Ние веќе немаме што да му понудиме на светот!

09.06.2015 08:30
Ние веќе немаме што да му понудиме на светот!

1.

Перформансот на „Протестирам“ во Театарот на спрдачината од пред некој ден допрва ќе се анализира и проблематизира. Како и за сè друго, ќе треба време соодветно да се оцени. Што пак не ни го ускратува задоволството и сега да си го кажеме мислењето, колку и да изгледа избрзано, наврапито, можеби површно. Се разбира дека во еден (јавен!) перформанс, па нека е и во траење од само неколку секунди, има мноштво елементи што заслужуват внимание: како, кога, каде, зошто … итн. И следствено на тоа би варирале и (пр)оценките, односно конечните ставови.

Не дека човек не може – макар и минимално – да се согласи и со ставот дека „Вчера не беше нападнат театарот, за жал“, односно дека „Она што се случи вчера, на сред претстава, не го сметам за паметен потег зашто, прво, немаше врска со претставата и, второ, во таа акција не беа поштедени останатите актери на сцена кон кои нападот не беше упатен“ (Сања Арсовска, актерка).

Ама сепак – беше „нападнат“, нели? Мислам театарот, па и целата македонска култура, ако сакате! И формално, и фактички. Зашто, веќе целата македонска култура е – спрдачина. Тоа што некои кои кога ќе го чујат зборот култура веднаш се фаќаат за партиската книшка во џебот и делат етикети од црвенокмерски тип, тоа е најмал проблем за македонската култура. Такви секогаш имало, особено во комунизмот. Толку разбираа(т), кутрите. А впрочем, тоа и се типични комунистички деца, зашто и комунизмот, како и секој тоталитаризам, не е во возраста туку – во умот! А замислете, нападнат бил Театарот на спрдачината како столб на македонската култура и директорката-глупица како спрдачина сама по себе! Па за нив не само црвени кмери, туку и жути мрави, по ѓаволите!

А сепак, она што прво мора да се потенцира е фактот дека протестот во Театарот на спрдачината беше втора акција на „Протестирам“. Првата беше (за мене) уште пооригинална и поефектна: беа блокирани/пломбирани неколку културни институции во градов, вклучувајќи го и Министерството за (не)култура! Иако тој перформанс / акција помина некако, за жал, незабележително, тоа сепак беше вовед во јасните цели на младиве.


2.

Од друга страна, можеби „нападот“ навистина предизвика и колатерални „жртви“, ама сепак имаше јасна и гласна цел, поединечна но и општа. И тука „жртвите“ нема зошто да бидат навредени или да се чувствуваат омаловажени. Освен што „играат“ во такви „претстави“, со такви … ај да не кажам што. Ама оправдувањето „од нешто мора да се живее“ секогаш функционира! Но тоа е друга тема.

Меѓутоа, слични ставови можеме да понудиме за секој вид протест, особено денес кога македонските улици се буквално полни со луѓе кои протестираат заради актулените политички, економски, криминални и други состојби во државата: против што и зошто се протестира, дали тие потези се паметни и кој тоа треба да го процени, дали има колатерални жртви (од локални – од типот на застој во сообраќајот, до можни меѓународни импликации итн.). Ама, не можеме да им го ускратиме правото да протестираат, кога мислат дека имат причина, и цел? А децава од „Протестирам“ имаа едно чудо причини, и јасна цел.

Но, особено кога станува збор за македонската актуелна културна ситуација, ваквите форми на отворен простест беа/се реткост. И затоа е добро што ги има. Да покажат дека некој сепак е загрижен, дека некому боде очи оваа девастација на современата култура, дека некој има нешто да каже против заглупувањето и запустувањето низ формата на тоталната партизација на сите културни сегменти. А „нападнатите“ – институцијата и глупицата – се очебиен пример за сето ова. Та зарем толку бргу се заборави дека „госпожава“ – сама, како единствена вработена, и тоа на местото директор – си доби цел театар на располагање? Со кои и какви налудничави параметри би се мерела оваа идиотштина и на Владата, и на Министерството за (не)култура, но и на дотичната „директорка“?

3.

Јас, за жал, не ги познавам „протестантите“. Не им ги знам биографиите, врските со културата, културните преференци… но тоа впрочем и не е битно. Им го читав образложението, ако некакво образложение воопшто е потребно за еден ваков јавен чин. Но кај нас денес за сè е потребно образложение. Образложение дури и да си го живееш животот. И одобрение. Веројатно од онаа бандана? Е овие не барале одобрение од никого, особено не од некои партиски шушумиги кои сакаат да изигруват политкомесари.

Во образложението тие велат: „Со ова сакаме да искажеме револт кон партизираноста на уметноста и културата во Македонија за сè она што се случуваше изминатиов период. Како што знаете, голем број уметници не можат да најдат работа во театрите поради нивната политичка и партиска неподобност или каква било друга афилијација, доколку не се согласно политиките на извршената власт. Во тој поглед со овој протест сакаме да укажеме да се ослободи уметноста од канџите на партиските притисоци и сериозно да се сфати културата и уметноста како водечка сила во едно општество, за негова целосна ревитализација“! И? Треба уште нешто, нешто не е јасно? Или проблем е што протестот ѝ се случил токму на бланширанана глупица? Па таа е олицетворение на сето грдо во македонската култура. Таа и неколкумина други од форматот на еден Станковски алиас Сарајлија, на шалабајзерине со „уметнички“ амблеми што ни го кичосаа градот, на изопинченион џезер кој (велат) веќе почнал да ја критикува Владата (опааа, какво престројување!), на „културнине“ амбасадори, на сите други знајни и незнајни културтрегерски јун(а)ци подопашници, на неписменине директори кои ги м’кнат од свирипичино да директоруваат во „метрополата“…?

