Барокно велепредавство и рушење на СК014

09.06.2015 12:54
Барокно велепредавство и рушење на СК014

Телефонските дијалози помеѓу лицата Н.Г. и М.Ј. се како извадени од некоја откачена пародија или радио-сатира. Комичното во оваа аудио-бурлеска првенствено извира од неверојатниот контраст помеѓу високите државни функции на актерите и нивниот простотилак, незнаење и глупост, но и од авторитетниот тон со кој Н.Г. изговара тотални кретенизми што можеби би им прилегале на повторувачи во шесто одделение:
НГ: А, барок ти даде ли?
МЈ: Да, такви ми даде.
НГ: Какви, барок или класицизам? Со столбови ли се?
МЈ: Барок мислам дека се.
НГ: Барок ти е едно, класицизам е друго, Миле. Тие од Вашингтон се класицизам. Тие со столбовите, како оваа Уставен суд што е столбови.
МЈ: Е такви да, такви се.
НГ: Тие се класицизам. Треба и барок да стаиш, ама како да напраиме…

Хахахаха! Како од филмот „Глуп и поглуп“! Не може човек да не му се изнасмее на авторитетниот и поучен тон со кој Н.Г. на М.Ј. му држи лекции од архитектонски стилови. И, како искусен стручњак во областа на историјата на архитектурата му објаснува на ученикот за суштинската разлика помеѓу класицизмот и барокот: класицизмот бил со столбови, а барокот не! Ахахаха! Идиотлук од интергалактички размери!

Колку е далеку од каква било смисла архитектонското „знаење“ на Главниот Архитект на библиската земја, почитувани читатели, можеби може да се насети од фактот што, на пример, плоштадот Св.Петар во Рим (во кој се собираат католичките верници да го видат својот Папа), кој го претставува самиот врв, но и грандоманската суштина на барокот, архитектот Бернини (пред три и кусур века) го оформил обградувајќи го од сите страни со торжествени четвороредни колонади што се состојат само од столбови, и тоа од 284 столбови! Или, по нашки, барок саде столбови.

Но, комичноста во овие дијалози помеѓу нашиот „глуп“ и „поглуп“ не смеат да ни ја замаглат суштинската порака на оваа реалистична сатира: дека овие разговори (заедно со нивната материјализација во „проектот Скопје 2014“) претставуваат како карпа цврст доказ за тоа дека Груевски и неговата банда со непосредно (и малоумно) одлучување за локални работи, столбови и фасади, ги урнале самите фундаменти на нашиот уставен поредок. Се работи, имено, за фундаменталниот принцип на супсидијарност кој е вграден во темелите на нашиот Устав. Зборот супсидијарност, почитувани читатели, можеби е малку тежок и езотеричен, но претставува базичен принцип според кој во нашиот Устав и во уставите на сите европски земји е уредена вертикалната распределба на надлежностите помеѓу различните нивои на државната власт. Начелото на супсидијарност е суштинско за сите европски устави, а дел е и на Договорот за Европската заедница од 1992 година: начелото утврдува дека надлежностите и одлуките мораат да се носат на ниво кое е најблиску до граѓаните, при што државата како највисоко ниво на политичкото делување дејствува единствено во рамки на своите централни надлежности, оставајќи ги регионалните и локалните нивои да решаваат за сите локални надлежности. На принципот на супсидијарност сме уставно обврзани со потпишувањето на Европската повелба за локалната самоуправа, каде што, во членот 4, став 3 се утврдува дека „Јавните работи по правило се вршат од страна на оние власти што се најблиску до граѓаните“.

Во нашиот Устав принципот на супсидијарност е директно операционализиран во членот 115: „Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и
преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој (...)“. Значи, со Уставот на РМ е категорично утврдено дека урбанизмот и уредувањето на населбите е во исклучива надлежност на локалната самоуправа и на граѓаните, што е уредено и во Законот за локалната самоуправа, член 20: „Општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт“. И, понатаму, во став 3 од истиот член: “Надлежностите од ставот (1) на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон“. И, уште подиректно, во членот 22: „Општините се надлежни за вршење на следниве работи:

1. Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште“.

Значи, во уставниот поредок на нашата земја за урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот се исклучиво, значи ексклузивно, надлежни локалната самоуправа и граѓаните и никој друг, и таа надлежност не смее да им се одземе или ограничи од никого, а особено не од поединци кои ја злоупотребуваат власта, особено не од нашите јунаци „глуп“ и „поглуп“ што нелегално држат во рацете функции на премиер и министeр, и за архитектурата и урбанизмот, градот и градската култура, не знаат ништо.

Како што реков на почетокот, комичното во „проектот Скопје 2014“, не би смеело ни за миг да не залаже дека тука се работи за огромен уставно-правен злостор, за злочин против уставниот поредок, во кој е извршено силување и обид за убиство на македонското општество, правниот систем, култура и цивилизација. Секој малоумен столб, секоја изопачена зграда, секој грд и погрешен споменик од овој чудовишен „проект“ е спротивен на Уставот и законите, секоја одлука што овие лудаци ја донеле во областа на урбанизмот, архитектурата и уметноста е спротивна на законот и го подрива уставниот поредок на земјата. Извршителите на овој очигледен државен удар со суспендирање на уставниот поредок мораат да бидат судени најмалку за велепредавство, но нашите наивни законодавци во членот 305 од Кривичниот законик уредиле дека „тој што со употреба на сила или сериозна закана ќе се обиде да го измени уставниот поредок (...)“, значи, кутрите, санкционирале само обид, но воопшто не ја предвиделе злосторничката стварност во која живееме со години – дека Груевски и неговата ДПМНЕ не само што се обиделе, туку и успеале да го суспендираат уставниот поредок, па дури и да изградат чудовишен и перверзен „Шизниленд“ во центарот на Скопје, како споменик на својот злостор. Но, тоа што нема дефинирани санкции за успешно рушење на уставниот поредок или за извршена окупација на институциите на државата, не треба да не обесхрабри во напорите овие криминалци да се делегитимираат од власта и да се судат за неколкуте илјади очебијни и самодокажливи кривични дела на злоупотреба на функциите и грабеж на народните пари, и се разбира, за бесправното градење на франкенштајн барокот од „проектот Скопје 2014“.

И затоа, оние што мислат дека рушењето на злосторничките објекти и споменици од „Скопје 2014“ е непотребно и скапо насилство, треба да помислат уште еднаш и да сфатат дека насилно и бесправно било нивното градење, а нивното рушење, исто како и рушењето на нелегалниот режим на Груевски, е всушност единствениот и незаобиколниот пат за повторната изградба на македонскиот државно-уставен поредок и култура.

Слика на насловната: Свирачиња
Банери: Марија Смилевска
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото