албанија (април), бил потпишан „челичниот пакт“ Хитлер-Мусолини (мај). На видик бил почеток на општа војна. За посетата на Павле во Берлин 1939 година, германската страна внимателно се подготвила. Германците издвоиле 30 милиони марки за дочек, 30 000 припадници на „јуришните одреди“ биле задолжени за безбедноста, додека улиците се украсувале една недела, а печатот и радиото со денови ги опсипувале слушателите со пофални прикази за „Југославија-земјата на чудата“ и за нејзините лидери. Училиштата и продавниците не работеле кога низ Берлин поминувале кнезот и неговата сопруга, од чии улици поздравувале стотици илјади луѓе. Триста авиони прелетале над гостите во знак на поздрав.

Тоа бил, како што напишал еден историчар, „вистински излив на политичка љубов“, додуша сосема дволичен и неискрен, каква што била и целата политика на Хитлер. Југословените биле задоволни бидејќи за време на официјалната вечера фирерот изјавил дека Германија нема никакви територијални барања кон Југославија (Југослација и Германија станале соседи по спојувањето на Австрија со Рајхот).

Морници од допирот

Хитлер сите свои трикови на политички хипнотизер и демагог со голем стил ги користел за да го убеди скептичниот соговорник Југославија да ја напушти неутралната положба: од ласкање и примамливи понуди, до посредни или непосредни предупредувања. Сепак, Југославија упорно се држела до својот проглас за политичка и воена неутралност. Фирерот добро ја разбрал тактиката на југословенскиот намесник: Павле го сменил прогерманскиот претседател на владата Стојадиновиќ, одржувал силни врски со Британците, не сакал да даде каква било изјава во корист на Силите на оската. Сето тоа го поттикнувало фирерот на Југославија да гледа како на „несигурна земја“.

Германскиот лидер и југословенскиот намесник имале неколку повеќечасовни разговори. Домаќинот упорно се обидувал својот гостин да го наведе барем на прифаќање на некое од германските барања: на пример, Југославија да излезе од Друштвото на народите, да го напушти Балканскиот пакт или да пријде кон оската Берлин-Рим. Без резултати. „Кнезот Павле знаел да молчи“, вели за него Милош Црњански. По завршниот состанок „Хитлер при напуштањето на одајата не се ни обидел да го скрие своето незадоволство од резултатот на преговорите. Неговиот темен поглед и нервозното мрдање на усните го докажувале тоа“ (В. Ваухник). Помеѓу двајцата државници не се родила никаква симпатија. На кнезот Павле, Хитлер оставил впечаток на опасен „лудак“.

„Рацете му се меки, како краци на медуза. Чувствувате морници од неговиот допир. Лицето му е жолто како восочна фигура“. Од друга страна, ни Хитлер не бил фасциниран од својот посетител. Павле Караѓорѓевиќ го оценил како „изразит слабак“ кој секогаш успевал да се „измолкне како јагула: кога и да помисли човек дека од него ќе извлече некој цврст одговор, тој ќе се сокрие зад својот парламент“. Хитлер прокоментирал дека кнезот е поквалификуван да биде „началник на одделение во некој музеј, отколку државник“.

Влијанието на вујковците

Меѓутоа, посетата му оставила силен впечаток на намесникот. По враќањето запишал дека сега е убеден во „неизбежноста од избивање војна“. Југословенската влада донела одлука за забрзување на вооружувањето на војската, а специјалниот воен претставник, генералот Пешиќ, бил упатен во Париз и Лондон на тајни договори. Голем дел од југословенските златни резерви бил префрлен во Велика Британија и во САД.

Германскиот лидер во бес неосновано го потценувал југословенскиот намесник знаејќи за неговата голема наклонетост кон уметноста. Пред да стане „првиот намесник“ во Кралството Југославија, по атентатот во Марсеј 1934 година, кнезот Павле со задоволство ја носел функцијата главен шеф на сите државни музеи.

