Вчера не беше нападнат театарот, за жал

05.06.2015 15:41
Вчера не беше нападнат театарот, за жал

Вчера не беше нападнат театарот, за жал. Ќе бев среќна ако навистина се прекинеше една претстава и ако актерите седнеа наспроти публиката и се водеше конструктивна расправа за претставата и за состојбата на театарот.

Навистина сакам на моја претстава да се најде некој театарски писмен во публика, да ја прекине претставата и да нè отера у три лепе, мене, моите колеги, режисерот, директорот, министерството, државата... така барем ќе почувствував дека значиме нешто во општествово.

Нормално, немаше да имам ваква потреба ако постоеше здрава театарска критика. Ама нема бре, кутри сме, никој веќе не пишува за нас.

Значи, вчера активисти облечени во барокни костими (тотално дегутанто по мене) нападнаа една личност (кон која немам ниту едно позитивно чувство). Не знам дали беше нападната како актер, како човек или како директор на театар. Еве, да речеме дека има зошто да се нападне по сите три основи. Но, сепак треба да се избере соодветен облик на дејствување.

Она што се случи вчера, на сред претстава, не го сметам за паметен потег зашто, прво, немаше врска со претставата и, второ, во таа акција не беа поштедени останатите актери на сцена кон кои нападот не беше упатен. (Тоа е како на моја претстава да ми дојде лихвар и да почне да ми се заканува дека ако не му ги вратам парите ќе ми пука у колено.) Во вчерашната претстава играа актери кои се на улица и се борат за истите работи со истите луѓе кои вчера беа во публика. Затоа мислам дека намерата на перформансот е премногу лична.

Настрана акцијата-перформанс. Загрижува реакцијата на акцијата. На официјален Фејсбук профил на институција да се омаловажува, потценува и деградира публиката е недозволиво, каква и да е таа публика. Институција која се изразува преку официјален Фејсбук профил сепак треба да има некакви стандарди и параметри за објавување статуси. И секако, тие стандарди не смеат да остават впечаток дека институцијата е еден човек, а уште помалку дека зад тој профил се крие самиот директор на таа институција - кој преку официјалниот профил си кажува личен став.

Ете, толку. Сега ќе одам да си ја мавам главата од маса со надеж дека ќе најдам излез од оваа бедна, перверзна, вулгарна културно-уметничко-политичка состојба во Македонија.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фото: via Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото