1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
Откако Конгресот го усвои, а претседателот Обама го потпиша Актот за слобода на САД (U.S.A. Freedom Act), кој донекаде го ограничува надзорот на Државната безбедносна агенција над американските граѓани, остануваат уште некои незавршени работи.
Иако сам по себе е за пофалба, новиот закон има свои мани. Одлуката да ѝ се забрани на Агенцијата собирање и чување снимки од телефонските разговори на стотина милиони Американци беше неопходен чекор, но тоа нема да доведе до поголеми промени ако резултатот е телефонските компании да ги задржат податоците, а тајните судови да овозможат Агенцијата да има пристап до тие податоци кога ќе посака. Со донесениот акт не се брише формално законот од 1986, кој ѝ дозволува на владата да го прочита секој е-мејл постар од шест месеци, и не се менува одделот 702 од амандманот на Законот за надворешен разузнувачки надзор од 2008, врз основа на кој NSA го оправдуваше не само собирањето на метаподатоците, како што се снимки од телефонски разговори, туку и тековните содржини на комункација, како што се е-мејловите и четувањето на мрежите.
Второ, и понатаму актуелно прашање е судбината на Едвард Сноуден, поранешниот надворешен соработник на Агенцијата, кој веќе речиси две години седи во Русија на Владимир Путин. Во изјавата дадена непосредно по потпишувањето на законот, претседателот Обама рече: „Изминативе осумнаесет месеци повикував на реформи кои подобро ќе ги осигураат приватноста и граѓанските слободи на американските граѓани и истовремено ќе им овозможат на службениците од националната безбедност да ги задржат средствата важни за зачувување на безбедноста на Американците... донесувањето на овој закон ќе ја зајакне заштитата на граѓанските слободи и ќе обезбеди поголема доверба на јавноста во таа програма.“ Ни претседателот Обама ни поборниците за новиот закон на Капитол Хил ниеднаш не го спомнаа она што е крајно очигледно: да не беа откритијата на Сноуден, никогаш не би се дознало до што сè имаат пристап разузнувачките агенции, никогаш не би бил донесен Актот за слобода на САД и Агенцијата и понатаму би собирала и анализирала снимки од телефонски разговори по сопствена желба. (Мојот колега Матијас Шворц минатата недела напиша дека не смеело да се случи Сноуден да биде неопходен.)
Наместо да му се заблагодари на Снодуен за служењето на државата и да го повика да се врати дома, американската влада и понатаму настојува да го уапси и да му суди по обвинувањата кои бараат долгогодишни затворски казни. „Факт е дека г. Сноуден направи многу сериозни кривични дела“, рече во понеделникот портпаролот на Белата Куќа, Џош Ернест. „Владата на САД и Министерството за правда сметаат дека тој треба да се соочи со тоа.“
Во кривичната тужба поднесена на 14 јуни 2013, Министерството за правда го обвини Сноуден за кражба на државна сопственост, недозволено објавување податоци за националната безбедност и откривање на доверливи информации. Последните две обвинувања се класифицирани во согласност со Законот за шпионажа од 1917 година, што значи дека американската влада го вбројува Снодуен меѓу шпионите. Тоа е апсурдно. Наспроти некои навестувања од 2013, дека Сноуден им ги оддавал американските тајни на разузнувачките агенции на Кина или Русија, не постојат докази дека тоа навистина се случило.
Наместо да пренесува информации на странските сили, Сноуден своето електронско складиште им го предаде на новинарите на Гардијан и Вашингтон Пост, под услов да се однесуваат многу одговорно и внимателно кон нивната содржина. Иако некои протечени информации резултираа со сензационалистчки приказни - Мајкл Морел, еден од челниците на ЦИА ги нарече „најсериозно загрозување на доверливи информации во историјата на разузнувачките кругови во САД“ - новинарите главно постапија во согласност со условот на Сноуден.
