Карневализацијата како културно-политичка тактика

04.06.2015 13:10
Карневализацијата како културно-политичка тактика

Ми се чини дека Вангел Ноневски греши кога тврди дека сега не е време за уметничко-политички акции туку за поконкретно политичко дејствување. Моето мислење е спротивно: секое време е време за перформанс, критика, карневал... Токму тешките времиња и драматичните предизвици (глад, чума, политички терор итн.) всушност се историската позадина врз која настанува карневалот како своевиден вентил или инверзија на постојаните скаменети општествени односи.

Доколку се држиме за тезите на Ноневски станува сомнително и дејствувањето на некои од, според мене, најзначајните културни феномени во Македонија последниве пет-шест години: хорот Распеани скопјани или уметничката група Свирачиња (тука би го сместил и дејствувањето на провокативниот Саше Политико кој за себе пронајде нов хибриден медиум, спој меѓи книжевноста, новинарството и перформативниот активизам).

Пред неколку години во Бразил како кандидати за пратеници излегоа Бетмен, неговиот помошник Робин и Осама Бин Ладен. „Гласајте за Бетмен, бидејќи нема ништо да направам против народот. Ќе работам во корист на народот!“ рече тогаш во својот спот Денер „Бетмен“ Насименто, кандидат на Бразилското демократско движење, облечен како човекот-лилјак. „Се маскирам бидејќи така можам да им се потсмевам на политичарите“, објасни Жајлсон Гомез Мота, кандидатот на социјалдемократите што тогаш се претстави како десната рака на Бетмен, Робин. Во 2010 година кловнот Тиририка беше избран за член на бразилскиот конгрес со над 1,3 милион гласови, што е повеќе од кој било друг кандидат на тие избори. Слични феномени се случуваат насекаде низ светот.

(„Пародискиот тренд“ во поновата политичка историја можеби највидливо го возобнови италијанската Транснационална радикална партија која настана кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век. Таа остана запомната и препознатлива по своите радикални но мирољубиви провокации, сеедно дали станува збор за порно ѕвездата Чичолина во италијанскиот парламент, јавното пушење марихуана или жестоката аболиционистичка кампања. Транснационалната радикална партија всушност успешно направи еден антидоктринарен пресврт кој радикализмот го оддалечи од тешката и главно неуспешна дотогашна партиска традиција и ја приближи политичката партија кон невладините или антивладините организации.)



За воопшто да бидете забележани во бескрупулозниот медиумски пејзаж - сеедно дали сте политичар, активист, уметник - денес е потребно да се поврзе општествената стварност со културното производство, „формата“ со „содржината“. Во областа на активизмот токму карневализацијата е еден од најраспространетите начини за современо делување. Спектакуларноста и фантазијата стануваат многу важни борбени средства против семоќната држава. Новите бунтовници создаваат нов јазик на граѓанската непослушност. Тој јазик е спој од уличен театар, фестивал, перформанс и она што би можело да се опише како ненасилна борба. Пред десетина години, на пример, групите Ya Basta! и Rebel Clown Army почнаа карневалскиот хумор да го користат како политичка стратегија. Дејвид Грејбер опишува некои од тие феномени: „Ya Basta! е позната поради својата тактика на белите комбинезони: мажите и жените се облечени во различни форми на костими, кои варираат од оклоп до сунѓер, од со воздух наполнети до водоотпорни кожни опреми, шлемови и хемиски отпорни бели пиџами-костими. Се чини дека нивната смешна облека ги сведува на ликови од цртани филмчиња, а не на стварни луѓе - ликови кои се изобличени, будалести, големи и неуништиви. Тој впечаток е уште посилен кога таквите костимирани ликови ќе ги нападнат полицајците со балони и водени пиштоли или кога, како Pink Bloc во Прага, ќе се облечат во костими на самовили и ќе ги скокоткаат полицајците со пердуви. На Американската партиска конвенција, групата Billionaires for Bush облече изразито кичести фракови и вечерни тоалети, буткајќи во џебовите на полицајците снопчиња лажни пари и заблагодарувајќи им се што не ги угнетуваат оти не се согласуваат со нив.“

Интересен пример за уметнички „карневалски“ стратегии дава Катарина Шлиебен, која од 2004 до 2009 година го водеше влијателниот алтернативен културен простор Shedhalle во Цирих. Шлиебен како интересен историски момент за културниот активизам го истакнува примерот на протестот познат под името Muller Broadcasting. Тогаш протестот на младите започнал поради големиот буџет наменет за операта во Цирих. Бројни демонстрации се одржувале во центарот на градот, а медиумите известувале за сите активности. Поради тоа телевизиската емисија CH-magazin повикала двајца од учесниците во протестот, бидејќи сакале да ги слушнат ставовите на бунтовниците. Освен нив, во емисијата гостувале шефот на полицијата, членови на градскиот совет и претседателот на социјалдемократската партија. Гостите-протестанти однапред се откажале од изнесувањето на сопствените ставови, наместо тоа глумејќи конзервативен пар сопружници, Ана и Ханс Милер. Тие се залагале за строги мерки коишто полицијата треба да ги изврши против побунетите протестанти. Таквата инверзија, објаснува Катарина Шлиебен, го пореметила вообичаениот образец на јавна расправа, а на претставниците на градот им ги одземала нивните аргументи. Ваквата замена на улогите на говорниците тркалезната маса ја претворило во медиумска фарса пред вклучени камери.


Втор пример за карневалски (културни или активистички) стратегии од времето на осумдесеттите во Цирих се таканаречените „пливачки демонстрации“. Градските власти го забраниле демонстрирањето на улиците на Цирих, па демонстрантите го поместиле протестот со пливање во реката Лимат, помеѓу мостовите Quai и Platzspitz. Пливајќи демонстрантите ги извикувале своите слогани. Во случајов, реката била сквотирана на многу невообичаен начин. Новинарските екипи, полицијата и граѓаните стаписано го гледале настанот.

Политичкиот или активистичкиот настап со елементи на уметност (перформанс, хепенинг, ивент...) стана неразделен дел од современото јавно делување. Дури и озлогласениот ивент (најчесто маркетиншки концепт смислен за привлекување купувачи) во современата филозофија, на пример, стана важен поим кој означува „непредвидлив настан што трајно ја менува зададената структура на мислење“. Во областа на архитектурата, да речеме, Б. Чуми го создава поимот event-cities кој ја означува преобразбата на градовите во простори на случувања.

Постои и еден друг аспект на комплексното преплетување меѓу политиката и уметничко-активистичките практики. Француската теоретичарка Жоел Заск вели вели дека политиката често кај уметничките практики ги открива точките каде што тие од креативни преминуваат во конформистички; додека уметноста, пак, на политиката ѝ го покажува моментот кога таа од слуга станува господар, дури и џелат. Ако треба да исчекориме од политиката за да можеме да ја оцениме и насочиме, сугерира Заск, тогаш исто така треба да се излезе и од уметноста, за да ја поттикнеме. Во својата книга „Демократијата и уметноста“ Заск вели дека идеалите на созревањето, еманципацијата и индивидуацијата се заеднички и за уметноста и за демократијата.

Слики: Свирачиња