Не, проблемот е што ваквиот тип перформативни јавни протести се случуваат после цели девет катастрофални години за македонската култура и уметност, но и за сите творци и културни работници кои не се видоа себеси како партиски играчки во рацете на приглупи и припрости министри кои ни „к“ од културата не научија. Проблемот е и во фактот што никој друг не се осмели на вакво нешто, дури ни оние кои и должат сè на оваа култура, цели кариери, цело (дебело платено) творештво. И проблем е што академик Ќулафкова нè убедува дека тие во МАНУ разговараат за кризата во државава, ама чуму кога ние ништо не слуш(н)а(в)ме?! Кому му е наменет тој нивни разговор? На ладовината во манучките дебели ѕидови, или е само уште една измислена форма на перење на совеста пред македонската јавност? И кои се тие, ве молам, „академици“ кои не сакале да се изјаснуваат за дневнополитички работи? Па државата (и културава) дневно, и политички, се уништуваат. Та дајте еднаш да ги видиме на дневна светлина. А сакаат ли можеби да разговараат за 500-те евра народни пари што секој месец ги калупат по џебовите? Може ли за тоа (јавно) да се разговара?

4.

Ние веќе имаме генерален проблем со сè, ама со културата и со уметноста особено. Идентитетската „дилема“ што божем не знаеме кои сме и што сме не е голем проблем на современата уметност. Таа со тоа може да се справи. Ама со другите проблеми нема така лесно да се справиме зашто за тоа не постои волшебно стапче. Ниту академик кој може да нè спаси. Кај нас е пореметено сè: од критериуми до вредности, од писменост до стручност, од квалитет до… ! Ние веќе немаме што да му понудиме на светот. Ни порано немавме којзнае колку, ама барем се трудевме. Сега – остануваме трудни од банди импотентни преваранти заседнати на сите места! Светот цени оригиналност но цени и обид, сака да види автономни вредности но и придонес во заедништвото. Ние денес немаме ништо. Нула, зеро. Исчуручија сè, ко чума да фатила и низ она малку што можеше да се нарече оригинален македонски придонес – каков таков – кон европските и светските културни вредности. Денес ќе им дадеме – што? Скопје 2014?

Ние во Рим продаваме резба. Во Рим! Не дека не ја ценам македонската резба, ама – во Рим? На Венециското биенале Националната галерија оди со турски куратор! И со проект… ај да не кажам каков. Претходно одевме со глувци, уште порано со оригинални копии на странски уметници … Ако некој не чул, годинава награда за национален павилјон во Венеција доби – Ерменија. Нека отворат „стручњаците“ и нека споредат!

Ние веќе не се мериме ни со регионот, а камо ли со светот. Ние веќе не можеме да се мериме ни со себеси, со она што бевме. Се копрцаме во калта на македонската лага дека нешто правиме и некаде се претставуваме. Каде, во македонските амбасади каде не влегува никој, како во Амбасадана во Виена која што стана главен наш изложбен простор во тој град? Ало „г-жа“ министерке, најдете конечно некој да ви дошепне што е култура а што не е! Театарот на спрдачина, сосе глупицата во него, тоа сигурно не е. Ама не се ни оние квазиинституции и квазилуѓе инсталирани низ градов и во Министерството. Тоа се само објекти и празни глави, и ништо повеќе. Тоа никако не може да се нарече култура, особено не на една современа држава. Или веќе и тоа не сме?

5.

Затоа, наместо критики, во овој миг младите од „Протестирам“ мора да добијат целосна културна поддршка. Пред сè зашто го осветлија образот на македонската култура, покажаа дека во градов и државава нешто сепак може да се случи. И треба почесто да се случува, секаде, на сите културни манифестации. Не дека и тоа ќе има којзнае каков ефект, зашто оние глави не само што се празни, туку се и тврди. Ама барем ќе види светот. Можеби тоа е единственото што ни остана да му го покажеме. Ќе види дека се појавиле млади кои се грижат, кои не се плашат да го кренат гласот против сите партиски узурпации и инсталации, против сите некултурни политики на оваа власт, против скороевиќите и сељачаната во културните редови, против ретроградните и малоумните „трендови“… Дури и само тоа да ни останало за пред светот, добро е. И доста е, барем за почеток!

П.С.

Не дека сум ги заборавил младите од „Архи бригада“ и првите нивни форми на јавни протести против злото наречено „Скопје 2014“. Тие беа првите светулки во македонскиот настапувачки културен мрак. Но изгледа се загубија – или ги загубија, сеедно. Но и не добија никаква поддршка, за жал. Особено не од нивните „професори“, особено не од оние кои еве сега (како нивниот тогашен декан) нешто се тртат да коментираат и да се бунат – денес, после девет години! – што „барокот“ ќе се ширел и во Универзитетскиот кампус. Брее, или ги здоболело што тоа пак ќе го прави оној барокно возљубенион дилетант (со особена помош на главниот архитект, се разбира) а не они? Како и да е, протестите на „Архи бригада“, иако не беа обмислени како јавни перформанси како на „Протестирам“ (што мислам дека е подобра културна форма!) не се заборавени!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Џош Кејс

ОкоБоли главаВицФото