„Многу чувствителен, промислен и повлечен“ Павле не бил роден да владее. Единственото дете (роден 1893 година) од краткотрајниот брак на принцот авантурист и коцкар Арсен Караѓорѓевиќ со богатата руска наследничка Аурора Демидова, тој го поминал детството кај својот чичко, идниот крал Петар Први Караѓорѓевиќ. Откако како двегодишно дете после разводот на родителите бил одвоен од мајката, ја сретнал само уште двапати пред да умре кога тој имал десет години. Љубовта кон уметноста и убавите нешта ги наследил од богатите вујковци и познати добродетели, принцовите од Сан Донато.

Сепак, најголемо влијание врз градењето на личноста на Павле оставиле годините кои ги поминал како ученик и студент во Англија (1913-1922). Престојот на универзитетот во Оксфорд значел „нова зора во неговиот живот – будење кое засекогаш ќе го формира неговиот дух“ (Нил Балфур). Ќе стане и до крајот на животот ќе остане англофил, што било голема реткост меѓу српските интелектуалци или државници, главно образовани во Франција, Русија или во земјите од германското говорно подрачје.

Како роб на галија

Од 1925 година, Павле, со сопругата Олга, грчка принцеза, постојано живеел во Југославија. Иако уште од детството бил близок со својот постар братучед од чичкото, кралот Александар Први, до погубувањето на кралот Павле бил многу малку вклучен во државните работи. Се занимавал со своето семејство, со повремена протоколарна работа, колекционерство и основање на првиот музеј за модерна уметност во Белград (Музејот кнез Павле). Убиството на кралот Александар од темели го променило животот на кнезот. Повлечен, дискретен, интелигентен и несигурен во себе, љубител на уметноста, одеднаш се нашол на чело на државата потресена од внатрешни спорови, загрозена однадвор, во најтешкото време на подемот на нацизмот во Европа. Павле „преку ноќ упаднал во работите за управување со земјата чија војска неволно го прифатила, а чии политичари го доведувале до лудило“ (Н. Балфур).

Во 1935 година Павле го избрал политичкиот соработник кој ќе му овозможи одредено време да управува со земјата на подискретен начин. Способен и превртлив, Милан Стојадиновиќ како претседател на владата и министер за надворешни работи во текот на речиси четирите години во најголем дел го имал водечкиот збор во внатрешната и надворешната политика на Југославија. Но, тој ја изгубил власта кога кнезот намесник сфатил дека претседателот на владата почнал да дејствува зад неговиот грб.

„Блискиот контакт со политичарите не ја подигнува верата во човечката природа“, се жалел Павле на една пријателка.

„Јас сега водам напорен и тежок живот... Морав самиот да се откажам од сето тоа што го сакам и сега сум принуден да живеам како роб на галија...“

По падот на владата на Стојадиновиќ (февруари 1939 година) новиот премиер Драгиша Цветковиќ постигнал договор со хрватскиот лидер Мачек за создавање Бановина Хрватска во рамки на Југославија. Пет дена пред избивањето на Втората светска војна направена е владата Цветковиќ-Мачек. Ова без сомнеж бил најважниот потфат на Павле во внатрешната политика. Меѓутоа, договорот ја зголемил опозицијата и непопуларноста на кнезот намесник и новата влада во Србија.

Малку комуникативен

Со избивањето на војната во септември 1939 година меѓународната игра станувала сè посложена, побрза и поопасна. Условите се менувале со промените на боиштата. На Германија, окупирана со војната против Полска и западните сили, во прво време, по почетокот на непријателствата, ѝ одговарала прокламираната неутралност до која се држела југословенската влада.

Меѓутоа, можниот напад на Италија бил постојана закана за Југославија. „Дуче зборувал за Хрватска, запишал грофот Ќано“, веќе го чешаат рацете. Има намера да ги забрза настаните за да го искористи нередот што владее во Европа“.

За да ја зајакне својата положба, во април 1940 година Белград воспоставил дипломатски односи со СССР. Капитулацијата на Франција (јуни 1940) ја потврдила надмоќта на Хитлер во Европа и ги оставила малите земји на европскиот југоисток на милоста и немилоста на Германија. Германците дошле до француските воени архиви врз основа на кои ги дознале тајните врски на Франција и Југославија за време на војната, со што уште повеќе била зголемена недовербата на Хитлер за властите во Белград. Германија, Италија и Јапонија во септември 1940 година го склучиле тројниот пакт со кој најавиле создавање „нов поредок“. Бирајќи помеѓу напад на Југославија или на Грција, Мусолини одлучил (не прашувајќи го Хитлер) во средината на октомври 1940 година да влезе во Грција.

Војната опасно се приближувала кон Југославија. Во два наврати, италијански авиони по „грешка“ ја бомбардирале Битола. Кнезот Павле тогаш го сменил началникот на генералштабот Милан Недиќ кој отворено се залагал за сојуз на Југославија со Хитлер.

„Со италијанско-грчката војна почнала борбата помеѓу Германија и Британија околу Југославија... Ниедна велесила не сакала неутрална Југославија. На Черчил и Рузвелт југословенската неутралност им била исто толку одбивна како и на Хитлер и Мусолини“ (Ј. Хоптнер). Во ноември 1940 година, Унгарија, Романија и Словачка пристапиле кон Тројниот пакт. Во октомври 1940 година германските трупи преку Унгарија почнале да влегуваат во Романија. Обрачот околу Југославија се затворал.

Кнезот Павле бил во тешка ситуација. „Многу пуши, го опишал Слободан Јовановиќ, потемне во лицето... Тој е затворен човек, малку комуникативен. Никому не се открива. Јас го жалам. Осамен е, изолиран. Нема кому да се довери...“

Наредбата на Черчил

Откако во 1940 година Хитлер одлучил да го подготви нападот на СССР сакал себеси да си обезбеди „чиста ситуација“ на југоистокот од Европа. Сепак, и понатаму се надевал дека ќе ја придобие Југославија со убедување и дипломатија, а не со војна. Во писмото до Мусолини од 20 ноември 1940 година Хитлер порачал: „Мораме да ја наговориме Југославија да ја промени својата сегашна политика и да ја заинтересираме за вистинска соработка со нас, за да го решиме грчкото прашање“. Југославија одбивала да дозволи превоз на оружје или опрема за италијанската војска во Грција, но од друга страна, тајно го олеснувала снабдувањето на грчката војска. Заради тоа Германците го прекинале превозот на договорените воздухопловни набавки за Југославија. Во декември 1940 година Хитлер го повикал кнезот Павле во Берлин за да му предложи „сојуз“. Овој го одложувал одговорот. Настапиле неколку драматични месеци. Играта „мачка и глушец“ продолжила. Во декември 1940 година бил потпишан договор за „вечно пријателство“ помеѓу Југославија и Унгарија. Ќе важи само едвај четири месеци.

Од друга страна, ниту Англичаните не мирувале. Черчил упатил наредба до своите соработници да ги „натераат Југославија и Турција да се борат...“ Во наредбата до својот амбасадор во Белград, Кембел, му наложил да ги примени сите дипломатски мерки за да им „досадува, мачи и гризе“ на кнезот и неговите министри, за да го спречи нивното согласување со Германија. Меѓутоа, Англичаните не нуделе речиси никаква практична помош во случај на војна на Југославија со Силите на оската.

Кнезот Павле се чувствувал изолиран во земјата, здравјето и довербата во себеси му биле на критична точка. Пред него стоеле драматични одлуки. Се жалел: „Несфатливо ми е како овие луѓе (Хитлер и Мусолини) можат секогаш да бидат толку сигурни во своето мислење... Кога јас треба да донесам некоја одлука, се мачам цела ноќ, пред и потоа...“ Според неговите зборови, кон крајот на 1940 година се чувствувал физички и психичики сосема изнемоштено и едвај чекал кралот Петар Втори да стане полнолетен за да му ја предаде власта.

Под притисок на политичките расправии во земјата и воените случувања во Европа, намесникот кон крајот на 1940 година, во очај решил да поднесе оставка:

„Мојата главна цел секогаш беше да ги ублажам домашните несогласувања и да го сочувам мирот на границите... Можам само да кажам дека не успеав...“ Сепак, по долго убедување неговите советници го навеле да се откаже од оставката. Во говорот на радио по повод прославата на обединувањето, на 1 декември 1940 година, рекол: „Потребно е да се сочуваат сериозноста и ладнокрвноста за да се сочува земјата од воениот пожар.“ Кнезот намесник знаел дека Германија подготвува напад на СССР. И понатаму настојувал да добие време.

