Двојното лице на слободата

11.06.2015 10:32
Двојното лице на слободата

Иако проблемот на слободата е нерешлив, сепак можеме да расправаме за него, да застанеме на страната на случајноста или на потребата... Нашиот темперамент и нашите предрасуди ни олеснуваат една опција што одговара на проблемот и го поедноставуваат, но без да го решат. Додека ниедна теориска конструкција не успева да ни го соопшти неговиот чувствителен карактер, да направи да ја почувствуваме неговата густа и комплицирана реалност, една привилегирана институција нè сместува во самото срце на слободата, наспроти сите аргументи измислени против неа. И тогаш се плашиме; се плашиме од бесконечноста на можното, зашто не сме подготвени за едно толку големо и неочекувано откритие, за едно такво опасно богатство кон кое се стремиме и пред кое се повлекуваме. Што ќе правиме ние, навикнати на пранги и на закони, пред една бесконечност на иницијативи, на еден разврат од решенија? Соблазната на арбитрарното нè згрозува. Ако можеме да започнеме секакво дело, ако повеќе не постојат граници за инспирацијата и за каприците, како да ја избегнеме нашата гибел во пијанството на една толкава моќ?

Совеста, потресена од ова откритие, си поставува прашања и се вџашува. Кој на светот што може да располага со сè не бил обземен од една чудна вртоглавица? Убиецот неограничено ја користи својата слобода и не може да се спротивстави на помислата за негова семоќ. Желбата да му се одземе животот на другиот е присутна во секој од нас. Ако сите оние што сме ги убиле во нашата помисла навистина исчезнат, земјата би останала без жители. Носиме во себе еден воздржан џелат, еден нереализиран злосторник. А оние што немаат храброст да ги признаат своите склоности за убивање, убиваат во сон, гарнирајќи ги нивните кошмари со трупови. Пред еден апсолутен суд, само ангелите би биле прогласени за невини. Тоа е затоа што не постоело суштество што не би ја посакало - барем несвесно - смртта на некое друго суштество. Секој зад себе влече гробишта од пријатели и непријатели; и малку е важно дали овие гробишта се скриени некаде во длабочината на срцето или се исфрлени на површината на желбите.

Слободата, сфатена во своите крајни импликации, го поставува прашањето за нашиот живот или за животот на другите; таа повлекува една двојна можност, да се спасиме или да исчезнеме. Но ние не се чувстуваме слободни, нашите шанси ги сфаќаме единствено преку моралниот елан. И токму повременоста на овој морален елан, неговата реткост, објаснува зошто овој свет е само една просечна кланица и еден фиктивен рај. Да се расправа за слободата не води кон ништо, ни кон добро, ни кон лошо; ние имаме смо одредени мигови кога стануваме свесни дека сè зависи од нас...

Слободата е етички принцип со демонска суштина.

Извор: Précis de décomposition
Скулптура на сликата: Myeongbeom Kim

ОкоБоли главаВицФото