За тоа како се распадна еден човек

06.06.2015 00:20
За тоа како се распадна еден човек

ЗА ТОА КАКО СЕ РАСПАДНА ЕДЕН ЧОВЕК

-Велат дека сите убави жени се - газлести. Ех, а јас сакам цицлести, ми се допаѓа како мирисаат - и велејќи го тоа, тој почна да расте и расте, а кога дојде до таванот, се распадна на илјадници мали топчиња. Доаѓа чистачот Пантелеј, ги собира сите топченца во ѓубралник, во кој обично го собира коњскиот измет, и ги носи таму некаде зад куќата. А сонцето продолжува да сјае како и претходно и раскошните дами занесно да мирисаат како и претходно.

(23 август 1936)

* * *

Кога гледам човек, ми доаѓа да го треснам по муцката. Вистинско задоволство е да се удира човек по муцка!

Седам во мојата соба и не правам ништо.

Кога наеднаш, некој ми доаѓа на гости; ми тропа на вратата. Јас велам: „Слободно!“ Тој влегува и вели: „Добар ден! Баш добро што ве затекнав дома!“ А јас нему - трас по муцката, и уште со чизмата меѓу нозете. Мојот гостин паѓа, превиткувајќи се од страшна болка. А јас нему - со топукот, па во очи! Што има да скита, кога никој не го повикал!

Или, на пример, нешто вакво. Му нудам на гостинот шолја чај. Гостинот прифаќа, седнува на масата, го пие чајот и зборува нешто. Јас се правам дека го слушам со голем интерес, кимам со главата, воздивнувам, ги ококорувам очите како да се чудам и се смеам. Поласкан од моето внимание, гостинот сè повеќе и повеќе се внесува.

Јас мирно налевам полна шолја зовриена вода и му ја фрлам на гостинот во муцка. Гостинот скока и се фаќа за лицето. А јас му велам: „Во мојата душа нема веќе милост. Марш надвор!“ И го исфрлам надвор.

(1939-1940)

* * *

Еднаш на еден Французин му подариле диван, четири столови и фотелја.

Седнал Французинот на столот покрај прозорецот, а радо би се испружил и на диванот. Легнал Французинот на диванот, а веќе ја мерка фотелјата за да поседи на неа. Станал Французинот од диванот и седнал на фотелјата, како крал, а и во самата глава веќе такви мисли - многу е раскошно во фотелјата. Подобро е поскромно, на столот. Се преместил Французинот на столот крај прозорецот, никако да се скраси на него, сè нешто му дува од прозорецот. Се преместил Французинот на столот покрај печката и почувствувал дека се уморил. Тогаш Французинот одлучил да легне на диванот и да се одмори, кога, само што зачекорил кон диванот, веќе свртел на страна и седнал во фотелјата.

-Еве каде е убаво! - рекол Французинот и истиот час додал: -А веројатно на диванот е уште поубаво.

(1939-1940)

* * *

КОКА БРЈАНСКИ: Денес се женам.
МАЈКАТА: Што?
КОКА БРЈАНСКИ: Денес се женам.
МАЈКАТА: Што?
КОКА БРЈАНСКИ: Велам дека денес се женам.
МАЈКАТА: Што рече?
КОКА: Де-нес-се-же-нам.
Мајката: Же! Што е тоа же?
КОКА: Же-нид-ба!
МАЈКАТА: Како мислиш ба?
КОКА: Не е ба, туку же-нид-ба!
МАЈКАТА: Како не е ба?
КОКА: Па така, убаво, не е ба и точка!
МАЈКАТА: Што?
КОКА: Ама не е ба. Сфаќаш?! Не е ба!
МАЈКАТА: Пак ти мене тоа твое ба. Не знам јас што ти е тоа ба.
КОКА: Пу, мајката! Же па же! Ба па ба! Ајде, што е тоа же?! Ти, божем, не сфаќаш дека е бесмислено да се каже само же?
МАЈКАТА: Што велиш?
КОКА: Велам дека же е бесмислено!!!
Мајката: Сле?
КОКА: Па што е ова, боже господе! Како ли ти успева секогаш да слушаш само дел од зборовите, и тоа оној најбесмислениот! Сле! Зошто баш сле?!
МАЈКАТА: Еве пак сле.

