Уметноста, рекламата и отпорот

10.06.2015 10:11
Уметноста, рекламата и отпорот

“I understand I use the word “fuck” a lot, and I wanna “apologize” about that... but I don’t give a shit!” Ова се зборовите на еден стенд-ап комичар (името не му го знам, не е ни битно). Она што е интересно за потенцирање во оваа изјава е потсвесната индиферентност која комичарот ја има кон сопствениот јавен ангажман. Да, на едно свесно ниво тој разбира дека не треба да се извинува заради сопствената вулгарност, оти тоа оди во колизија со слободата на говор и креативноста на комичниот перформанс. Меѓутоа, пострашното во случајот е што користењето на зборот “fuck” (кој, во случајов, ќе го сфатиме како парадигма на слободата на говор) за него нема никакво длабинско, суштинско, субверзивно значење. Нему едноставно не му е гајле за тоа! Да, тој знае дека го навредува малограѓанскиот морал, нему не му е гајле за тоа, но што со тоа, кога не навлегува во СУШТИНАТА на ПРОБЛЕМОТ на малограѓанскиот морал. Тој ја има слободата на говорот да каже што сака, ама по ѓаволите со таа слобода која не навлегува во оние општествени дупки, во кои неа ја нема (или е загрозена).

Герила-перформанс акциите на #Протестирам не се такви. Но, за жал, не се ни нешто поуспешни од безопасноста на анонимниот комичар. Зошто? За разлика од него, перформансите на Протестирам бликаат од јавна одговорност, тие инсистираат да се зафатат со суштината на нашиот проблем. За тоа нема сомнение. Меѓутоа, онаму каде што анонимниот комичар може да поентира (да ја разбранува јавноста која внимателно го слуша), а избира да остане на безопасната и евтина „комичност“ на вулгарноста, таму #Протестирам не успева заради дијаметрално спротивни причини. Тие неизмерно сакаат да ја разбрануваат јавноста, но проблемот е што неа кај нас ја НЕМА, а онаа која ја „боцнуваат“ е премногу мала (или со дефицитарна критичка свест) за да се зафати со проактивно решавање на нашиов проблем. Тоа е така, заради тоа што нашиот проблем има многу понагласен степен на итност од оној на малограѓанскиот морал, кој, гледан од сегашен ракурс, за нас има занемарлива важност. Згора на тоа, нагласениот слободен ангажман на #Протестирам делува цинично и виртуелно во една средина, во која токму слободата е дефицитарна (за ова подолу).

Да се разбереме, оти мислам дека мојот претходен текст не беше доволно јасен. Ангажираната уметност е секогаш добредојдена. Но, дали неа треба да ја повикаме на помош во овој период? Со оглед на околностите, мислам НЕ! Јасно и несомнено е дека уметничкото дејствување/ангажман може и треба да има политички карактер и, што е уште поважно, реално влијание во општеството. За жал, мислам дека моментално, на краток рок (а можеби и на среден), тоа дејствување не може да ни користи. Зошто?

Данскиот режисер Ларс фон Трир убаво го има опишано начинот според кој уметноста може позитивно да бранува. Според него, уметноста треба да е нешто како камче во чевелот: да не ни овозможи прилагодување на убавиот привид кој го нуди индифирентната уметност/популарната култура и, што можеби е побитно, да оневозможи анестезирање на публиката, која во светот на новите медиуми е и онака наведена проактивно да се однесува кон уметноста. Напротив, уметноста треба да иритира, да нè мачи, да соочува со оние аспекти на постоењето кои наложуваат влегување во еден циклус на перманентно преиспитување на постојното. Таквата уметност на долг и среден рок (перспективно) гради критичка јавна свест и таа е нужна во процесите на зреење на едно граѓанство, кое би било освестено за општествените проблеми. Всушност, гледано од овој аспект, уметноста и не мора да биде експлицитно ангажирана за да помага при градењето на едно критички настроено граѓанство. Доволно е да е квалитетна, колку и да звучи ова амбивалентно, зашто само ТАКВАТА уметност остава простор нејзината публика да влегува во процес на комуникација и нејзино квалитативно (а во случајот на интерактивните уметности и структурно/семантичко/функционално) докомплетирање, толкување и пресоздавање.

Причините поради кои ваквиот вид ангажирана уметност кај нас, за сега, нема реална општествена резонанца можат лесно да се претпостават, со оглед на нејзиниот правопропорционален однос кон граѓанската свест. Освестено граѓанство нема потреба да слуша прислушкувани разговори меѓу државни функционери, за да знае колку е часот. Здрава јавност нема потреба некој да ѝ нацрта, да ѝ стави на тацна, да ѝ набута во грло докази дека власта е криминална и авторитарна, за таа тоа да не може долго претходно да го сфати. Да беше нашето граѓанство такво (а не е, зашто состојбите во секторите на образованието и културата се девастирани), метастазираниот идиот одамна ќе беше општо препознаен како таков, а не дури сега. Да не должам, на нашето граѓанство му беа потребни прислушкуваните разговори, зашто е навикнато да ги разбира само таквите лесно сварливи, недвосмислени информации, кои, патем речено, ги нудат токму индиферентните, обесполитизирани „уметности“ од типот на сапунските серии. Модернистичките „егзибиции“ се за нашата културна средина комуњарски обезличувања, а критичката свест кои тие ја предизвикуваат непријателска пропаганда на „странските служби“. (Да не зборуваме за проектот „Скопје 2014“, кој наиде на плодно тло и некритичка свест, токму заради тоа што понуди еден досега невиден степен на лесна сварливост во неговата појавност, што воедно ја претставува и неговата суштина.)

Во вакви пресвртни периоди, во какви македонското општество моментално се наоѓа, улогата на уметноста навигира во еден исклучително лизгав терен. Таа мора да ја задржи својата слобода, својата автономија на дејствување, а е наведена тоа да го прави во еден јавен контекст, во кој слободата е сериозно доведена во прашање; во една средина во која автономното дејствување претставува идеал кој никако да го забележиме на хоризонтот. Има еден неомарксистички мислител, кој, повеќе од кој било друг, се занимавал со овој безизлез и неговото име е Теодор Адорно. На едно место тој вели: „Апсолутната слобода во уметноста, која сè уште останува слобода во индивидуалната сфера, влегува во противречност со трајната состојба на неслобода во целината. Во тој контекст, местото на уметноста стана неизвесно. Автономијата, која уметноста ја бараше откако се ослободи од својата култна функција, ја нагризуваше идејата на хуманитетот и стануваше дотолку повеќе разнишана колку што општеството стануваше помалку хумано.“ (Teodor V. Adorno, Estetička teorija, Nolit, Beograd, 1979, str. 25.)

Безизлезот на Адорно се однесува на дилемата: како ќе ја позиционираме уметничката слобода во коегзистенција со експоненцијалното растење на општата неслобода?! За Адорно, уметноста за која вреди да се говори е уметноста која задржува нагласена автономија, како кон надворешната стварност, во пошироката смисла на зборот, така и кон нејзиниот нужно општествен карактер, во потесната смисла на зборот. Таквата парадоксална позиционираност на уметноста стои во сржта на филозофијата на уметноста на Адорно: уметноста, доколку може за неа да се говори како за вистинска уметност, мора да е нужно автономна, меѓутоа, од друга страна, потребата да се бара уметничка автономија во еден свет во кој човек е континуирано лишен од автономија истовремено претставува илузорен и вулгарно-елитистички потфат. Забележуваме дека Адорновиот негативно-дијалектички однос кон уметноста произлегува од нејзиниот нераскинлив општествен супстрат и од нејзиниот неизбежен конфронтирачки карактер кон сето постојно. Таа потекнува од неслободно општество, а е наведена (нема друг избор) на слободен начин да се однесува кон таквата стварност. Конфликтот е неизбежен и за него нема вообичаено дијалектичко помирување во некаква Хегелијанска синтеза.

Додека Адорно евентуалниот излез од овој ќорсокак го наоѓа во онаа уметност, која со својата дисхармоничност, несклад и атоналност, ќе претставува контратежа (можеби демистификација) на „трајната состојба на неслобода во целината“, во нашиов случај, ситуацијата е многу подраматична. За Адорновите дисонантни естетички заложби публиката кај нас е дефицитарна, а онаа која постои нема критички супстрат да го мобилизира индиферентното тивко мнозинство. Кај нас ја нема онаа уметност која ќе го нагризува култот на неслободата во целината (на пример, во МКД нема ниту еден забележителен фри џез состав!), за на тој начин да гради една критичка јавна свест. Но дури и да претпоставиме дека би можела да се изгради, што со тоа сега, кога ургентноста на предизвикот пред кој сме исправени бара real-time акција?!

