Рибокучопили од дното на мочуриштето

10.06.2015 00:44
Рибокучопили од дното на мочуриштето

Шокиран сум од текстот на Венко Андоновски некни објавен во вашиот весник! Шокиран сум, во прв ред, од политичките пораки, потоа од авторовото немање основна правна и граѓанска култура, од неверојатно нискиот и опасен популизам кој блика и се прелева од текстот, а најпосле шокиран сум и од стилот на авторот кој претендира да биде и влијателен писател.

Шокиран сум и затоа што мошне грубиот текст се појавува токму на страниците на Утрински весник; текст со толку незауздан и бескрупулозен популизам прилега само за најжолтите или, подобро речено, најтемните гласила (но дури и во новинарското подземје би се замислиле над четиво во кое уште во поднасловот Хашкиот трибунал се споредува со Треблинка или Аушвиц).

Ќе ги издвојам само најмрачните делови од текстот на Андоновски, кој инаку токму целиот (текст) е под нивото на здравиот разум и е забеган во сосема морбидни и налудничави насоки; најпрвин, значи, Андоновски тврди дека од почетокот на човештвото до денес работите со правдата стојат срамно: "Попусто се измислени и правни науки, попусто се измислени институции задолжени за делење правда, попусто се оформени судови: сето тоа е само алиби дека се дели правда". Секој човек со два молекула разум гледа дека ваквиот став е сосема невтемелено претерување: целиот човечки поредок почива врз правни принципи и во историјата на човештвото евидентен е развојот на начелата на правото и правдата.

Во вториот параграф (кој почнува со вулгарно малограѓанско подбивање со Карла дел Понте, жена која има значаен правнички стаж и аура на борец против мафијата) Андоновски почнува да го решета Хашкиот трибунал, споредувајќи го со комунистичките "преки" судови и со инквизицијата. Тој тврди дека човекот нема право да суди оти Господ тоа го забранил. Тоа е сосема небулозно и вон секоја памет: да не се судат убиства, насилства, кражби, злостори...?! Човекот суди, од своето постоење, и тоа е една од човековите суштини. Дека неговиот суд може да забега пример е самиот Андоновски; но токму самиот тој е и просто инквизиторски пример за нескротливата страст да се суди; и тоа до толкав степен што една врвна правна институција како што е Хашкиот трибунал се споредува со Аушвиц!

Дека Андоновски не поседува суштинско хуманистичко и цивилизациско чувство покажува и неговото мајтапење со формулацијата "непочитување на обичаите на војната". Посмешна формулација немал слушнато. Водењето војна Андоновски го разбира како оргија на Ханибал Лектор. Историјата е преполна (дури и пред правно да бидат регулирани правилата на војувањето!) со храбри воини кои често и гинеле (не само за кралот, принципите или заедницата) во обид да го сочуваат дигнитетот на самото војување. Андоновски тоа не може да го сфати: за него во војната е дозволено сè, и убивање бебиња, деца, цивили, и силување, пљачкосување, терор и геноцид. Затоа што во ЈНА ја научил големата мудрост: или си на снајперот или имаш снајпер.

На крајот од мрачниот текст Андоновски одново прави морално салто мортале: тој "сочувствува" со семејствата на обвинетите и со гневот на засегнатите. А со жртвите? Сочувствува ли тој со жртвите на војната, поради кои (поради која, војната на просторите на некогашната СФРЈ) и е создаден Хашкиот трибунал? Знае ли Андоновски дека во таа војна загинаа околу 200.000 луѓе? Сочувствува ли барем со дел од раселените милиони граѓани кои останаа без семејствата, имотите, државите? Со сиот тој ужас некако, тешко, мачно, со многу проблеми и грешки, се обидува да се справи Хашкиот трибунал, пред сè затоа што самите засегнати народи и држави не се во состојба да го направат тоа. Заради тоа, Хашкиот трибунал заслужува не само поддршка туку и почит. Тоа го сфатија дури и најтврдокорните режими во регионов: Хаг мора да се почитува, со Хаг мора да се соработува.

Но нашиот задоцнетиот маалски националист почитта ја чува само за Караџиќ, Младиќ, Готовина, Милошевиќ..., за сите оние "кои жестоко ја бранеле својата татковина во војна, војна која во добар степен беше поттикната токму од Европа и Америка"... Хашкиот трибунал не му дозволил на Андоновски да ја брани својата татковина со оружје туку со "баклава и понадица"?! Какво лудило е ова!?

Луѓе, во Хаг се неколку највисоки генерали на босанската армија, која се обидуваше да го брани босанскиот народ, убедливо најголемата жртва на војната. Во Хаг се наоѓаат и низа хрватски генерали од кои некои ја признаа вината дека ги прекршиле обичаите на војувањето... Истото го направија и најмногубројните српски генерали и политичари, кои и реално беа главни предизвикувачи на војната.

Во Хаг не се пишува современата историја на Македонија. Во Хаг се обвинети двајца луѓе со конкретни обвиненија кои, како на секој суд, можат да бидат докажани или побиени. Делумно и од македонските истражни органи, кои треба да им помогнат на хашките истражители, зависи дали во Хаг ќе патуваат и други обвинети, Албанци од ОНА, на пример.

Но, и вон таа елементарна правна логика, дека вината може само да биде индивидуализирана (целиот концепт на правото води кон индивидуализација на одговорноста), нам ни стои темелната политичка обврска: приклучување кон европските интеграции. А патот до Европа, тоа веќе и врапците го знаат, води и преку почитувањето на Хашкиот трибунал.

Венко Андоновски има право да тера секакви политики, конзервативни, ригидни, националистички, антизападни и антиевропски - тоа впрочем и го прави, во континуитет - но притоа мора да ги почитува демократските правила и елементарните норми на јавниот говор. Последниот негов текст не претставува, значи, само гребење по дното на една дезориентирана паланечка политичка свест туку и прекршување на некои основни норми на јавното обраќање. Само затоа тој текст заслужува одговор. Успиениот разум раѓа чудовишта, тоа одамна го знаеме. Рибокучопилите на Андоновски се чудовиштата на еден подолго време заспан разум. Да не дозволиме од талогот на нашето севкупно незадоволство, талогот по кој гребат и заспаните и занесените, но и опасните професионални мативоди, во јавниот простор да ни се разлетаат - рибокучопилите.


Втор дел

Лошиот вкус води во злочин

Бидејќи живееме во оној тип луди и интересни времиња, како што вели Ниче, кога комедијантите од сите видови стануваат вистински господари, решив конечно да признаам: Венко Андоновски, кога Хашкиот трибунал го споредува со Аушвиц и инквизицијата, не е дворски шут туку наш политички господар!

И уште една работа деновиве сфатив во нашава весела стварност во која вистината станува, како во Кралот Лир, "пциште што мора да се прибере во дувлото": проблемот на комедијантите-господари од типот на Венко Андоновски не е во нивното евидентно и гротескно неразбирање на политиката и историјата туку во нешто, според мене, уште пострашно: во лошиот вкус. Лошиот вкус води во злочин, велеше Стендал. Примитивизмот, неспособноста да се води принципиелен разговор, води во силеџиство и бруталност. А дека живееме во брутализирана култура, чиишто можеби најмаркантен симбол токму е несреќниот дидактичар кој самиот моли да не биде сфатен сериозно и со кој преку сила, токму од дидактички причини, мораме да се занимаваме - не треба многу да се докажува.

Експлозивната смеша од политички комедијант-дилетант, реален господар и човек со неверојатно низок и лош вкус, значи, е мошне опасна. Само затоа, повторувам, заради јавната хигиена и одговорноста да предупредам, многу неволно, свесен дека одговарајќи на примитивизмот заложувам дел од сопственото достоинство, ви го испраќам писменцево.

Слики: Свирачиња

Утрински весник, април 2005