Кока Брјански ја дави мајката.
Влегува невестата Марусја.

(1933)

* * *

-Постои ли нешто на земјата што има вредност и што би можело да го промени текот на настаните не само на земјата, туку и во другите светови? - го прашав мојот учител.
-Постои - ми одговори учителот.
-А што е тоа? - го прашав.
-Тоа е... - почна мојот учител и одеднаш замолкна. Стоев и напнато го исчекував неговиот одговор. А тој молчеше.

И јас стоев и молчев.
И тој молчеше.
И јас стоев и молчев.
И тој молчеше.
Двајцата стоиме и молчиме.
О-ла-ла!
Двајцата стоиме и молчиме.
О-ле-ле!

Да, да, двајцата стоиме и молчиме!

(16-17 јули 1937)

* * *

На идиотот од околувратникот на неговата кошула му стрчеше вратот, а на вратот главата. Главата некогаш беше сосема кратко истрижана. Сега косата е како кај еж. Идиотот долго зборуваше нешто. Никој не го слушаше. Сите само мислеа: кога веќе еднаш ќе замолчи и ќе си оди? Но идиотот, не забележувајќи ништо, продолжуваше да зборува и да се пенави.

На крајот, Јолбов не можеше повеќе да издржи и му пријде на идиотот, велејќи му кратко и јасно и сурово: Марш надвор. Идиотот збунето гледаше околу себе, не сфаќајќи што се случува. Јолбов му влепи шлаканица. Идиотот полета од фотелјата и се спружи на подот. Јолбов го шутна, и пролетувајќи низ вратата, идиотот се стркала по скалите.

Така ти е тоа во животот: ем идиот, ем уште и сака да каже нешто! На таквите треба по муцката. Да, по муцката!

Каде и да погледнам, насекаде ја гледам само таа идиотска, робијашка муцка. Чизмата просто плаче за таква муцка.

(август 1934)

РАЗОРУЖЕНИОТ МАЖ

или

НЕУСПЕШЕН ЉУБОВЕН ОБИД

Трагичен водвиљ во еден чин

ЛАВ МАРКОВИЧ (притрчувајќи кон дамата): Дозволете!
ДАМАТА: (бранејќи се со рацете): Оставете ме на мира!
Л.М. (навалувајќи): Ве молам!
ДАМАТА (шутирајќи го): Одете си!
Л.М. (фаќајќи ја): Само еднаш!
ДАМАТА (шутирајќи го): Подалеку од мене! Рацете кај себе!
Л.М.: Само еднаш да се плеснеме!
ДАМАТА (мрмори, божем некакво не).
Л.М.: Да се плеснеме! Само Еднаш!
ДАМАТА (превртува со очите).
Л.М. (брзо ја пикнува раката да го извади својот алат, кога одеднаш гледа дека не може да го најде.)
ЛМ.: Причекајте! (се допира) По ѓаволите!
ДАМАТА (зачудено го гледа Лав Маркович)
Л.М.: Ете ти сега! Баш убаво!
ДАМАТА: Што се случи?
Л.М.: Хм... (збунето гледа на сите страни).

ЗАВЕСА

(1934)

* * *

Долго ги проучував жените и можам да кажам дека ги знам за пет плус.

Пред сè, жената сака да не ја забележуваат. Макар да ти стои пред нос или да јачи, ти преправај се дека ништо не слушаш и не гледаш, и однесувај се како да нема никој во собата. Тоа страшно ја разгорува женската љубопитност. А љубопитната жена е способна за сè.

Друг пат, така намерно ја вовлекувам раката во џебот со загадочен израз на лицето, а жената веќе зјапа, не може да ги одвои очите, демек - што би можело да биде тоа? А јас фино земам и намерно вадам од џебот некаква подлошка за чаша. И тука жената затреперува од љубопитност. Значи - се фатила на јадицата!

(1933-1934)

Превод: Иван Шопов
Слики: Евгенија Евенбах (илустрации за песни на Данил Хармс, 1928)

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото