Две музички работилници на 6-то издание на Македокс

09.06.2015 17:15
Две музички работилници на 6-то издание на Македокс

Во рамки на шестото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржат две музички работилници.

Работилницата за ритам е замислена како петдневна повеќеслојна шема на повторливи практични активности, предавања и продлабочена дискусија со Братко Бибич, Едуардо Раон, Миха Задникар и Тони Китановски за различните сложени интеракции меѓу документарниот филм и музиката и за улогата на звукот во документарниот филм воопшто.


Датум: 21-25 јуни 2015 година
Место: МКЦ – Џебно кино

Може да се прави, држи, слуша, чувствува. На концерти и изложби, во кино, на протести, по дома, во природа...или тукуречи секаде. Дури и на годинешната работилница на „МакеДокс“. Што е тоа?

Работилницата е отворена за сите љубопитни музичари, композитори, режисери, монтажери, тон-мајстори, диџеи, вљубеници во визуелнатата и перформативната уметност и во документарната форма. Покрај скокотливиот теориски дел, учесниците ќе можат одблизу да видат како тече целосниот работен процес на група одбрани музичари кои под уметничкото водство на Едуардо Раон и Тони Китановски ќе (на)прават нова музичка подлога за познатиот филм на Зига Вертов „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ од 1931 година. 


Организирана во соработка со Кинотеката на Македонија и Кинотеката на Словенија, работилницата ќе заврши на 25 јуни 2015 година во Куршумли-ан со премиерно прикажување на филмот и изведба на компонираната филмска музика во живо.


Словенечката премиера ќе се одржи во првата половина на октомври 2015 година во Кинотеката на Словенија во Љубљана по повод 20-та годишнина од постоењето на нејзината програма „Кино-уво“ (Кино-ухо). 


Сите заинтересирани и понесени од ритамот треба да испратат мејл со општи податоци (име и презиме, година на раѓање, поле на интерес и мотивација за учество) на bratko.bibic@guest.arnes.si најдоцна до 19 јуни 2015 година.

Учеството во работилницата е бесплатно.

*Музичари – одбраните музичари што ќе работат на новиот саундтрак за „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ на Вертов
*Учесници – сите други учесници во работилницата

Распоред на работилницата

Ден 1 (21 јуни)

Утринска сесија
11.00 – 15.00
Музичари:
Поставување и проба (дел 1) 
Вовед и дискусија на процесот на правење на филмот „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ со Едуардо Раон и Братко Бибич 

15.00 – 17.00 Ручек

Попладневна сесија

17.00 – 18.45
Музичари: проба (дел 2) (@Џебно кино)

17.00 – 18.45
Учесници (@МКЦ)
Вовед: претставување на содржината, процесот на работа и распоредот на работилницата (Братко Бибич)
„Меморија“ со Миха Задникар и Тони Китановски

Ден 2 (22 јуни) 

Утринска сесија

11.00 – 14.00
Музичари: проба (дел 3)

11.00 – 15.00
Учесници (@МКЦ)
„Кино-уво“ и ритам со Миха Задникар (дел 1)

15.00 – 17.00 Ручек

Попладневна сесија

17.00 – 18.45
Музичари и учесници (@Џебно кино)
Претставување, размислување и дискусија во врска со процесот на правење на „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ и поврзаноста меѓу филмот, музиката, гласот и бучавата со Едуардо Раон (дел 1)

Ден 3 (23 јуни)

Утринска сесија

11.00 – 14.00
Музичари: проба (дел 4)

11.00 – 15.00
Учесници (@МКЦ)
Музика и импровизација со Миха Задникар

15.00 – 17.00 Ручек

Попладневна сесија

17.00 – 18.45
Музичари: проба (дел 5)

17.00 – 18.45
Учесници:


Патувачкото кино на Братко Бибич: Во семејната градина, дел I. – III. (Копродукција на Кинотеката на Словенија – „Кино-уво“, Словенечкиот филмски архив и други), претставување и анализа на проектот музика-филм (1999-2005 год.). Преглед на годинешната (документарен филм и музика) и ланската работилница (документарен архивски материјал) со Братко Бибич

Ден 4 (24 јуни)

Утринска сесија

11.00 – 14.00
Музичари: проба (дел 6)

11.00 – 13.00
„Минувајќи низ Балканот“ и „Нема бизнис како документарно-филмскиот бизнис“
Претставување на соработката на „Црвена ракета“ и Илинденка Петрушева (вечерна проекција во Куршумли ан), Братко Бибич

14.00 – 17.00 Ручек

Попладневна сесија

18.00 – 20.30


Музичари и учесници (@Џебно кино)
Претставување, размислување и дискусија во врска со процесот на правење на „Ентузијазам. Симфонијата на Донбас“ и поврзаноста меѓу филмот, музиката, гласот и бучавата со Едуардо Раон (дел 2)

Ден 5 (25 јуни)

Утринска сесија

11.00 – 14.00
Музичари: проба (дел 7 – генерална проба)

14.00 – 17.00 Ручек

Попладневна сесија

17.00 – 18.00
Поставување на музичарите (@Куршумли-ан)

18.00 – 20.30
Тонска проба (@Куршумли-ан)

21.00 – 22.00
Изведба во живо (@Куршумли-ан)

Втората работилница „Музичко интро“ е врза на со немиот филм „Човекот со филмска камера“ на Зига Вертов. „МакеДокс“ и Братко Бибич ги покануваат буквално сите да создадат, снимат, па дури и да ја изведат својата оригинална музика во живо за воведната секвенца на култниот филм на Зига Вертов од 1929 година, „Човекот со филмска камера“. Најдобрите музички парчиња ќе бидат прикажани или изведени пред почетокот на секоја филмска проекција во Куршумли ан. Не звучи лошо, а?
Воведната секвенца е достапна за преземање:

https://vimeo.com/125366418

Испратете го Вашето музичко интро на bratko.bibic@guest.arnes.si најдоцна до 15 јуни 2015 година. Нема котизација, нема награди. Само луѓе што ќе ја слушнат Вашата музика на „МакеДокс“.


Кратки биографии на менторите:

Братко Бибич (роден 1957 година) се вбројува меѓу првите композитори и хармоникаши во Европа, кој уште од своите почетоци во раните 70-ти години неуморно потврдува дека „не постои помалку или повеќе вреден инструмент, туку само помалку или повеќе иновативен музичар“. Од раните 80-ти години, Бибич е дел од меѓународната музичка сцена, одржувајќи стотици концерти низ Европа, Северна Америка и Индија и појавувајќи се во низа самостојни, мултимедиски и експериментални музички проекти. Пишува и филмска музика. Учествувал во уредувањето на кинотечната програма на Студентскиот културен центар во Љубљана, како и во продукцијата на низа експериментални и алтернативни кратки филмови кои подоцна ќе бидат препознаени како авангардата на словенечкиот филм од тој период. Од 2000 до 2005 година, Бибич продуцира филмска сага во три дела за историјата на словенечкиот филм. Насловен „Во семејната градина“, филмот содржи огромен број на собрани и монтирани филмски фрагменти пронајдени во Филмскиот архив на Словенија. 

Миха Задникар (роден 1962 година), широко познат како културен активист денес, го почнува својот животен пат како новинар, есеист, колумнист, уредник, теоретичар и радиодифузер во раните 80-ти години на минатиот век. Завршува средно музичко (кларинет), по што се стекнува со диплома по социологија на културата и културна антропологија/етнологија на Факултетот за уметности во Љубљана каде што повторно ќе се врати во 1992 година како предавач по социологија на музиката. Во доцните 80-ти, Задникар го продлабочува своето знаење за филмската музика во Италија под менторство на бројни истакнати професори и музичари, меѓу кои и Енио Мориконе. Почетоците во пишувањето во полето на класичната музика ќе му отстапат место на интересот за музиката во немиот филм, за авангардното и импровизацијата, екперименталните и алтернативните пристапи, што ќе го направи Задникар исклучително поткован познавач и есеист. Како соработник и главен уредник на магазинот „Екран“, активен и во љубљанскиот Музеј на филмот и театарот, тој ќе даде голем придонес за ко-формирањето на новиот институт на Кинотеката на Словенија и речиси десет години успешно ќе ја води програмата „Кино-уво“ (1994-2005 год.). Задникар работи и на правењето и промовирањето на новата музика за новооткриениот филм „Кога бев мртов“ на Ернст Лубич од 1916 година, што ќе ја смести Кинотеката на Словенија меѓу најинтересните филмски архиви во средината на 90-те години. Во 1993 година ја добива престижната награда „Жупанчич“ од Општина Љубљана. Денес е особено познат по новата, експериментална, авангардна, слободна и импровизирана музика што ја доближува до јавноста во интимниот простор на клубот „Громка“ на Метелкова.

 

Тони Китановски е композитор и гитарист од Македонија. Десетте години што ќе ги помине во Бостон благодарение на целосната стипендија од „Беркли“ ќе го збогатат со уникатни и екстремни музички откритија коишто несомнено се одразуваат на неговиот музички светоглед и развој. Работел и свирел со џез легенди како Чарли Маријано и Грег Хопкинс, а на сцена има настапено и со „Секс Моб“ на Дерек Тракс и Стив Брнстин. Во последно време е најпознат по својата тековна соработка со ромскиот дувачки оркестар „Черкези“. Соработувал и со Македонската филхармонија, а неодамна и со оркестарот „Биг бенд“ на Словенечкото радио. Китановски пронаоѓа инспирација и по враќањето во Европа, каде што ги заменува егзотичните звуци на мултукултурното шаренило во Бостон со подеднакво фасцинантната балканска разновидност на музички бои комбинирани во антички, византиски и источни ритми. 

Едуардо Раон, иако учел за харфа, на сцена „распакува“ калеидоскопски багаж од современа, експериментална, етно, поп, ретро, рок и електронска музика. Овој Португалец со живеалиште во Љубљана досега има направено многу соработки, а неретко оди и на соло-турнеи. Неодамна, компонира и во Кинотеката на Словенија ja изведе во живо новата музика за филмовите „Невозможното“ за ретроспективата на Силван Жорж, збирката анимирани филмови на Емил Кол, „49 муви“ на Пјере Ебер, „Текстот на светлината“ на Стен Брекеџ, „Кукла“ на Ернст Лубич и „Метрополис“ на Фриц Ланг. Во 2013 година го сними својот деби албум. 

Отворените повици за „МакеДокс 6“ можат да се најдат на: https://jumpshare.com/b/9lNHS3JcLXch4lpCTFez

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е основан во Скопје во 2010 година со цел да ја претстави и промовира креативната документарна филмска уметност. Главните три цели на „МакеДокс“ се едукација на млади филмофили, ширење на етичките идеи и придонес во одржувањето и развојот на човековите права. Зачнат со ентузијазмот на една група на доку-љубители, „МакеДокс“ за само пет години успеа да прерасне во национална, регионална и светски етаблирана филмска манифестација со над 80 проекции годишно, придружена со изложби, дебати, работилници, мастер-класови и музички настани. Шестото издание на „МакеДокс“ ќе се одржи од 20 до 26 јуни 2015 година во Скопје.