Бројот на магистри и доктори во Македонија го надмина бројот на жители

04.06.2015 14:15
Бројот на магистри и доктори во Македонија го надмина бројот на жители

Скопје, 4 јуни 2015

Бројот на граѓани со докторат и магистратура во Македонија го надмина вкупниот број на жители, покажуваат најновите податоци на Заводот за статистика.

Голем број доктори и магистри ги стекнале своите титули последниве 15-тина години, па Македонија од земја со само неколку проценти факултетски образовани, денес со 126 отсто изби на прво место во светот по број на граѓани со докторска и магистерска титула.

„Станува збор за своевиден феномен кој во одредени земји се среќава само кога станува збор за мобилните телефони и гаџети по глава на жител, но ова е прв пат во некоја земја бројот на академски титули да го надмине не само бројот на факултетски образовани, туку на сите жители“, рече на конференцијата за медиумите Министерот за обраование Абдулаќим Адеми.

Во Институтот за анализа на докторати, магистратури и домашни задачи при универзитетот ДРОН велат дека забележаниот феномен и не е толку необичен.

„Уште од античка Грција е познато дека луѓето, кога ќе дојдат во состојба на безделништво, почнуваат да се интересираат за образованието, уметноста и културата. Луѓето почнуваат да работат на себе затоа што веќе ги задоволиле сите примарни потреби, како што се домот, храната и партиската книшка. Очигледно е дека во Македонија има многу луѓе кои поради недостиг од работа веќе со децении се во состојба на длабоко безделништво, така што е добро тоа што вишокот слободно време одлучиле да го потрошат на стекнување академско знаење и титула. Некои и на стекнување на повеќе титули“, велат од ДРОН.

Според министерот за образование Адеми, голем придонес за ваквите резултати дале бројните приватни, но и државни факултети кои овозможиле различни алтернативни начини за добивање дипломи, тутили и звања, со што како земја стекнавме голема предност над Европа и остатокот од светот.

За споредба, додека Македонја има 126 отсто доктори и магистри, Јапонија има само 40 отсто високо образовани, додека САД имаат дури и помалку, што според проценките на експертите значи дека ќе им бидат потребни барем 70 години интензивно образование за да ја достигнат Македонија.

Извор: www.njuz.net
Слика: Шенон Грисом