Движењето #Протестирам се зафати со тоа прашање. Меѓутоа, нивната герила-перформанс уметност, со мобилизирањето на слободното и автономно дејствување во вакви услови, всушност, ја пародира слободата која очајно ја бара. Тие се поставуваат и дејствуваат во оној мал безопасен слободен простор (ова, сепак, сè уште не е Северна Кореја) и си ја играат својата безопасна виртуелна/адвертајзинг/culture jam игра, која може да има реална резонанца само на долг рок (во перспективниот проект на градење граѓанска свест). Тие како да ја игнорираат сеопштата состојба на неслобода во која се наоѓа целото општество (Адорновата целина) и си ги тераат своите СЛОБОДНИ рекламно-симулаторни игри со јавниот ангажман, слободата и замислената/посакуваната демократија со онаа публика, која едвај се собира во доволен број за да окупира раскрсница. Небаре поробениот јавен простор во кој се прпелкаме бара кампањи скроени според принципот на адвертајзингот, во кој сè минува, само доколку е дизајнерски допадливо и остроумно („копирајтерски“) изведено (па сега ќе го имаме #Протестирам во Истанбул, Бангладеш, Непал...?!). Простете, но мене ова ми личи на мајтапење со слободата. Граѓанското движење #Протестирам како да ни вели: Еве, ние најдовме простор да дејствуваме слободно во неслободно општество (е браво, супер!), кое безмалу се храни со секоја следна слобода која ја става во пранги?! (Имам впечаток како сите ние, за момент, да помисливме дека заминувањето на метастазираниот идиот е само прашање на време и дека во меѓувреме можеме да си играме игри. Јоханес Хан ни ја испорача болната вистина дека тоа не е така и дека за тоа ќе е потребно уште многу труд и болка.)

Не, слободата во вакви услови во кои моментално се наоѓаме се состои во препознавањето дека тоа значи „слобода“ да се стори НУЖНОТО или да не се стори НИШТО. Последното нешто што на нашата општа неслобода во моментов ѝ треба е некој СЛОБОДНО да дејствува, за да покаже колку сме сите НЕСЛОБОДНИ и на тој начин да се става над целата ситуација. Пломби, потерници, барокни костими, Јелена Жугиќ, Истанбул, Непал...? Уметноста сфатена како „слободна“ адвертајзинг дејност? Не, благодарам, за таквата циничност. Потребна ни е ангажирана уметност која ќе манифестира колку е болно да си неслободен (како што врескаше Зак де ла Роча од Rage Against the Machine во почетокот на 90-тите), колку таквата состојба те тера да го сториш нужното (како што детектираа Public Enemy во однос на правата на црнците во САД кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите), онаа неслобода која те тера да плукаш врз империјалистичките измети од луѓе (како Sex Pistols и The Clash во 70-тите)... Сите тие многу добро знаеја дека патот до слободата НЕ ЈА ПОДРАЗБИРА циничноста на слободното дејствување, туку, пред сè и над сè, НАЛОЖУВА болно соочување со и дејствување низ неслободата која неа ја оневозможува. Потребна ни е уметност која ќе ја манифестира нашата неслобода на таков начин, што нејзината демистификација ќе подразбира дејствување НИЗ неа. Затоа, многу поблиски ми се „перформансите“ на Саше Политико, кој знае каде треба да удри. Прашајте го како му е главата и можеби ќе ви стане јасно што значи прецизна дијагноза: за да се избори слободата, првин треба да детектираме дека патот до неа е лишен од слободен избор. Притисокот на реал-политичкиот момент, за жал, нè исправува пред следнава исклучивост: или ќе го сториш нужното за да дојдеш до слободата, или ќе го практикуваш единственото нешто што со неа можеш да правиш во состојба на неслобода: ќе ја симулираш и дотолчиш.

За крај, МОЛБА: Удрете ги кај што боли, но, што можеби е побитно, удрете, бре, онаму кај што нас нè боли, онаму кај што неслободата ја осеќаме толку болно, што веќе не можеме да ја издржиме. Искинете ги тоа рекламните потерници и пломби и дајте да крикнеме, за потоа, откако катарзата ќе помине, да можеме да влеземе во процес на вистинско ослободување!

Слики: Serial Cut

ОкоБоли главаВицФото