Во новинските текстови се обелоденија многу детали врзани за внатрешниот надзор, меѓу нив и мноштво снимки од телефонски разговори и програмата ПРИЗМА, која ѝ овозможи на Агенцијата да собира е-мејлови и да пребарува користени веб-сајтови од мрежита на интернет компаниите како што се Гугл и Фејсбук. Во еден текст е откриено дека самиот надзорник на Агенцијата заклучил дека од 2008 Агенцијата ги кршела своите правила за приватност и повеќе илјади пати годишно ги прекршила своите законски овластувања. Но, и покрај некои непријатни детали врзани за прекуморски операции (на пример, фактот дека Америка ги прислушувала телефонските разговори на светските лидери, меѓу нив и Ангела Меркел), текстовите засновани на податоците протечени од Сноуден не открија многу за специфичните американски операции во светот. Ниту ги загрозија разузнувачките агенти.
Како што и беше намерата на Сноуден, податоците пред сè предизвикаа политичка дебата во самата Америка. Делумно потпирајќи се на информациите протечени од Сноуден, федералниот судија Ричард Џ. Леон во декември 2013 зазеде став дека Агенцијата го прекршила уставот и ја нарече програмата за собирање податоци „речиси орвеловска“. Истиот месец група експерти кои ги именуваше Обама побараа во својот извештај ограничување на моќта на Судот за надворешен надзор над разузнувањето и укинување на програмата за собирање електронски податоци, зашто со тоа, според оценката на групата, „се ризикува губење на довербата од јавноста, приватноста и граѓанските слободи“. Под раководство на демократскиот сенатор Патрик Лихи од Вермонт и републиканскиот претставник Џим Сенсенбренер од Висконсин, направен е двопартиски напор да се заузда Агенцијата, која Сенсенбренер, инаку еден од главните автори на Патриотскиот закон, ја обвини за злоупотреба и пречекорување на овластувањата добиени од Конгресот. Новиот закон е дополнета верзија на оригиналниот предлог на законот кој Лихи и Сенсенбренер го поднесоа есента 2013.
И да повториме, ништо од тоа не би се случило да не беше интервенцијата на Сноуден. Нема никаков сомнеж дека разузнувачките агенции вршат притисок врз Белата куќа да се држи до тврдите линии кога станува збор за обвинувањето, зашто, како што тврдат, откажувањето од него или некој вид спогодба би охрабрила други луѓе да издаваат тајни. Но, тоа е аргумент кој им оди во прилог само ним и не може да биде поткрепен со добри причини. На слободното општество му е потребно свиркачите кои имаат убедливи докази за големи прекршоци да можат да истапат и да ги обелоденат. Претседателот порано тврдеше дека Сноуден можел да ја изнесе својата загриженост пред надредените и дека би бил заштитен со извршна наредба која им обезбедува заштита на свиркачите во разузнувачките агенции. И самата помисла на тоа е смешна. Како што минатата година истакна уредништвото на Тајмс, извршната наредба на која мислел Обама воопшто не се однесува владините надворешни соработници каков што е Сноуден.
Американците сфаќаат дека живеат во свет во кој постојат луѓе и организации кои сакаат да им нанесат штета на САД и тие се волни да ѝ дадат на својата влада некои овластувања кои ја загрозуваат нивната приватност, за да се заштитат земјата и граѓаните. Но, тие сакаат и да бидат сигурни дека властите не го надгледуваат секој потег и секоја комуникација на граѓаните, кои немаат никаква врска со тероризмот ниту со кое било друго злодело. Според зборовите на групата експерти кои ги именуваше Обама, „слободните нации мораат да се заштитат, а нациите кои се штитат мораат да останат слободни“.
По 11 септември, поради различни и понекогаш сосема разбирливи причини, компромисот помеѓу безбедноста и слободата убедливо натежна во корист на нарушување на приватноста и авторитаризмот. Историчарите ќе забележат дека Сноуден помогнал, барем донекаде, на овој план да се врати некаква рамнотежа. Изложувајќи се на голема опасност, му се спротивстави на неизмерно моќниот систем за кој работеше и повика: „Прекршок!“ Наместо да го држи Сноуден во затвор со децении, како што го направи тоа со Челси (Бредли) Менинг, свиркачката на Викиликс, американската влада треба да постигне некој вид договор со адвокатите на Сноуден, кој би му овозможил да се врати дома и да продолжи со својот живот.
Извор: The New Yorker, 03.06.2015.