Состанокот во Бергхоф

Кон крајот на декември 1940 година, југословенскиот министер за надворешни работи Цинцар Марковиќ се упатил кон Германија. Хитлер му рекол дека е „последен момент“ Југославија навреме да се „определи и да обезбеди место во новиот европски поредок“. Цинцар Марковиќ не можел да одговори ништо конкретно. Притисокот и заканите од Берлин, со ветувања и понуди, растеле речиси секојдневно. Во средината на февруари 1941 година Хитлер го посетил и претседателот на владата Цветковиќ. Му рекол, како и претходно на Цинцар Марковиќ, дека Југославија треба да ја „искористи единствената историска можност“ и веднаш да му пристапи на Тројниот пакт. Хитлер понудил и еден мамец: Југославија да го добие пристаништето во Солун откако Германците и Италијанците ќе ги поразат Грците. Воениот напад на СССР се подготвувал забрзано. Хитлер му порачал на Фон Херен, германскиот амбасадор во Белград да преземе сè за Југославија „не за неколку недели туку веднаш“ да му пристапи на Тројниот пакт. Повторно барал кнезот Павле што побрзо да го посети.

Веста која пристигнала зората на 1 март 1941 година го принудила кнезот веднаш да се подготви за пат во Германија: Бугарија и официјално му пристапила на Тројниот пакт. Истиот ден германските дивизии од Романија веќе марширале во Бугарија и тргнале кон грчката граница! Кнезот се присетил на реченицата на својот претседател на владата, Цветковиќ:

„Едно нешто е вон сомнеж: симнувањето на Германците кон југот преку Бугарија за нас значи смртна опасност“. Веста дека малубројни англиски единици почнале да се истовараат во грчкото пристаниште Пиреј, не нудела сериозна надеж дека Велика Британија може да помогне.

И многу години подоцна кнезот Павле можел јасно да се присети на оние величествени алпски глетки на планини и шуми и врвови прекриени со снег, додека тој 4 март 1941 година во колона автомобили се качувал по кривиот пат кон Бергхоф, на состанок во летниковецот на Хитлер, на самиот југ од Баварија. Ни поубава глетка, ни помачен ден за југословенскиот регент. За последниот, петчасовен состанок на кнезот Павле со Хитлер во Бергхоф, на 4 март 1941 година, кнезот оставил пишано сведоштво.

„Хитлер почна еден од своите долги монолози, опишувајќи ми што сè направил од своето доаѓање на власт... Директно побара од мене да му пристапиме на Тројниот пакт...“

Павле одговорил дека не може да склопи договор со Италијанците „кои го убиле кралот Александар“ велејќи дека „нема да остане на власт ниту шест дена“ ако го потпише документот кој му го понудил Хитлер. Фирерот притискал и натаму. Најпосле, кнезот рекол дека претходно уште еднаш мора да изврши разговори во земјата. „Германците го одредија точниот датум до кој би требало да одговориме на нивното барање...“ Павле се вратил во Белград депресивен и несигурен. Бил убеден „дека војната е неизбежна, но дека ни треба време да извршиме мобилизација“.

„Ние нема да капитулираме, му рекол на американскиот амбасадор Лејн, ние никогаш нема да паднеме на колена“. Но, по состанокот со советот на Круната, го променил мислењето.

Пакт или војна

На 6 март 1941 година во Белград била одржана клучната седница на советот на Круната, на која на највисоко државно ниво се одлучувало што да се прави. Министерот за војска Пешиќ дал проценка за развој на приликите во случај на војна: во најдобар случај, Германците многу брзо ќе го окупираат северот на Југославија (Словенија, Хрватска, Војводина) додека војската би можела да се бори во планините (Босна) уште неколку недели пред потполна капитулација. Хрватскиот министер Мачек и Словенецот Куловец изјавиле дека не можат да го прифатат влегувањето во војна во која Хрватска и Словенија веднаш ќе бидат прегазени. По тешката и напорна дискусија членовите на советот гласале. Сите девет членови генерално се изјасниле за потпишување на Тројниот пакт, но со дополнителни услови: Југославија да не се вклучува воено во војувањето и фашистичките војски да не поминуваат низ Југославија.

Тешките преговори со Германците продолжиле и во наредните недели. Во тој период, советот на Круната одржал уште пет драматични седници. Германците повеќепати упатувале ултиматум. Фон Рибентроп му порачал на германскиот амбасадор во Белград:

„Кажете им на тие господа во Белград дека ова е единствената можност која не смеат никако да ја пропуштат... Јас ги прифатив нивните предлози и тоа прашање не може да се одложи...“ На последната седница од советот на Круната, Павле рекол:

„Јас имам свест и не смеам да го водам својот народ во војна, кога на самиот почеток знам дека би нè водел во сигурен пораз“.

На одлучувачката седница на владата на Цветковиќ, одржана на 20 март 1941 година, министрите поединечно се изјасниле: 16 од нив биле за прифаќање на Пактот, наспроти 3 кои биле против. Заради оставките на тројца министри, избила краткотрајна криза во владата. Сепак, по новиот германски ултиматум, Павле го известил германскиот амбасадор дека претседателот на владата Цветковиќ и министерот за надворешни работи Цинцар Марковиќ, на 25 март ќе отпатуваат во Виена за да го склучат договорот за пристапување кон Тројниот пакт. Играта „мачка и глушец“ се ближела кон крајот.

Кнезот Павле водел надворешна и внатрешна политика на која го принудувале околностите, но за која нималку не ја подготвил домашната јавност. Мнозинството во Србија и понатаму било против пактот. Патријархот Гаврило се спротивставил на склучувањето на Пактот со Германија и одбил да го поддржи намесникот. Белград придушено негодувал. Командантот на воздухопловството, генералот Симовиќ, на 23 март барал прием кај кнезот Павле за да го предупреди:

„Јас едвај ги држам во рацете своите офицери и може да се случи заради погрешни одлуки, да ме бомбардираат прво мене... па и Вас во Белиот двор...“ И покрај оваа речиси нескриена закана, кнезот Павле го оставил Симовиќ на командната положба. Како веќе да немал сила за борба.

Откако по пристапувањето кон Тројниот пакт, претседателот на владата Цветковиќ и министерот Цинцар Марковиќ се вратиле од Виена, кнезот Павле решил да „оди на одмор“ во својата куќа на ридот кај Крањ. И покрај напнатата атмосфера и гласините за можноста за државен удар, ја напуштил престолнината и со воз се упатил кон Словенија. Кога рано утрото на 27 март 1941 година, на станицата во Загреб, војниците го известиле дека „во името на кралот и новата влада“ повеќе не е намесник и дека мора да се врати во Белград за да потпише абдикација, Павле ја „прифатил ситуацијата мирно и филозофски“. Изјавил дека само сака што побрзо со семејството да ја напушти земјата. Истата вечер бил прогонет во Грција. Никогаш повеќе нема да го види Белград. Тој ден Черчил на радио објавил:

„Југославија ја најде својата душа“. Вечерта истиот ден Хитлер ја издал директивата број 25 во која наредил: „Југославија... мора да биде сметана за непријател и мора да биде победена колку што е можно побрзо“.

***

Двата мартовски денови – денот на пактот и денот на пучот – засекогаш го обележале животот и историската личност на кнезот Павле. Ќе остане запаметен и обележан како „оној што го прифатил пактот со Хитлер и кого од власт го соборил антифашистичкиот удар“. И покрај сите напори, не успеал да ја спречи војната и катастрофата. Професорот Слободан Јовановиќ еднаш на кнезот му го дал следниот совет:

„Кога се води една непопуларна надворешна политика, тогаш мора да ја води владата во која народот има довреба... Може да се води ненародна внатрешна политика, но тогаш мора да се води популарна надворешна... и обратно“.

Меѓутоа, кнезот Павле не бил политичар кој бил во состојба да спроведе таква политика, а прашање е дали некој во Југославија во завојуваната Европа и можел. Како што поплавата ги носи давениците кон бездната на водопадот, така случувањата и воените настани го одвлекле кнезот Павле право кон провалијата која со години се обидувал да ја избегне.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

 

ОкоБоли главаВицФото