После природата

08.06.2015 17:51
После природата

Жега

Ситни инсекти, кои наводно
пренесувале страв,
од лозјето гласови,
светлоглинени, дијалект на жегата.
Црни стршени,
кои свират на хармоника,
заталкани во басовите.
А понекогаш:
шушливиот шум
на гулабите кои некаде итаат.
Мојата сенка впишува
во тишината:
Би сакал овде да останам.

 

За тревата

Си замислуваме
дека сме ја заслужиле нејзината верност.
После секое грубо газење
од презривите луѓе
таа повторно се исправа
покрај олтарот на печурките.
Октомври. Капините
го црнеат денот,
а намќорест ветер
ја прочешлува секоја сламка.
Треперлива трева. Само сликарите
вистински те разбрале.



За сенките

Ги познавав добрите и лошите сенки,
беспросторните сенки на соништата, во кои теолози
се караат за јаболкото на раздорот, и за сенката
што ја фрлаат рибите и заитаните инсекти.
Дедо ми мешаше сенки во сеидбата,
за да порасне нешто што не е залудно,
и за плевата да не се дели од житото.
А еднаш ја видов сенката на птиците,
која висеше на каменот како волна на грмушка.
Од денеска и мојот сон фрла сенка
врз светот кој станува сè понеосветлен.

 

За соништата

Дедо ми, еден трезен селанец
со дланки суви како турпија,
тврдеше: во основа ги сонувал
соништата на другите.
Беше време на сиромаштија, војната
ги беше одложила тешките оружја
околу дворот, и многумина беа заборавиле
што заборавиле.
Можеше да се лишиш од речиси сè,
од прашања, кафе и од топлина.
И од желби, за да не го нарушиш
спокојот на светот. Но тоа дека еден
сосема сериозно тврдеше
дека може да се лиши од сопствените соништа,
тоа дури и кај нас беше голема работа.

 


Почеток на летото

Летото држи предавање
за смртта, а сè внимателно слуша.
Крај бунарот стои старец
и пие, од рака в уста,
со себе на чисто.
Неподнослива тегоба –
да се најде говор кој одговара.
Едно дете претрчува покрај него, колениците издраскани.
Молчи. Не сака да ја наруши тишината.

 

Последниот воз

Полека ми пријде,
со шеширот врз челото,
дланката преку очи,
поет ослободен од должност.
На неговата маица пишуваше:
Го зборувам рајскиот јазик.
Мина низ мене
и го фати последниот воз,
кој беше наменет за мене.
Немам поим што ќе станеше
од мене. Од вистината
го знаеме само вошливото јадро.

Превод: Елизабета Линднер
Извор: Михаел Кругер, После природата; Блесок, 2012.
Слики: Mamoru Funai

Михаел Кругер е роден на 9 декември 1943 во Витгендорф, Саксонија, а пораснал во Берлин. Од 1962-1965 живеел и работел како продавач на книги во Лондон. Во 1966 година ја започнал својата дејност како литературен критичар. Во 1968 година станал лектор во издавачката куќа Карл Ханзер, а подоцна уредник за литература и директор. Издавачката куќа Ханзер во која Михаел Кругер до 2013 година оставил значаен белег е една од најважните издавачки куќи за литература во Германија. Од 1960 година дури 16 нејзини автори се здобиле со Нобелова награда за литература.
Покрај неговата издавачка дејност Михаел Кругер е успешен романописец, лиричар и преведувач кој се здобил со мноштво меѓународни награди и признанија, меѓу кои и наградата Петер Хухел, Ернст Мајстер и наградата за животно дело The London Book Fair Lifetime Achievement Award. Тој е почесен граѓанин на градот Минхен, а од 2013 претседател на Баварската академија на уметностите.

ОкоБоли главаВицФото