Мигранти

08.06.2015 02:06
Мигранти

Требаше британскиот „Канал 4“ (Channel 4) да ја направи онаа репортажа за киднапираните мигранти во кумановско Ваксинце па, малку од малку, да почнеме да дебатираме околу еден од најгорливите проблеми во Европа и една од најголемите хуманитарни трагедии во поново време – проблемот на бегалците од загрозените подрачја.

А не дека не знаевме. Бевме (и сме) сведоци на постојаното гинење на мигрантите по македонските пруги. Еден ден дури се случи вистински масакр, од еден единствен удар на воз загинаа одеднаш дури 14 мигранти. Голем дел од коментарите што тогаш се појавија по социјалните мрежи беа со ужасно арогантна и навредлива содржина („Никогаш не виделе воз“) и толку. Како божем да не знаеме дека пругата на тој потег, од границата на Грција кон Велес, е главно низ тесни клисури, а мигрантите, согласно македонските закони, ако бидат фатени, веднаш ќе бидат протерани назад. Се разбира, со попатно додатно малтретирање, бидејќи се третираат како суштества од најдолен вид. Значи, некој ги подучил, можеби и искуството, дека во тесните клисури и кањони, каде што поминува пругата, нема полиција, а богами ни друмски разбојници, чија се постојана мета.

Конечно, нема ни прецизна статистика колку од нив, во потрага по малку понормален живот или, поточно, во потрага по место каде што ќе можат да преживеат, ги оставиле животите во Македонија, освен што се знае дека повеќето се млади луѓе, а има и деца, па дури и бебиња. Главно не се ни идентификуваат. Не знам, веројатно и се закопуваат во некаква непозната безимена гробница.

Станува збор за суштинско неразбирање на проблемот на мигрантите, за еден невешто прикриен државен шовинизам, да не кажеме расизам, каде што верата и бојата на кожата имаат круцијално значење за третманот на бегалците. Како инаку да се објасни дека Македонија има најригиден закон за азил во цела Европа, поригиден дури и од најксенофобичните земји, кои во последно време и не се толку малку. Значи, според актуелниот Закон за азил и привремена заштита (така му е официјалното име), мигрантот веќе на поминување на границата мора да побара азил. Во тој случај му се одземаат сите документи додека не се реши случајот (му се издаваат фотокопии со важност единствено во Македонија), а кога ќе му се реши случајот, тогаш тој експресно бива протеран, бидејќи во 90 проценти од случаите одговорот е негативен. Бидејќи Македонија не е ни цел, ни дестинација на мигрантите, тогаш ним не им останува ништо друго туку илегално да транзитираат низ нејзината територија.

По сите овие трагедии, по (благиот) притисок на јавноста (веројатно имаше тука и меѓународен притисок), ете, се предложија и измени на актуелниот закон, при што сега мигрантот не мора веднаш да побара азил, туку треба само да искаже намера за барање азил со што ќе му бидат дадени 72 часа тоа да го стори. Со други зборови, тој ќе има време за 72 часа легално да ја напушти земјата. Меѓутоа, измените сè уште не се дојдени на дневен ред во Собранието! Значи, највисокото законодавно тело кое умееше да носи по стотина закони во неколку часа, кое преку ноќ усвојуваше блесави законски акти за хонорарците, студентите, професорите, средношколците и низа други или штетни или непотребни закони, не може да најде време да го реши ова прашање.

Меѓутоа (секогаш постои едно „меѓутоа“, а во овој случај, богами, ги има многу повеќе) дури и денес да се донесат измените на актуелниот закон, нивното спроведување ќе почека извесен период. Барем ако се донесат така како што се предложени. Имено, во предлог-измените буквално стои: „Министерот за внатрешни работи во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе донесе подзаконски пропис за образецот на потврда за искажаната намера за поднесување на барање за признавање право на азил, образецот на барање за признавање право на азил, начинот на земање на отпечатоци од прсти и фотографирање на барателите на право на азил, образецот и постапката за издавање и замена на исправи на баратели на право на азил и лица на кои им е признаено право на азил или привремена заштита во Република Македонија и за начинот на водење на евиденција.“, односно дека новите законски одредби ќе бидат применливи дури шест месеци по нивното донесување!

Самоорганизирањето на дел од граѓаните за да им помогнат на мигрантите, иако е еден зрак надеж дека не ја изгубивме целата човечност, не е доволен субститут за институционално решавање на проблемот. Особено не ако се знае дека голем дел од Македонците и македонските граѓани биле жртви на погром, односно и самите се или потекнуваат од мигранти. Во таа смисла, ние би требало најдобро да знаеме дека миграцијата е мака, откорнување, а не криминал или збеснатост. Никој од тие луѓе не доаѓа во Македонија за да ѝ наштети. А ќе ѝ наштети само ако му го скратиме основното право – правото на живот и преживување! Токму она што во моментов го правиме.

Терминот „мигрант“ доаѓа од „миграција“ чие потекло, пак, е од латинскиот „migratio/migrare“ (скитање, движење, селење). Во зависност од контекстот, мигрантите стануваат емигранти (иселеници) или имигранти (доселеници). Постојат повеќе видови миграции: краткотрајни (годишни одмори), економски („гастарбајтери“, село-град), политички (насилна миграција, етничко чистење), дури и зоолошки (јагули, лососи). И за сите нив постои основно ниво на општествено разбирање, освен кај нас и за овдешните мигранти.

Во меѓувреме, додека е пишуван овој текст стигна веста за нова трагедија – повредени се 14 мигранти во сообраќајна несреќа. До кога? Навистина, до кога?

Слични содржини

Значења

ОкоБоли главаВицФото