Мириса на 1914

05.06.2015 02:12
Мириса на 1914

Американските функционери обично не се вклучуваат во европските политички расправи. Европската Унија сепак е независна економска суперсила, премногу голема и богата за да дозволи директно американско мешање во своите работи, предводена од умешни луѓе кои си ја знаат работата. Затоа привлекува внимание изјавата на американскиот секретар за финансии Џејкоб Лев, кој ги предупреди Европејците дека треба што поскоро да го решат грчкиот проблем, за да биде избегната „тешка несреќа“.

Го разбирам господинот Лев. Можноста за принудно излегување на Грција од еврозоната е економски и политички високо ризичен потег, а Европа како месечар оди токму кон тој исход. И господинот Лев се обидува да ја протресе и разбуди. Алузијата на одличната книга на Кристофер Кларк „Месечари“ за причините на избувнувањето на Првата светска војна е намерна. Развојот на настаните дефинитивно мириса на 1914 и се добива впечаток дека истата мешавина од вишок гордост, индигнација и погрешни проценки ја води Европа на работ од бездната. Тоа мора да биде спречено.

На сите им е јасна суштината на недоразбирањето помеѓу Грција и нејзините доверители. Грција просто не може да добие доволно пари.

Најмногу што може да очекува се заеми кои би покриле дел од каматата на нејзиниот веќе постоечки долг. Од друга страна, таа не е во состојба и одбива да го плати целиот износ на каматите, за долгот и да не зборуваме, зашто тоа би ја вовело во нов погубен круг од мерки за штедење кои би ѝ нанеле тешка економска штета, а политички се сосема неодржливи.

Исходот од успешните преговори би изгледал вака: Грција би преземала обврска да оствари позитивен но мал „примарен суфицит“, т.е. вишокот државни приходи над расходите не вклучувајќи ги каматите. Сè останато е помалку важно. Во која мера ќе се утврди односот помеѓу намалувањето на каматите, редукцијата во однос на номиналната вредност на долгот и новите рокови на исплата? Дали Грција веднаш ќе изложи целосен план на државните трошоци или договорот ќе биде заснован на основните точки на програмата, а за деталите ќе се расправа подоцна?

Ова се важни, но секундарни прашања и не би требало да бидат пречка во постигнувањето на главната цел.

А еве и алтернативи: Грција останува без еврото и поради банкарската криза е приморана да воведе сопствена валута. Тоа е сценарио неповолно за сите страни во спорот. Но преговорите одат во лоша насока и се јавува оправдан страв дека би можело да се случи најлошото.

Зошто учесниците во спорот не можат да постигнат обострано корисен договор? Дел од одговорот е меѓусебната недоверба. Грција со право има чувство дека е третирана како покорена провинција со која владеат сурови и неспособни проконзули. Погледнете ги само програмите за штедење кои ѝ ги наметнаа и нивниот краен неуспех. Од друга страна, европските институции ја сметаат Грција за несигурен и неодговорен партнер, не ѝ веруваат на коалицијата од аутсајдери која дојде на власт по крахот на програмата за штедење, а неубедливи им се и ветувањата за реформи, после искуствата со претходните грчки владетели.

Но, освен заемната недоверба, тука постои уште нешто. Некои од главните играчи зазедоа фаталистички став и како да повикуваат и едвај да чекаат катастрофа. Тоа е некој вид модерна верзија на „духот на 1914“, кога многумина биле одушевени од перспективата за можна војна. Овие играчи се убедени дека Европа може да го поднесе излегувањето на Грција од еврозоната и дека тоа би била добра лекција за останатите за казната која следува за лошо однесување.

Но нивната проценка е погрешна. Дури и краткорочно, финансиските обезбедувања кои наводно би ги анулирале лошите последици од излегувањето на Грција од еврозоната, никогаш не се тестирани и би можеле да потфрлат. Грција, им се допаѓало тоа на некои или не, е дел од Европската Унија и нејзините неволји би се прелеале во останатите земји членки, дури и ако финансиските обезбедувања го издржат нејзиното излегување.

И на крајот, граѓаните на Грција не се единствените Европејци кои политиката на штедење ги радикализираше. Подемос на неодамнешните локални избори во Шпанија освои голем број гласови. Бранителите на еврото можеби би требало да се плашат не толку од сегашната криза, колку од моментот кога Грција ќе почне да закрепнува и да станува пример за сличните сили ширум Европа.

Ништо од ова не мора да се случи. Сите играчи на масата, дури и оние кои посакуваат пропаст на преговорите, во основа имаат добри намери. Речиси да нема судир на интереси помеѓу Грција и нејзините доверители. Знаеме што би подразбирал обострано корисниот договор. Но дали ќе дојде до него? Ќе дознаеме наскоро.

Извор: The New York Times, 01.06.2015.

ОкоБоли главаВицФото